Skip to content

Судбина

,,Што е судбината?” си помисли. Дали навистина беше судбина да се заљуби во него? Во овој човек, во кој очигледно има толку голем судир на емоции. Како можеше да го остави целото минато и да дојде до тука за овој човек кој не го познава ниту приближно доволно за да го засака? Што ли беше толку силно што ја доведе до овде?

Ах, неговите очи со боја на сафир. Таму пишуваше сè. Таму ја пишуваше судбината. Јас, нејзината сенка бев таму и ја демнев, во тој разговор што го одлучуваше нејзиниот живот. Тој седна спроти неа како еден вистински џентлмен. Неговата харизма ја опиваше, се гледаше по неа. За првпат после толку години, некој успеа повторно да ѝ влезе под кожа. Неговата мистичност, тоа студенило и жар од емоции кои ги крие во неговото срце. Не се предаваше.

Беше решена да не покажува колку ѝ се допаѓа. Одбра ладнокрвност. Не сакаше да искажува емоции кои подоцна постоеше можност да бидат искористени и фрлени во виорот на животот. Беше свесна дека доколу покаже и трошка од нив, оди во тотален пропаст. Тоа го беше научила на многу ригорозен начин. Но, има ли лек кога очите на луѓето зборуваат? Зарем она што се обидуваме да го премоличме, не ни се чита во очите? Ох, тие секогаш ја кажуваат само вистината. Она што устата го молчи, тие со сигурност ќе го искажат.

Тој ја извади цигарата. Со толку елегантни допири ја извади и запалката. Се кладам дека никогаш во животот душата на таа девојка не горела повеќе отколку во тој единствен момент кога тој седна покрај неа и ја гледаше на таков привлечен начин. Час погледнуваше во неа, час во цигарата. Ѝ се насмевнуваше, како да знаеше дека веќе ја имаше освоено. Поразителниот факт беше дека ниту тој не се предаваше. Во воздухот се чувствуваше мирисот на страста која полека навлегуваше во секоја нивна пора и се трудеше да ги сруши бариерите околу нивните млади, наивни срца. Срамежливоста и инаетот се рабзира дека беа во коалиција. Ги буцкаа срцата на двајцата, се смешкаа и се опкладува на пропаст, се надеваа на разрушување на љубовта.

Имаше и трета играч во сето тоа. Судбината. И на чија страна беше таа? Тоа е  најважно бидејќи на крајот судбината секогаш победува. Ја слушав мелодијата која таа ја произведуваше движејќи ги прстите низ клавишите. Но, постојано го менуваше ритамот. Ги фрлаше нивните погледни во очај, потоа ги издигнуваше на пиедесталот и ги доведуваше до врвот. Толку измешано, си помислив и продолжив да ги надгледувам.

Димот од неговата цигара се рашири низ целата соба. Знаев колку таа го мразеше тоа, но овој пат ништо не рече. Само се насмевна и ја гризна долната усна. Бидејќи да се потсетиме дека успеа да ,,голтне” и поголеми ,,разлики”, зошто не би можело и ова? Знаев што мисли. Се молеше на Бога и тој да го чувствува истото. Ох, проклето беше подготвена да остави сè во минатото и да се препушти на овој мистичен човек, кој го познаваше толку кратко време, а сепак како да го знаеше целиот свој живот.

Целиот универзум пушташе среќа за таа да победи во ова битка на емоции. Во исчекување беше страста да се разгори, исто како таа цигара, исто како димот, љубовта да се ослободи во нивните души.

Видов како неговиот поглед го зарина во нејзината става. Ох, од тоа студенило човек може да замрзне, си помислив. Тој имаше таков поглед. Час студен, час ти кажува колку многу те обожава. Во просторијата стануваше се понетрпеливо. Тишина, а сепак како да се слушаа викотниците на нивните души. Очите разговараа, немаа усните ништо да кажат.

Како времето да имаше застанато. Тој ја пушеше цигарата, а таа го гледаше со голем жар за освојување. ,,Ох, малку труд, малку труд”, шепотам. ,,Треба да се вложи малку труд мила”.

,,Кажи ми нешто”, рече и зема еден дим од цигарата. Погледна во подот додека полека го испушташе димот. Не сакаше да биде сведок на нејзината љубов која сега веќе се испишуваше во очите. Секако дека се инаетеше, знаеше дека постои можност за прв пат во неговиот живот да загуби и тоа од оваа девојка пред него. Не, не се осмели да ја погледне. Страв, очај, несигурност се убијците на една љубов, помислив. Не треба да го прават тоа.

Но таа девојка. Нејзиното срце знае што треба и во кој миг да се каже. ,,Имам сила да сменам сè. Ама силата за да ја променам судбината, ја немам”, рече и го фати за големата дланка. Тогаш го почувствував пукањето на бариерите помеѓу нивните срца. Една реченица беше доволна за да се направи шах-мат.

Се насмевна и набрзина ја изгасна цигарата во пепелникот. Мигот остана запишан во историјата на љубовта. Судбината победи. Душите заиграа на прекрасната мелодија што следуваше. Од прегратката се слушна крцкањето на коските, љубовта конечно ја исполни целата просторија. Допирите направија сите рани да се избришат од нивните тела. Новиот живот го избриша минатото. Сега беа само тие двајца.

И тоа е судбина. Токму ова е судбина. И таа ја напиша судбината. И таа победи. Љубовта победи, а судбината е секогаш на страната на љубовта.

Викторија Саздовска

Напишете коментар