Постои нешто фасцинантно во музичките кутии, некоја магична возбудливост при секое отворање на капакот и чувство на задоволство кога ќе се слушне звукот произведен од нејзината внатрешност.
Во „Малата музичка кутија“ на Јована Јаневска постојат бура од емоции што читателот може да ги доживее уште на првите страници. Краток роман е епитетот што според мене повеќе му лежи на ова дело. Нејзино првенче кое е доста зрело земајќи ја во предвид возраста на авторката кога почнала да работи на него. Успешното доловување на сцените на кои можеше да им се направи визуелна претстава во главата ме освои целосно. Мора да се спомене дека во три наврати ми преовладуваа јаки чувства што беа проследени со солзи. (Нешто што одамна ми се немаше случено читајќи македонски автор). Ова според мене (целосно објективно) значи дека авторката успеала во намерата.
Што се случува во страниците на оваа книга?
Будењето на заспаните внатрешни доживувања, проникнувањето во суштината на секој лик, описот на сцените, местата и работите што ја опкружуваат главната јунакиња Јана. Како и , нејзиното „созревање“, патешествие во два различни града. Средбите со сите останати ликови со кои се запонава зборуваат за една животна приказна поделена во два дела. Едниот дел е пред преселбата. Навидум безгрижен и детски проткаен со леснотија и ослободување, но и тага што не може да се опише. Додека вториот дел е после преселбата каде што се случуваат вистински промени. Проследени со созревање на ликот со нови погледи, случувања, и желба да се биде истовремено и дете и возрасен.
Носталгијата преовладува низ страниците кои ги испишува Јана. Девојката која полека, но сигурно ги открива тајните од минатото. Коцките почнуваат да се поклопуваат, а музичката кутија како сведоштво на едно минато во себе крие цела историја. Во нејзе е впишана историјата на нејзината претходна сопственичка. Уметноста присутна е како елемент во самото дело. Уметничките доживувања на младата протагонистка која успева спојот на минатото и сегашноста да ги изрази на многу интересен, впечатлив начин. Станува збор за таков спој на настаните кој останува запомнет и после долго време, што секогаш ќе го поврзува читателот со „малата музичка кутија“.
Музиката што е лек за душата што ја смирува при секое слушање прави како да е присутен духот на нејзината претходна сопственичка, а тоа ѝ влева храброст на младата бунтовничка која е незапирлива во потрага по вистината – за себе, за луѓето што ќе ги среќава. Желбата да помогне, но и потребата да ги запознае луѓето на длабок, а не површен начин ја прави особен лик што е пожелен во секое литературно дело.
Дали ќе го пронајде она по кое трага?
Можноста за себе-спознавање е невозможна ако не се потрудиме да ги спознаеме останатите. Додека успешната потрага по она кон коешто беше тргнала е само доказ дека ваквите особени ликови покрај нивната индивидуалност сепак заслужуваат среќен крај и го добиваат. Чиста, неизвалкана и мека како памук е нејзината душа што тагува по едно наизглед далечно време. По еден град што секогаш ќе ѝ живее во секоја пора, на кој секогаш ќе му се навраќа каде и да појде.
Бидејќи тој за неа не е само обично место на живеење или географска одредница. Туку цел еден свет на спокојство, детство, игри, слобода, неизмерна љубов кон секој негов дел., Улички, архитектура, местата што ги посетувала, луѓето што ги познавала, спомените што ги градела во него, едноставно сè ја поврзува и повикува назад.
Таа чекор по чекор ќе го најде своето место повторно онаму каде што стравуваше дека никогаш нема да се врати. Но, се враќа кај старото огледало со кое одамна се збогува и на балконот на кој сега пак ослободено ќе може да го пие својот чај. И да им се насладува на звукот и сликата на природата со љубовта што ја пронајде и во и вон себе. Сега беше време за испишување на нова историја на старо-новото место . Тоа ќе биде исполнето со нови спомени. И доживувања кои ќе бидат толку описни, големи и вредни што би можеле да зафатат илјадници страни од дневникот.
Бел лист и нов почеток
Новиот бел лист – чист како снег е свртен и подготвен за ново сведоштво што ќе го испишуваат со љубов и среќни моменти. Барем тоа го вели среќниот крај што го предвидува ова. Бидејќи ако не е сè во ред, значи не е целосно завршено. Единствена забелешка за ова дело е што посакав да имаше повеќе страни. Меѓутоа и вака сосема доволно го постигна ефектот на емпатизирање со она што му се случува на главниот лик и споредните ликови со кои се доаѓа во допир.
Целосно објективен приказ на дело од домашен автор кој навистина го заслужува вниманието. Како и мои нескромни пофалби.
Истото може да се мери со светските дела од модерната литература. Можеби нема стигнато до рацете на многу читатели, но е моја искрена и топла препорака. Би требало да биде прочитано од оние што љубат да им дадат шанса на домашните писатели. Јована во нејзината „Мала музичка кутија“ имала што да каже, а јас сум целосно убедена дека следното што ќе ни го раскаже ќе го надмине и овој впечаток.
Оцена: 4.5/5
Прочитајте ја и рецензијата за „Вистиснко семејство“ од Тони Парсонс.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.