Алфонс де Ламартин е француски романтичар, член на француската Академија на науките и уметностите, предвесник на романтизмот во француската книжевност. Потекнува од фамилија на ситна аристократија, лојална на монархијата. Завршува језуитско училиште и во својата младост ги проучува делата на филозофите од 18 век.
Ламартин е познат ориенталист и патува често на исток при што посетува многу земји и сите свети места на христијанството и неговите впечатоци се наоѓаат во книгата „Патувања на истокот“. Во 1833 год. избран е за пратеник во парламентот и од ројалист застанува на местото на републиканците и е запаметен по своите славни говори во чест на Републиката.
Во 1816 година за време на патувањето во Савоа, во близина на езерото Бурже, каде отишол на лекување, Ламартин се вљубува во Џули Чарлс. Тие требало повторно да се сретнат на езерото но таа починала неколку месеци подоцна. Но, езерото останува да ги сочува спомените од оваа прекрасна љубов.
Длабоко инспириран од оваа љубовна врска, Ламартин напишал некои од своите најдобри песни и во 1820 година објавил збирка од 24 песни со наслов „Медитации“. Збирката доживува моментален успех. Оваа збирка се смета за прво романтично поетско дело на француски јазик. Иако не е впечатливо иновативна во однос на форма или техника, песните развиваат интензивен личен лиризам кој го анимира апстрактниот јазик и понекогаш застарените слики.
Природата е многу присутна во песната и оваа замислена комуникација на поетот со елементите на природата е всушност само начин на користење на експресивната функција на јазикот, бидејќи поетот навистина има намера само да ги изрази своите чувства.
Ја издвојуваме неговата најпозната песна „Езеро“, езерото кое сведочи за нивната љубов:
Езеро (Алфонс де Ламартин)
Така, секој ден нови брегови не влечат,
В бессони ноќи каде одиме во бестраг
А не можеме ли ни да се засидриме за миг
На океанот низ вековите што постојано ечат?
О, езеро! Годинава веќе на крај се влече
А твојата божествен прилив таа мора пак да го види
Погледни! Сам доаѓам да седнам на овој камен
Каде ти ја виде како седи!
Ечеше силно под твоите длабоки карпи
Се прекршуваше на твојот разронет нагиб
А ветерот ја фрлаше пената на твојте брани
Под нејзините нозе таму збрани?
Една вечер, се сеќаваш ли? Испловивме тихо;
Далечината нечујна беше, ни бранови слушнавме, ни неба
Само звукот на веслачите кои ги веслаа во ехо
Твоите хармонични ребра.
Одеднаш непознати земјени струи
Од маѓепсаниот брег го растурија далечниот ек
Таласот се смири и еден мој мил глас почна да зуи
Со еден ваков тек:
„О, време!“ Запри го твојот лет, и вие, милозливи часа
Запрете го вашиот тек:
Оставете нè да уживаме во времето што вјаса
Во убавините на сегашниот миг.
Доста несреќници тука ве молат
Течете, течете за несреќните
Земете ги маките кои ги мачат
Заборавете ги среќните.
Но, залудно молам за уште неколку мига
Времето се откраднува и бега
Ѝ кажувам на ноќва: Биди побавна, аурората стига
Ќе ја растури ноќва сега.
Да се љубиме ајде, љубов сакам ! Времето бега
Да побрзаме! Да уживаме
Човекот пристаниште нема, времето нема брег
Тоа тече, ние само се снемуваме!
Љубоморно време, во овие моменти кога ние сме пијани
Од среќа која ни ја носи со големи бранови љубов
Ќе може ли исто како денови полни зијани
Да избегаш нас толку брзо како часов?
Но, зарем не можеме барем да го одредиме овој вјас?
Ох, зарем веќе ги нема? Ох, зарем се изгубени?
Времето деновите кои ги даде, ги избриша за час
И нема да ги врати, тие се загубени.
Вечност, ништавило, минато, бездни мрачни
Што правите со деновите кои ги соголтувате
Кажувајте: ќе ни ги вратите ли овие екстази сладострасни
Што ни ги одземате?
О езеро! Карпи неми! пештери! темни шуми!
Вие, кои што времето ве штеди или ви дава нова младост
Природо красна, чувајте ја од оваа ноќ
Барем споменот од нашата радост!
Без разлика дали е тоа во твојот мир или твоите бури
Ти езеро красно во твојот насмеан брег
И во овие црни елки и во овие карпи штури
Кои висат над твојот воден лед.
Без разлика дали е тоа во овој треперлив ветрец кој дува,
Во татнежите на твојот насипнат брег
Во ѕвездата што блеска на површината твоја мила
Во неговиот јасен лик мек!
Нека лелеавиот ветер, трските кои дишат,
Мирисите лесни на твојот опоен воздух
Нека сè што слушаме, гледаме или дишеме,
Вели: Тие се сакаа!
Превод од француски јазик: Маја Дојчинова Малиновска
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.