Војдан Поп Георгиев Чернодрински е роден во селото Селци, Дебарско, на 15 јануари 1875 година. Починал во Софија на 8 јануари 1951 година. Тој бил истакнат македонски писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар.
Псевдонимот Чернодрински потекнува од реката Црн Дрим која тече крај неговото родно село. Тој ги напишал првите страници на македонската драмска литература и ги удрил темелите на македонското театарско дело. Сето тоа го сторил во името на слободата на македонскиот народ. Делата на Чернодрински се непосредно инспирирани од македонското револуционерно минато.
Неговото најпознато дело „Македонска крвава свадба“
Негово најпознато дело е драмата „Македонска крвава свадба”, што ја напишал во 1900 година, а премиерата се одржала во Софија, на 20 ноември 1900 година. Чернодрински потекнувал од свештеничко семејство. Учел во егзархиското училиште „Свети Климент” во Охрид, а потоа образованието го продолжил во Солун.
Во 1897 година бил учител во битолското село Могила, а потоа заминал да студира во Грац и во Берн, во Швајцарија.
Тој е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски јазик. Бил доста коректен кон македонскиот јазик и еден од основните критериуми за членство на актери во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на македонците и борбата за слобода. Со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Во своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија, здобил големи симпатии како од македонската, така и од странската јавност.
Во 1929 година, Војдан Поп Георгиев отишол во посета на еден дом за сираци каде им подарил примероци од својата драма Македонска крвава свадба. По тој повод, Војдан изјавил:
„Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја.“
Во негова чест во Прилеп се одржува македонскиот театарски фестивал: „Војдан Чернодрински“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.