На 25 ноември 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.
„Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни напишани на велешки дијалект во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци. Нема кој не ги слушнал стиховите на „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“ и „Татунчо“ која може да ја прочитате подолу и се надеваме ќе уживате.
Татунчо
На Бана
Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце — порта највисока,
срце — куќа најширока.
Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба —
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
сонце сјае, сонце трепти!
Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав —
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани…“
И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат —
блазе, речи на душата —
има зошто душа да е!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.