Постои една девојка на која се восхитувам од тука до небесата. Се восхитувам на таа силна девојка, што одеднаш се претвори во таква. Се гордеам со неа бидејќи успеа да ги издржи сите бури, се гордеам бидејќи ниту во еден миг не се предаде и не се препушти на случајноста иако имаше многу мигови кога помислуваше на тоа. Подоцна сфати дека во неа се крие борец. Болката ѝ беше потребна само да го открие тој борец кој спиеше во неа кратко време бидејќи сепак животот ја принуди уште во младоста да се бори со светот. Таа знае како е да боли, а сепак да се бориш. Како е да крвариш и самиот да се зашиеш со таа остра игла, додека само солзите се мевлемот на таа крвава рана.
Се гордеам со неа бидејќи сепак на крајот знаеше дека ќе остане доследна на себеси. Се гордеам со неа, навистина луѓе. Нејзината приказна започна во оној миг кога животот ја стави во својот ринг. Додека таа сè уште неутешно плачеше она што го загуби на некои патишта со трње. Ја фати цврсто за дланките и ја внесе во рингот што тој самиот го сковал за неа. Животот ги покажа неговите канџи на нејзината бела, кревка кожа што не знаеше што е тоа болка. Ѝ ја отвори душата и ја нароси со болка. Безмилосно ја заши без анестезија и ја остави да крвари на подот.
И знаете што? Не се предаде. Со нејзините изморени очи погледна кон светлото што сè повеќе ја заслепуваше и мечтаеше да може да ги види ѕвездите. Мечтаеше да излезе од тој ринг на очајот, каде наспроти неа беше застанат животот. Како еден примерен тренер, што баш неа ја одбрал за да ѝ ги подари тие неверојатни лекции. Верувајте ми дека мечтаеше да ги напушти сите тие мириси кои се ширеа од неговата цигара и ѝ врзуваа јаже околу вратот. Сакаше да викне, но гласот ѝ беше одземен. Требаше само да молчи и да учи. Требаше да се изгради повторно.
Професорот Живот ѝ даде две опции. Или ќе се исправи и ќе погледне во неговите очи што понекогаш е еквивалентно со тоа да погледнеш во очите на пеколот. Или ќе остане запаметена како девојката што се предаде пред неговите удари. Ох, таа помисла ужасно ја болеше. Тоа будеше агресија и сила во неа. Уште еднаш ѝ подаде рака тој навидум немилосрден професор. Таа го погледна со одмаздољубив и предизвикувачки поглед и развлече една болна насмевка. Полека стана од подот и без колебање се ракуваше со тој живот. За миг тој беше во нејзините раце, без да го знае тоа. Цврсто ја стегна неговата дланка како воопшто ништо да не ја болеше.
Животот се насмевна под мустаќ, но се гордееше со неа. Јас ѝ шепотев од тој мрак: ,,Тој е навистина нежен и за да го спречи твоето уништување мора прво да те направи посилна. Тој прво дава тест, па лекција”, реков и нежно ја ставив раката на нејзиното рамо кое трепереше од болка. ,,А тестот е составен од нишки на пеколна болка, од нишки на непознатото. Од нишки на среќа како црвено вино што ја има моќта да те опијани и преку ноќ да те натера да прокоцкаш сè што имаш”, додадов и се повлеков.
Со изморен поглед, со тие сино-зелени очи, таа ја сви другата дланка во тупаница и зададе удар. Ја крена главата високо и ја прифати борбата. Беше одлучна да се спаси од сенката на тагата, беше одлучна да излезе надвор и да го освои светот. Животот дури затрепери на нејзината храброст. Поразот ѝ го отвори патот, а победата ја чекаше од другата страна со раширени раце. За што побрзо да ја прифати во прегратка. И сето тоа само затоа што таа имаше луда храброст да му се спротистави. Само затоа што се осмели да удри со глава онаму каде што никој не се осмелуваше ниту со рака да замавне.
И тука лежеше успехот. Успеа да се спаси од рингот каде практично мораше да влезе за да се преобрази од жртва во победник. Мораше да научи нешто повеќе и тоа добро да го искористи. Знаеше дека малото, наивно девојче, немаше да може да ги поднесе сите тие работи што следуваа. Не знам како, но ете таа некако тоа го знаеше. Неверојатно. Беше свесна дека уште многу болка ќе трпи, но исто така знаеше дека никогаш, под никакви услови немаше да се откаже од тоа да биде подобра верзија од себеси.
Знаеше дека со секакви луѓе ќе се сретне на овој животен пат и некои од нив ќе мора да ги прими во својата прегратка. И да ги преобрази од чудовишта во самовили, што е прилично тешка задача што може да ти ја зададе судбината. Знаеше дека во нејзините раце, со нејзиниот поглед ќе може да го скроти и најдивиот ѕвер, бидејќи во очите имаше толку нераскажани приказни, токму како оваа. Знаеше дека ако таа не се бори за она што го сака, никој нема да го стори тоа за неа.
Читателу, таа девојка знаеш ли која е? Ќе ти откријам една мала тајна. Оди пред огледалото и погледни во него. Тоа што ќе го видиш таму е таа девојка од приказната, тој борец кој никогаш не се откажал и нема да се откаже од тоа да ги поправи нештата. Погледни подобро во тоа сјајно стакло пред тебе и ќе го видиш борецот кој спие во тебе. Само продолжи да гледаш и ќе видиш колку неверојатности крие.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.