Кога би имала можност да разговарам (хипотетички замислено) со луѓето со ангелски глас или нешто слично на тоа, а не се повеќе меѓу нас, би сакала да им поставам многу прашања. Но, да речеме дека имам можност на секој од нив да им поставам само по едно прашање за секоја нивна отпеана песна. Несомнено е дека оставиле траги на музичката сцена, но пред сè тие биле обични луѓе како и сите останати. Фактот што тие имале талент со кој се надарени е извонреден. А уште поизвонредно е тоа што тие имале можност да го споделуваат преку музички композиции што остануваат да постојат со децении, па и векови. Музичките уметници се нешто слично налик писателите и сликарите, бидејќи нивните дела остануваат да живеат вечно.
Да жиевеат уметностите
Ако едните се во пишана или печатена форма, делата на музичарите се во аудитивна и имаме привилегија да уживаме во звуците колку што сакаме. Да живее музиката, и да живеат уметностите без кои светот ќе беше црно-бел. Кога би имала можност да разговарам со еден од нашите најдобри машки вокали кој за жал не е повеќе меѓу нас, би му поставила толку многу прашања за неговите соништа, за работите коишто го прават среќен, за неговите ставови за животот, за среќата, љубовта, тагата…Но, да замислиме дека смеам да му поставам само по едно прашање за секоја негова песна. Погодувате за кого станува збор, нели?
Вечниот непребол, единствениот Тоше би го прашала дали беше среќен и кога киснеше на дождот стиснат под чадорот? Би го прашала и дали до него стигна писмото што таа „Некаде во ноќта“ го пишуваше за него? Ме интересира и каков е тој мост од нежните прегратки што ги имал со таа што му оставила бакнежи на неговите бели кошули што му буделе спомени.
Прашања чии одговори никогаш нема да бидат дознаени
Ме интересира дали кога бил усни на усни со саканата го доживеал тоа чувство на чекор од вечноста. Но ми доаѓа да си плачам кога ќе ми текне дека никогаш нема да може да ми даде одговор на прашањава. Во неговата „Тајно моја“ вели дека ѝ пеел под прозори, а јас би сакала да го прашам „дали откри што му значи таа и дали успеа да ја прати ѕвездата за да ја повика неа?“
Во „Рани на усните“ би сакала да знам колку страници има неговата „книга на слабости“ и дали таа неговата сакана успеала да ја прочита цела?
Во „Лошо ти стои“ сакам да прашам зошто лагата е слатка како пеперминт, а не лута и дали навистина постоела таква која што можела него да го предаде? Во „Соба за тага“ би сакала да знам зошто неговите чекори биле тешки како олово и дали често ја посетувал таа соба за тага? Би сакала да знам дали таа успеала да го погледне во очи и дали успеала да му го прочита од усни тоа што тој сакал да биде прочитано?
Сите прашња се извлечени од текстот на песните
Дали успеа да ја допре таа студената по која сите се крстат и сакаат да ја допрат со прсти? Какви се тие килими од свила и дали беше среќен кога на гради ѝ заспиваше и се криеше од тага во „Ех да сум злато?“ Дали таа што се појави и не беше како сите други, што посакуваше да го скрши со усни, дали успеа за неа да рече „само моја си?“ Дали илузијата во мисла видена успеа да му стане реалност барем на еден ден? И за крај, зошто не умре од љубов туку мораше да умреш на таков суров и несреќен начин?
Прашања до уште еден наш пејач кој прерано си замина
Кога сме кај македонските пејачи што не се меѓу нас, не може да не се сетиме на Влатче Илиевски кој од пред нешто повеќе од една година го напушти овој свет. За неговата „И премногу добро“ имам многу прашања, но ако мора да одберам едно би го прашала зошто се чувствуваше проклето сам во тој голем океан наречен свет? И во неговата „Најбогат на свет“ ме интересира колку се чувствувал најбогат на свет кога му се смеела таа што била дел од него и што му била негов свет, со што би го споредил тоа чувство?
Во „Само за неа“, како собирал ден со ноќ и која беше таа за која пееше? Во неговото „Последно танго“ ме интересира дали го одиграл тангото со сенките од липите? И жалам што „последното танго“ нема да може да го одигра некаде во староста, туку мораше да оди да игра танго горе на небото, заедно со Ангелите.
Прашања до Елтон Џон, Џорџ Мајкл, Елвис Присли, Витни Хјустон и Ејми Вајнхаус
Од светската музичка сцена постојат многу повеќе уметници што не се помеѓу нас, но само за неколку од нив имам прашања. Елтон Џон би го прашала дали тој калеидоскоп спомнат во „Дали можете да ја почувствувате љубовта вечерва?“ уште функционира на ист начин и дали некогаш луѓето еднаш ќе научат дека во животот сè се врти (дека е како круг) и дека сè се враќа? И што тој „жртвувал“ во име на љубовта? Би го прашала и Џорџ Мајкл колку е скапа слободата? Исто така во „Верба“ ме интересира кога таа река ќе стане океан и дали вербата може да нè одржува во живот?
Елвис Пресли би го прашала дали успеа да ги изгради неговите соништа без сомнителен ум? Кога станува збор за кралот на поп музиката, Мајкл Џексон, би го прашала дали тој ќе можеше да го направи светот подобро место ако се погледнеше во огледало и се прифатеше каков што е без да сака драстични физички промени кај себе? И за крај, ќе додадам и две дами на списокот кои заслужуваат да бидат спомнати. Имам многу прашања кои би можела да ѝ ги поставам на Витни Хјустон кога би била жива, па едно од нив гласи вака: „Дали можеш некого засекогаш да сакаш дури и кога знаеш дека таа љубов никогаш нема да ти биде возвратена?“.
И прашањето наменето за Ејми Вајнхаус од „Бек ту блек“ е како е да се умре стотици пати, а сепак да се остане жив? За секое прашање си создадов претстава за одговорот кој би можел да ми биде даден. Но никогаш нема да го дознаеме нивниот автентичен одговор. Постојат уште многу прашања кои би им ги поставила на луѓето што не се меѓу нас.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.