Мојата приказна е чиста вистина, чиста како утринската роса на листот на розата. Kако солзата на вљубената девојка, чист љубовен нектар чуван од памтивек.
Бев еден цвет, растен во шарена цветна градина, во која не цветаат само рози, туку има и трња, а расте и по некој бршлен. Но, токму тие трња ме сочуваа од наездата на животните предизвици, кои понекогаш беа силни, како најсилни бури и урагани.
После бурата и затишјето кое настапи, врз пепелта на болните спомени ја изградив својата рајска градина во која цветаше љубовта.
Во неа и од неа го гледав и повторно го градев соспствениот живот. На филмската животна лента ги насликав сите мои желби и визии, конечно со главната и најодговорна улога за сопствениот живот и сопствената иднина.
Скоро цел живот сум била во заблуда, слепо сум чекорела по патеката на животот, како што грдото пајче скоро цел живот го помина со сознанието дека е грдо. Различно од средината во која живее, без вистински да погледне во својата душичка, пред да се огледа во огледалото на вистината, конечно да види дека тоа всушност е прекрасен лебед и не припаѓа на пајчињата.
Конечно да сум своја со својот род по дух и вера и по плодот што го давам на својот род и на сиот свет.
Убаво е да можат сите луѓе да се погледнат и препознаат себе си, за да бидат среќни и радосни. Затоа што само буден и незаблуден човек, необременет од минатото и лошите спомени. И од сите товари кои не треба да ги носи на плеќи, може да биде задоволен, исполнет, среќен.
Само таков човек може да носи во своето срце и душа љубов. Љубов која може да ја види и почувствува сиот свет.
Сѐ што ни треба и сѐ што имаме е во нас. Тоа е нашето богатство, нашето сѐ. Без тоа богатство секој човек е никој и ништо. Каросерија со вакви или онакви перфоманси, подложна на корозија од забот на времето или невремето.
Ние сме одговорни за сопствениот живот. Ние сме сценаристи и режисери на сопствениот филм – ЛА ВИТА Е БЕЛА (ЖИВОТОТ Е УБАВ).
Анита Бошкова