Живот? Апстрактна именка што за тебе биолошки започнува уште при првото отчукување на твоето срце додека си фетус во утробата на мајка ти. Твојот живот на земјата официјално почнува со твојот плач и првото вдишување на кислород. Првата прегратка со жената што те родила е магична средба која едниот од вас ќе ја памети вечно. Можеби нема да се сеќаваш како првпат те гледале очите на жената што ти дарила живот, но ќе се сеќаваш на топлината, негата и љубовта што ќе ти ја дава низ годините и нејзиниот нежен поглед подоцна кога ќе те испраќа на пат.
Можеби нема да се сеќаваш на сите жртви што родителите ги направиле за тебе најверојатно бидејќи не ти ги кажале, но секогаш ќе паметиш колку пати ти помогнале кога помошта ти била најпотребна. Колкупати биле сведоци на сите твои порази и победи и колку се радувале за твоите успеси… Еден ден ќе сакаш да им надополниш за сè што сториле за тебе, но ќе сфатиш дека тие ништо не бараат назад. Ќе сфатиш дека сè што направиле го направиле од љубов не сакајќи ништо за возврат бидејќи ти си нивниот живот. Кристално јасно ти е дека чувствуваш благодарност што постоиш и живееш под исто небо со милијарди други луѓе.
Благословот што го имаме сите се вика живот
Дека е благослов што имаш можност да го креираш животот според сопствени правила. Иако на почеток ќе ти изгледа дека општеството наметнува многу норми, правила, забрани и закони што мора да се почитуваат ќе согледаш дека најлошите правила и забрани си ги правиш самиот ти, а најголемите ограничувања ти се во главата. Одењето на училиште е задолжително, но на тоа не треба да се гледа како на казна бидејќи тоа е составен дел од образовниот процес и е еден начин на воспоставување на некаков ред. Поминување по 7-8 часа во еден ист објект и во едни исти простории со исти луѓе може да делува заморно, досадно, иритирачки, задушливо, но има поента!
Социјализацијата што се случува во тие клупи е најважната во животот на секој човек. Уште во основно образование кога веќе детето почнува да ја гради сликата за себе таму учи многу нови работи, кои неретко ќе ги памети цел живот! Сега како некој што одамна го поминал периодот на детство, сакам да се вратам на погледот кон животот генерално. Кога размислувам за смртта ми текнува на мислата дека „никој од нас нема да живее вечно“. Како поларитет на смртта се јавува животот, нешто што го имаме, што го носиме со нас, не може ниту да се види, ниту да се допре, а сепак толку многу го спомнуваме, го чувствуваме, разговараме и размислуваме за него.
Благодарност за сите животни лекции
Тотално апстрактен поим којшто е најприсутен меѓу луѓето, којшто се случува секојдневно, во овој момент додека го читате текстов, којшто ми се случува сега додека ги пишувам овие редови и во позадина слушам музика…Ни се случува и кога седиме и не правиме апсолутно ништо, додека спиеме и сонуваме, чекаме автобус или ред на каса во супермаркет. Живот се случува додека одиме на училиште, факултет или на аеродром. Никогаш не можеме да знаеме кога ќе ни се случи за последен пат, барем физичкото присуство на земјата.
Поради таа причина треба да бидеме благодарни што имаме можност „да ни се случува“ иако некогаш дозволуваме да ни „пролизга“ низ прсти. Многупати знаеме да кажеме дека „сме го испуштиле од раце“ и дека треба „да го земеме во свои раце“. Без оглед дали го имаме во раце (се мисли дека користиме сè што ни е дадено на располагање и преземаме одговорност за случувањата) или тој поминува пред нас многу брзо, а ние не преземаме ништо, факт е дека тој поминува. Точка. Не чека, ниту пак некого поштедува од стареење.
Не сме неми набљудувачи, преземаме акции
Со секој изминат ден ние сме постари и полека ѝ се приближуваме на крајната дестинација од која никој жив не побегнал. Сфаќате сега зошто треба да гледаме малку поинаку на апстрактниот поим што ни се случува секој миг? Можете да го согледате неговото значење и функцијата што ја има? Можете да сфатите колку делува моќно и колку не смееме да го земеме „здраво за готово“?
Кога ќе веруваме во неговото значење, моќта и функцијата што ја има, тогаш ќе гледаме на него со поинакви очи. Тогаш со сигурност нема да сакаме да ни се „лизне низ прсти“. Ќе бидеме благодарни буквално за сè, повеќе ќе сакаме да го цениме и ќе преземаме акции. Нема да бидеме само неми набљудувачи.
Кога ќе почнеме да бидеме главни актери во сопствениот филм ќе почнеме вистински да живееме. Меѓутоа животот никогаш не бил целосна бајка или романтична драма од Холивуд со среќен крај, ама баш ничиј живот. Тој на сите ја покажал неговата суровост на најразлични начини. И тогаш изјавуваме дека бил неправеден кон нас, бил суров и дека ние не сме го заслужиле тоа и не е фер тоа што се случува.
Неправдите се дел од процесот на созревање
Си помислуваме дека животот е тежок, не вреди, дека е бесцелен и уште многу негативни епитети што му ги препишуваме кога ќе ни се случи некоја тешкотија или непосакуван настан.
Некој вели дека животот е игра, друг дека тој е тркало, некој дека тој пишува романи… Сите тврдења се точни. Бидејќи за животот постојат онолку дефиниции колку што има луѓе. Непобитна вистина е дека сите на него гледаме различно, или барем од различна перспектива.
Сите се согласуваме за неговото огромно значење и дека некогаш знае да биде неправеден. И знаете што? Тој е таков со причина. Да не се случеле „неправдите“ вие немаше да бидете тоа што сте денес. Немаше да бидете силни, немаше да го гледате со такви очи како што го гледате сега.
После сè што ви се случило сфаќате дека вие сте издржале и дека сето тоа е негов составен дел, а вие продолжувате понатаму. Сфаќате дека нема ништо поголемо од него, а вие сте доволно силни за сите предизвици што тој ќе ви ги приреди, бидејќи повеќе ништо не ве плаши ниту ве загрижува. Помирени сте со смртноста, помирени сте со неговата крајност и знаете дека треба квалитетно да го искористите секој момент. Подготвени сте за она што иднината ќе го понуди не плашејќи се од неизвесноста бидејќи целосно сте препуштени на сегашниот миг.
Секое зошто има свое затоа што
Животот многупати ќе ви даде причина да му бидете лути, ќе сметате дека е неправеден кон вас, но тој секогаш ќе ви покаже зошто бил таков каков што бил. Тогаш ќе почувствувате благодарност за сè што ви се случило бидејќи да не ви се случеле работите претходно, немало да бидете сега кај што сте и какви што сте. Тој има многу причини да ви покаже дека бил во право и дека сè што ви понудил било најдоброто за вас. Сите грешки воделе кон нова победа, сите пропаднати врски ве однеле кон мажот/жената што ве заслужува вистински и ќе ви покаже колку убаво испаднало што претходно со никого не ви успеало.
Сите болки и солзи еден ден ќе бидат заменети со насмевки и смеење коешто го заслужувате. Паднатите животни тестови и неуспеси ќе ве одведат кон долгоочекуваниот успех кој ќе го заработите со сопствениот труд. Пропаднатите надежи ќе ве одведат по патот кој ќе го исполните со нова надеж која никогаш нема да умре. Очекувањата што не се исполниле ќе видите дека не се исполниле со причина бидејќи животот смислил начин да го добиете тоа што ви треба во вистински момент.
Пропуштени шанси ќе ве одведат кон единствената шанса за која ќе знаете дека нема да сакате да ја пропуштите. И ќе му се насмевнете бидејќи е ваш. Суров, благ, лесен, тежок, или како и да го опишете, ве креирал вас такви и направил од вас тоа што сте денес. Прегрнете го и не се сомневајте во неговата важност! Ценете го сопствениот и оној на другите, оти е неизвесен. Никогаш нема да бидете сигурни кога вас ќе ви се случи за последен пат или на некој ваш драг. Прегрнете се меѓу себе и покажете си колку си значите едни на други оти тој е прекраток за сè што не е љубов.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.