Skip to content

Барбара – Жак Превер

  • by

Се сеќаваш ли Барбара

Врнеше без престан

Врз Брест тој ден

А ти одеше насмеана

Наврната зрачна маѓепсана

Под крупните капки на дождот

Сети се Барбара

Те сретив во улицата Сијам

Се смееше

И јас се смеев

Се сеќаваш ли Барбара

Не те познавав

Ниту ти мене

Се сеќаваш ли

Се сеќаваш ли на тој ден

И не го заборавај

Еден човек в некој порти

Засолнет

Го викна твоето име

Барбара

А ти отрча кон него низ дождот

Наврната зрачна маѓепсана

И му се фрли в преграб

Се сеќаваш ли Барбара

Не се лути што ти велам ти

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па макар само еднаш да сум го видел во животот

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па дури и да не го познавам

Се сеќаваш ли Барбара

И никогаш не заборавај го

Тој дожд толку благ и среќен

Врз твоето среќно лице

Врз тој среќен град

Тој дожд врз морето

Врз арсеналот

Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна

И што е со тебе сега

Под дожд од железо

Оган челик и крв

А оној што те стегаше в преграб

Вљубено

Дали умре го снема или е уште жив

Оф Барбара

Сѐ уште врне врз Брест

Како што врнеше некогаш

Но не е исто оти сѐ е урнато

Тоа се само посмртни капки дожд

Ужасни и очајни

А не е ниту оној потоп веќе

Од железо челик и крв

Туку просто дожд од облаците

Кои ги снемува како пци

Како пци кои ги носи

Водената струја од Брест

Да изгнијат некаде далеку

Многу далеку од Брест

Од кој ништо не останало

Напишете коментар