Преминот од тинејџерскиот период во адолесценција е доста турбулентен каде се случуваат доста промени како на физичко така и на ментално ниво. Покрај биолошките фактори, се менуваат уште многу други нешта. Повеќе би се задржала во текстов на психолошките отколку на биолошките. Созревањето е долготраен процес кој не се случува одеднаш, нему му е потребно време.
Кога веќе личноста излегува од пубертет и од тинејџерскиот период таа преминува во адолесцентен период. Тогаш следи една нова етапа, нова животна доба за која никој претходно нема подготвка. Со завршување на средното школо се заокружува тој тинејџерски период, а матурантите се подготвени за преминот од едно во друго „животно поглавје“.
Матурантот е пред голем предизвик и треба да направи различни избори за понатамошното живеење. Пред него е избор на соодветно образование. Можеби некој ќе започне одма со некаква работа, но во поголем број се оние кои се одлучуваат да продолжат со школување почнувајќи со студии. Нема подобар избор од оној кој сам ќе го направиш, тоа е пораката до идните студенти. Да го одберат оној вид на студии кој најмногу им одговара. Да го изучуваат она за кое се заинтересирани да го продлабочат своето знаење. Напоменувам дека мора да биде пресудна и желбата да се студира тоа што ќе се одбере.
Секое вмешување на други во изборот би било излишно и потполно непотребно. Затоа што на крајот, самиот студент е оној кој ќе го носи „товарот“ од тој негов избор, сам ќе оди на предавање, сам ќе учи и ќе спрема колоквиуми и испити. Студентот самиот ќе сноси одговорност за своите избори. Уште една порака: знаењето што ќе го стекнете додека студирате (па и претходно) никој нема да може да ви го земе. Затоа учете за себеси, а после тоа резултатите ќе говорат самите по себе.
Самото започнување на таканаречен „нов живот“, можеби и нов живот во нов град за вас, со себе носи доста предизвици, како и големи одговорности кои претходно сте ги немале или биле сосема незначителни. Промената на животната средина, односно промената на местото на живеење некои ќе ја поднесат потешко, а некои многу полесно ќе се адаптираат на новите животни услови. Најважното е дека: во тој период започнува осамостојувањето, а задачите стануваат поголеми и бараат посветеност и редовно исполнување. Сето тоа за да не се скршне од патот, самодисциплината е клучот доколку сакате да ја исполните секоја задача. А, ќе ја исполните доколку силно верувате во себе и во своите способности.
Бидете смели и храбри, не се двоумете многу во вашите избори, испробајте нови работи, истражувајте, правете работи кои никогаш не сте ги направиле, без да се плашите за можните исходи. Сепак, бидете внимателни. Овој период е специфичен сам по себе, си има своја убавина како што всушност има секој еден период од нашите животи, но велам овој е специфичен затоа што созревањето е веќе започнато, исправени сте пред многу избори, донесување на одлуки, заклучоци, планови, па можете да бидете и збунети, па дури и исплашени. Но, тоа е сосема нормално. И му се случувало речиси секому барем еднаш.
Она што би помогнало е кога би можеле да се замислите после десет години од вашата сегашна возраст. Да пробате преку визуелизација да се видите себеси и вашата положба после толкав период. Што би сакале да правите после десет години? Како се замислувате себеси? Дали сте го направиле вистинскиот избор и можеби би требало да ја работите работата од вашите соништа? Вакви прашања може да си поставувате до бескрај. На многу од нив можеби нема да го знаете одговорот затоа што животот е самиот по себе многу непредвидлив.
Доколку си поставувате прашања полесно ќе донесете заклучок што всушност вие сакате да правите во него и како ќе сакате да го живеете. Не е лесно да се направи вистинскиот избор, но кога веќе еднаш ќе е донесен, бидете сигурни во него и замислувајте како веќе сте ја исполниле вашата цел. Колку е попозитивен вашиот став кон исполнување на вашата цел, толку полесно ќе ги „искачите“ скалилата кои водат до нејзе.
На сите кои се колебаат во своите одлуки им порачувам да не се паничат и да веруваат во себе. Кога станува збор за избор за понатамошно студирање тоа може и да почека година или две, додека не бидете сигурни во вашата професионална ориентација. Постојат и специјални тестови кои ги извршуваат психолози со кои би можеле да се консултирате како би ви помогнале во вашето професионално ориентирање.
Пред вас е државната матура која е само последен чекор пред вашиот конечен избор. После тоа конечно ќе се случи последно збогување со средношколските клупи. Секој од вас од нив ќе замине со свои сеќавања кои ќе ги памети цел живот. На идните генерациски средби можеби и ќе се раскажуваат случките што ви ги одбележале средношколските денови.
Сега ми останува да ви посакам честита матура и успех на секое поле во вашиот живот. На сите ви посакувам многу среќа на тестирањата. Верувајте во себе и бидете одлучни. И запомнете: можете да остварите сè што можете да замислите, доколку верувате во тоа и „работите“ напорно за негово остварување.
До следно! На здравје паузирање.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.