Skip to content

Новиот број на списанието „Стремеж“ излезе од печат

Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ деновиве излезе од печат. Списанието го издава НУКЦ „Марко Цепенков“ од Прилеп, со поддршка на Министерството за култура. Во рубриката Поезија, во првиот број на „Стремеж“ за 2019 година се објавени нови песни од Никола Маџиров, Љубица Трајкоска, Цветанка Колева и Стефан Марковски.

Во рубриката Проза, читателите можат да ги прочитаат расказите „За оние што посакаа да ги испитаат длабочините“ и „Земјата напукнуваше“ од Маја Апостолоска, како и расказот „Конец во јајцето“ од Габриела Стојаноска-Станоеска.

Во рубриката Препеви и преводи, во овој број на списанието се објавени поезија од естонскиот поет Јан Каплински, во препев на Никола Маџиров, песни од чешкиот автор Карел Сис, препеани на македонски јазик од Иван Доровски, и песни од молдавската поетеса Маргарета Куртеску (Марија Абрамчјук), во препев на Звонко Танески.

Во рубриката Критики, есеи, студии, застапени се споредбената анализа за сликата на таткото во македонската и балканската проза „Отец, татко, патер“ на Елизабета Шелева, текстот „Оглед за маргинализираните позиции на хуманистичките дисциплини и на компаративното проучување на литературите денес“ од Славица Србиновска, есејот „Дефиниција на поезијата“ од Борис Апостолов, освртот „За џунџулето на врвот на купот“ од Сузана Ѓорѓиевска кон постхумно објавената збирка раскази „Пушти ми музика да поиграм“ на Трајче Крстески и текстот „Рецепцијата на поетското творештво на Богомил Ѓузел во Словачка“ од Звонко Танески.

Извор

Напишете коментар