Skip to content

Бидете љубезни со сите бидејќи секој што ќе го сретнете води тешка битка

Платон не го мислел ова залудно кога го изговорил – дека секој води тешка битка. Затоа тој советувал да бидеме љубезни едни кон други. Денес е светскиот ден на љубезноста кој за првпат се прославува од 1997 год.
Љубезноста ништо не чини – а значи толку многу! Никогаш не можете да знаете во кој момент вашата љубезност некому ќе му го промени денот, па дури и животот. Постојат еден куп примери или начини на кои можеме да покажеме љубезност. Бидејќи сметам дека сите знаеме што значи да се биде љубезен, претпоставувам дека секој има направено барем еден таков потег или некој ви направил вам.

Кога треба да учиме од децата

Во некои моменти децата знаат да бидат многу пољубезни од возрасните. Од нив треба да се учи. Љубезниот потег детето го видело некаде, исто како што некаде ќе го научи лошото однесување. Како што децата знаат да бидат позитивен пример и го отсликуваат домашното воспитување преку начинот на кој се однесуваат, ние возрасните треба нив да им служиме како пример во секое време. Не само заради потребата да претставуваме позитивен пример, туку и поради тоа што треба да бидеме доблесни и одговорни возрасни. Токму такви коишто ќе си подадат рака во неволја секогаш кога ќе биде потребно.

Потрагата по престиж по секоја цена, трката за постигнување материјално богатство, станувањето популарен и притоа менување како личност поради слава, борбата за превласт, за повисока работна позиција и унапредување во кариерата, како да ги избришаа од луѓето сите добри особини, карактеристики. Како и оние малку доблести што им беа останати.
Оти, човекот во обидот да стане „нешто повеќе“ честопати знае да ја изгуби индивидуалноста, а во тој процес судирајќи се со најразлични случувања полека почнува да го губи чувството за емпатија.

За да се стане најдобар во нешто, не значи дека треба сите други да се „изгазат“ или да се надминат, не значи дека тогаш нема да ти требаат другите, не значи дека нема да има подобар од тебе. Знаете, љубезниот човек секогаш треба да биде таков, во секое време без оглед дали ќе биде забележан од останатите или не, без оглед на неговата позиција, професионална ориентација, (не)ситуираност, ниво на образование, потекло, место на живеење…

Кога си љубезен, таков си поради вистински причини и од добри намери

Љубезниот човек не разликува на кому ќе му направи добро дело, ќе се насмевне и кому ќе го поправи расположението. Во неговите очи некоја служителка, продавач во маркет, работник во фабрика и директорот на таа фабрика, сите се исти и се однесува кон сите подеднакво.
Заедничко за сите овие работници е што се луѓе, а со самото тоа што се луѓе треба да се почитуваат. Не поради позицијата, не поради „користа“ или „потребата“ што би ја имале од нив.

На љубезниот човек исти му се и уличните и расните кучиња бидејќи и на едните и на другите без размислување би им дал половина од својот ѓеврек. На таквиот човек исти му се сите деца. И оние што се фино дотерани по последна мода и оние што ќе ги види на улицата во парталава облека. Со една разлика што на овие вториве кога би имал можност одма би им купил или поклонил други и потопли алишта, бидејќи ним им се повеќе потребни. Би го направил тоа исто како да го прави за своите деца.
Но, постојат и такви кои не размислуваат воопшто на оваа тема. Токму таквите треба да ги разбудиме!

На тие што нема ни око да им трепне кога би се случило нешто неубаво пред нивни очи, на тие им фали љубезност од некоја причина. Можеби поради тоа што никој претходно не им покажал што значи вистинска љубезност. Кога би имало повеќе емпатија, кога луѓето нема да се гладни за љубов, топол збор, внимание и поддршка, тогаш сите би биле потопли и би се почитувале повеќе едни со други.

Да покажеме благодарност покрај љубезноста

Додека јас го пишувам ова, свесна сум дека таму некаде (без оглед на локацијата) постојат луѓе што немаат интернет и што никогаш не допреле тастатура, а сепак кога би се нашле во ситуација да помогнат некому, со нивните можности, веднаш би го направиле тоа без никакво размислување. Додека постојат и оние што имаат тастатура во секоја соба од нивниот топол дом и не ни помислуваат колку се благословени што дури и не покажуваат ни благодарност, а камоли да помислат да помогнат некому.

Немојте да бидете како вторите колку „високо“ и да се искачите. Потсетете се од каде сте почнале, ако не вие, од каде почнале вашите родители или нивните родители. Останете благодарни и човечни, великодушни и приземјени без оглед на сè. Помагајте секогаш кога сте во можност. Помошта и вам може еден ден да ви затреба, во неочекуван момент. Истата можете да ја добиете од некој од кој најмалку сте очекувале. Кога трпезата ќе ви биде преполна, не ја фрлајте храната и не градете високи ѕидови. Поделете го јадењето што ви е вишок со оние што немаат.  Оти таквите луѓе му се потребни на светот, бидејќи само таквите широкогради и великодушни, тие ќе го направат светот подобро место за живеење. Колку повеќе ќе ги има нив, толку подобро за сите.

 „Топлата насмевка е универзален јазик на љубезност“ – Вилијам Артур Вард

„Прави работи за луѓето, не заради она што се или заради тоа што го прават за возврат, туку заради тоа што си ти“ – Харолд С. Кушнер

Н.Н

Напишете коментар