Skip to content

Разделба

Застана пред мене и ме погледна како и секогаш. Нашите срца зачукаа во оној многу добро познат ритам. Ми ги бакна дланките и се насмевна. Додека дел од косатa ти паѓаше на капаците, твоите сини очи се насолзија. Тие очи на чиј сјај, бескрајно се восхитував. Тие очи со боја на сафир, што веќе се навлекоа длабоко во моите сеќавања, па предизвикуваат срцево да венее од болка. Тие очи во кои го наоѓав засолништето од сите бури истовремено и бури предизвикуваа во мојата душа. Почна да трепериш меѓу моите дланки, додека јас ,,немо” те гледав. Ги затворив очите и те прегрнав бидејќи знаев дека многу ќе боли. Со твоите големи дланки ми го тргна праменот коса што упорно ми паѓаше на лицето. Спушти еден бакнеж на моето рамо. За пoследен пат моите дланки, кои копнеат по тебе во секој можен миг, те помилуваа во голема тага и очај. Ги споивме челата едно со друго, додека цврсто се држевме за дланките, застанти во центарот на хаосот. Болката полека ја освои битката во нашите тела и нè покори и двајцата. Бидејќи и јас и ти знаевме дека тоа е крај. Ох, сакав повеќе од сè да исчезнам од тоа место. Сакав да избегам, некаде далеку, каде има љубов, каде ти ќе бидеш со мене. Во свет без заминувања и упорни разделби.

,,Се чувстувам како да врескам во просторија полна со луѓе, а сепак никој не ме слуша”, велам и те погледнувам. Во моиве очи, упорно навираат солзи. Не можам да ги спречам. Срцето плаче, јас плачам.

,,Мила, јас ја разбирам твојата тишина. Не кажувај ниту збор”, рече и ми ги покри усните со неговите дланки. Се разбира дека кој и збор да се кажеше немаше да има вредност, ставен на кантарот со разделбата. Гордо ја избриша солзата што почна да се тркала низ неговото лице и уште еднаш нежно ја навали главата кон моето рамо, шепотејќи ми:

,,До нашата следна средба, драга”.

Срцето на парчиња се кинеше. Болката навлезе во секој можен дел од моето тело. Коските крцкаа под таа покривка на очај и изнемоштеност. Стоев на еден стаклен праг, кој беше во можност да се скрши во секој момент, а јас да завршев фатално. Секое отчукување на срцето ме болеше, кинеше од болка. Секој здив правеше сè повеќе да вдишувам од тагата. Немаше лек. Не го пронајдов.

 Што е овој живот без тебе? Што е една иднина без твојот мирис во неа? Што се новите почетоци без твоите насмевки, без твоите погледи да ме пречекаат на самиот праг на новиот живот? Што ќе ми се овие денови, кога товите очи со боја на сафир нема да бидат веќе во нив? Како да се збогувам сега со тебе? Како оваа младост да ја закопам во црната земја? Како можам тебе да те дадам во прегратките на туѓината?

Боже, нема поголема болка во светот од болката на разделбата.

Автор: Викторија Саздовска

Напишете коментар