Ќе те оставам и жал ми е. Жал ми е, срцето се кине на парчиња што ќе мора да те напуштам, но сети се дека ти ме примора на тоа. Жалам бидејќи во моето срце има место и за твојата болка. Јас никогаш не би можела да те повредам на начин на кој ти ми го извади срцево од градиве. Прости ми, но кога ги нанесуваше тие рани, мислше дека можат да се залечат со два три убави збора. Не можам да заборавам. Не сум злопамтило, но ти прво ми подари болка, па љубов и направи да те паметам по болката. Колку и рози да посадиш на тие урнатини во моево срце, колку и реанимации да ѝ направиш на љубовта, колку и сонца да нацрташ на моево небо, колку и дождливи капки да избришеш, не можеш да ја исчистиш маглата од спомените кои ме загушија.
Не можеш да ги избришеш туку така, бидејќи сите скрешни делови имаат по еден спомен во него. Тажен, болен, меланхоличен, што те помнат како еден бездушен, лош човек. Сите делови раскажуваат приказна за тоа како плачеле и како сами, без твоја помош, станале посилни од било кога. Колку и да се трудиш сега да ми покажеш дека ме цениш, доцна е. Навистина е доцна. На овој животен часовник, ти сам си го зацрта времето.
Часовникот на душава неочекувано се расипа и јас немам сили повторно да го поправам. Срцево веќе порасна, не можеш да си играш со него. А јас сфатив дека отсекогаш сум ја имала моќта само ми требаше време и болка за го сфатам тоа. Жал ми е што нема да те има веќе во мојот живот како инспирација, како љубов, како болка и среќа. Но, јас морам понатаму од оваа болка. И ти мораш, бидејќи ти си дел од минатото и ја наросуваш сегашноста со спомени.
Жал ми е што ќе те предадам во други раце, што ќе мора други дланки да те допираат. Жал ми е што и тебе ќе те повредат. Жал ми е дури што и кармата ќе ти врати сè. Жал ми е што со свеќа ќе ме бараш во мракот. Жал ми е што нема да бидам твојата светлина на крајот од тунелот и засолништето кога има голема бура, но јас морам понатаму. Запомни и ти мораш понатаму.
Минатото мора уредно да се запише и да се сврти нова страница. Мора да се направи еден бел лист во овој живот без мене и тебе. Не велам не. Можеби ќе се сретнеме на некое место каде ни писмата не стасуваат, ни гласови не се слушаат. Каде ќе можеме да се одмориме од животот, но јас нема да бидам јас. И ти ќе бидеш помалку ти и нашата љубов ќе биде некое чудовиште. Жал ми е, но јас продолжувам понатаму.
Иднината чека.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.