Skip to content

Писмото од Анте Поповски до добитничката на златен венец на СВП

 

Најголемиот број македонски читатели досега немале можност да го прочитаат есејот со наслов „ВАРТОЛОМЕЈСКА РОМАНСКА НОЌ“, кој всушност е писмото што академик Анте Поповски своевремено во вителот на романската револуција и падот на диктаторот Чаушеску го упати до Ана Бландијана, годинешен добитник на Струшките вечери на поезијата!

За недоволно упатените, Бландијана е една од најценетите современи европски авторки, но и симбол на бунтот – против тоталитаризмот на Чаушеску, цензурирана, пргонувана и забранета авторка. Своите ракописи кога ќе излезела од домот морала или да ги понесе со себе или да ги скрие (оставајќи ги во домовите на своите доверливи пријатели) – поради оправдан страв, тие да не ѝ бидат запленети или уништени.

Почитувана Ана Бландијана,

Нема ни цел месец од Твоето писмо, сето во грижи и сето во лоши претчувства. Си помислив-човечка работа е немирот, човечка работа е возбудата. Со други зборови-не сакав да им верувам на твоите претчувства. Си велев: Сепак Европа сме, сепак имаме право на поспокојни разврски на немирот во кој сме доведени.
Долго размислував како да се обратам: на Вие или на Ти. Си реков: во поинакви и други околности, јас пак ќе се вратам на Вие, а овојпат ќе се обидам со сè што можам да ја намалувам разликата и да ја назначувам блискоста: Ана Бландијана овој час е поетеса на една револуција, Ана Бландијана овој час не е медитација и податлива на граѓански формализам.

До вчера, кој од нас живите можеше да сонува дека ќе доживее да следи директен пренос на една национална револуција? Во сите нејзини етапи, во сите нејзини морални и епски размери? Ете, го доживеавме и тоа, со денови и ноќи и натаму стоиме како заковани покрај телевиозрите и секој на свој начин има сопствена верзија на конечната разврска на оваа драма. Морам да ти признам нешто: не бев уверен во неопходноста од овој пренос. Поради немирот кој го носи, поради емоционалниот шок кој го наложува, поради имплицитните асоцијации кои ги предизвикува. Веднаш потоа се запрашав: па нели е неделив Светот? Зар страдањата на Романецот треба да останат само негова судбина.

Особоено во миговите на вистински очај, кога голорак се нафрли врз еден стравотно ригиден и дехуманизиран режим, бранет со најсовремени средства за масовно уништување? Денес со сигурност можеме да судиме дека тој пренос останува првокласен настан: првпат во историјата човештвото како тоталитет беше учесник и сведок на една револуција, беше победник и поразен, беше херој од античките драми и отпадник на иднината.

Сето ова беше овозможено благодарение на исклучителната етика на новинарската професија и на јунаштвото на новинарите. Видовме примери кои влегуваат во самата суштина на херојството. Со голема возбуда признавам дека сум горд од сè она што како саможртва во оваа драма го дадоа југословенските и македонските новинари. Знам дека ќе се насмееш или ќе одмавнеш: а што да речеме ние би ме прашала? Се разбира дека не се ни обидуваме да спориме и да споредуваме.

Вие почитувана Ана Бландијана, не можевте да го видите она што го видовме ние. Вие низ детали ја создававте претставата за целото, ние низ неговиот тоталитет ги насетувавме личните драми на Романецот. Вие немавте време да го видите сето она што го видовме ние , вам ви остануваше време само за својата смрт, само за својата погубија. Ние беспомошно го следевме сето тоа, гледавме цел еден народ како се пресоздава во жив факел, во еден единствен романтичен јунак кој во невиден занес влегува во суштините на колективниот историски подвиг.

Го гледавме она што допрва ќе го изучуваат и социолозите, и историчарите, и антрополозите, и политичарите, и новинарите и воените стратези. Гледавме и со целиот ваш народ се провиравме низ оган, легнувавме под тенкови, со ноќи бдеевме по плоштадите на Темишвар и Букурешт, мавтавме со испокинати знамиња , ја пеевме вашата вистинска химна и гледавме како во стравотен пролом се урива еден од најдеспотските режими на модерна Европа!

Ги слушавме очајните повици на генералите, го чувме Стефан Аугустин Доинаш, го слушавме обраќањето до народот дека крвникот се обидува да избега и да се засолни, видовме како со вашата сопствена крв потпишувате категорчка забрана на употребата на зборот РЕВОЛУЦИЈА. Политичките хохштаплери во нашиот век, секој свој потег си го ценат за револуционерен и на тој начин се обидуваат да го маскираат очајот во кој ги доведоа своите народи. Колку пати само и вашиот крвник го упогтреби овој збор, правејќи од зборот лажен олтар во кој самиот беше и ангел и Јуда, и Бог. На тој олтар беше жртвувана судбината на романскиот народ и неговата историска мисија.

Не треба да се оди далеку. Треба да се потсетиме само на неговиот последен говор за да се види само со каков грч со каква омраза се нафрли врз сопствениот народ, именувајќи го и предавник и контрареволуционер, и фашист. Зад неговиот поим РЕВОЛУЦИЈА тој ги ковеше вартоломејските романски ноќи. Вие му го одзедовте нему правото на тој збор и го отелотворивте неговото значење со сопствена крв. Едно имавте само- сопствениот живот и убаво видовме и во каков подвиг и во каков занес ѝ го подаривте на таковината.

Почитувана Ана Бландијана,

Убаво видовме дека човекот не се плаши од ништо толку многу колку од допирот со слободата. Гледавме на дестици и стотици илјади народ, стиснати еден до друг како ѝ гледаат в очи на смртта. Гледавме народ без каков и да е страв како се здружува и здружен како се пресоздава во спротивност на стравот. Убаво видовме како расте еден идеал, како една голема енергија се пресоздава во оган. Видовме како беспомошните гинејќи се пресоздаваат во татковина на поколенијата кои допрва ќе дојдат.

Видовме мајка и врз нејзините скаменети гради фрлено доенче: драматичен ни и идеален препис на поимот РЕВОЛУЦИЈА; видовме со свои очи како израснува една бесконечна вартоломејска ноќ сред Европа, или поточно –одново сред Европа, но овојпат потпишана не од Катарина Медичи, туку крвавиот Никола и крвавата Елена. Така, видовме дека масовниот симбол , не се ниту морето, ниту шумата , ниту песните, ниту војските туку-крстовите. Видовме, почитувана Ана Бландијана –она кое до денес не можеше да се види: народот од крв и коски како самиот се пресоздава во историски пресврт!

И овојпат, почитувана Ана Бладијана, се покажа дека побуната на мислата и претходи на побуната на оружјето. Поточно нештата што се случуваат во животот се само препис на истите нешта што се случиле претходно во литературата.

Денес вам ви е Бадник. Под голо небо во декемвриска ноќ, на дестици незакопани херои лежеа покриени со бели чаршави и безброј запалени свеќи. Меѓу свеќите се она што нашите мајки го стават на трпеза на Бадник. Се слушаа само далечни одѕиви на ноќни птици, лелекања на беспомошни мајки. Признавам: ноќта спроти Бадник , трпезата под отворено небо-беше најпотресниот момент на романската револуција , декември 89. Се сеќавам на Рене Шар: ја покануваме слободата да седне и да го подели залакот со нас. Место на трпезата останува секогаш празно.

Те потсетувам на една ваша слика: шетам низ себеси, низ туѓ град во кој никого не знам. Навечер низ улиците се плашам , а во дождовите и замаглените попладниња , студено ми е и грдо. Никаква желба да се отпатува некаде кога и самото преминување на улицата е авантура. Никакви спомени од другите животи. Прашањаија: Кој ве доведе таму? И во името на што?
Како го предвиде сето ова? Во ниеден момент не се замисли над феноменот на симпатичката магија? Дека литературата му претходи на животот?

Ќе те потсетам на уште едно твое писмо: Колку мирни мртовци имаме? Не избиваат преку вулкани, не се помрднуваат под ѕидиштата ставени врз нив. Допуштаат да бидат заточени во статуите издлабени со движења на другите. Допуштаат да бидат изорани и совесно гнијат хранејќи ја земјата. Се чудиш колку мирни мртовци имаме , и уште-преморени! Ноќе сонувам некои војски како се кикотат, а ние паѓаме како класје наоколу…
Имам ли право кога тврдам дека она што се случува во животот е само последица и препис на она што веќе се случило во литературата?

Кога ги читав и препрочитував ове две Твои писма, јас постојано си го поставував прашањето, зошто Ана Бландијана преку мртвите им се обраќа на живите? Сега сфатив: разликата меѓу едните и другите, практично не постоела! Но, да се сетиме при ова и на големиот Никита Станеску и тој одново нека ни помогне: исторјата се згустува во величествени зборови, велеше тој, иднината ни се претставува во форма на говор искажан со уста многу посовршена од нашата…

Во случајов нема ништо посовршено од потписот што го ставија со своја крв романските девојки и момчиња врз песната за војникот на Никита. Една занесно убава песна се наложи над сета инферналност на предавството и се вообличи во химна на народот. Ти не си имала време да ја чуеш девојката која директно од боиштата во Букурешт , пред телевизијата, како одговор на прашањата што и беа поставени – ја изрецитира песната на Никита Станеску.

Јас сум војник на една мала земја
Моја победа е-мојата смрт
Можам да победам само доколку умрам
Го обесчестувам своето тело
за невино да остане
телото на татковината.

Не треба ништо повеќе за да се увериме сосема во фактот дека побуната на мислата и претходи на побуната на оружјето стави точка на тоа патување меѓу урнатините и во провидното утро подготви ја крвта: топла крв чека пиратот! Тоа е барем факт!
Од октомври 1917 година наваму, една голема и благородна идеја за еднаквост и братство, ги обедини луѓето во еден идеал и во една голема надеж: победа на сеопштата револуција на човечкиот дух. Денес се провираме низ урнатини на една голема идеја: и тоа е непореклив факт. Ниту е време, ниту е место денес тоа, во овој час да се расправа: супмисивни, ригидни типови, ништејќи се друго околу себеси, оставија пустош и обезглавеност , оставија еден трагичен погром на етичките сознанија, оставија несреќи, го запреа универзалниот историски прогрес и го вратија народот на самата бездна меѓу библијата и легендите.

Одеа, фрлајќи ги в оган записите на невините монаси отаде сите векови, ги фрлаа во пламен човековите искуства и ум, ги гореа архивите и библиотеките, ја разоруваа својата сопствена земја, ја пресоздаваа во подземни тунели, за низ нив да се движат непречено фантомите кои сееја смрт на својот народ. Тоа е трагичен биланс на еден процес на кој полека му се гледа крајот.

Почитувана Ана Бландијана,

Има една голема утеха во сето ова: одново се покажува во сиот сјај младото поколение:жив препис на правдата, на честа и на напредокот. Останува сознанието дека тоа поколение ќе умее да ги одбрани мртвите –штом веќе претходно не одбранија тие од разбојниците на историјата. Ние овие денови, следејќи го текот на вашата револуција не видовме страв на лицето на народот: видовме нешто кое граничи со самата суштина на филозофијата- смртта се восприемаше како најнормален чин! Една стравотна рамнодушност означуваше равенството меѓу животот и смртта.

Видовме се што влегува во суштините на достоинството: народот немаше време да ги закопа мртвите. Имаше време само да гине. Во оваа револуција мртвите сами себеси се закопуваа! Се сеѓаваш ли:
Пискотници на коските напудрени со ѕвезди…
На жолтиот залез на сонцето девојките си ги
поздравија своите момчиња кои поаѓаа во смрт
и од градските ѕидишта заплакаа како во библијата.
Се сеѓаваш ли?

Тука застанувам во голема надеж чекајќи го Твоето наредно писмо во кое ќе ставиш точка на нашето бесконечно патување меѓу урнатините.

Извор

 

Напишете коментар