Мисли – Јована Јаневска

Постојат мисли – коњи,
црни пастуви кои 
трчаат низ душава
како низ зрело жито.
Постојат мисли – бранови,
Кои исфрлаат стари 
слики и копнежи,
за да потоа повторно се повлечат 
во длабочините на несвесното.
Постојат мисли – ветришта,
кои во налетот на лутина
одвејуваат бесмислени горчини.
Постојат мисли – скитници,
постојат мисли – номади,
чиј дом е смислата 
која никогаш не ја наоѓаат.
Постојат мисли – трагачи
оние на кои сонот 
им е непријател,
оние кои будат среде ноќ 
за да добијат запис,
оние пред кои секој закон има пукнатина 
и секоја вистина опачина.
Постојат мисли – реки
брзи и бистри,
оние од кои извира 
животната сила.
И доброто.
Ако ги имаш радувај се 
и моли се никогаш да не пресуши 
изворот на животната радост.
Постојат мисли – кафези, 
кои пред очите градат ѕидови.
И мисли робови,
чие бегство е 
неизбежно.
Постојат мисли – пролетни дождови,
кои измиваат во тишина,
како дождот прозорците,
за да повторно влегува светлина
низ пукнатините на душата.
Автор: Јована Јаневска


