Пред некое време пишував дека светот се стиши и дека е на групна рехабилитација и не згрешив. Од премногу трчање и брзање му здодеа. Па реши да направи една голема пауза. Ако замислиме дека некој налик Бог игра видео игра каде главната хероина е Земјата, тогаш да претпоставиме дека му здодеало играњето и решил да кликне копче „пауза“ за да одмори. Сега веќе толку му станало толку здодевно што решил дека е потребно да направи малку повеќе паузирање отколку вообичаено.
Ако животот беше видеоигра, а ние сме ликови од истата, играта е ставена на пауза
Ние луѓето во истоимената игра сме само обични пиони што се привремени гости на планетата. Но со притиснувањето на тоа копче и ние сме принудени да паузираме. Само што кај нас паузирањето значи свртување кон домот, кон самите себе, кон блиските, кон сè она што останувало запоставено. Во некоја забавена верзија каде одозгора од видното поле на некој налик Бог, семоќен, оној што ја раководи целата планета му изгледа дека не се движиме. Моравме да запреме, не смеело поинаку, штетно било за природата, за климата, за животните, за растенијата. Ова било предодредено да се случи.
И не можеме ништо против тоа, освен да се заштитиме и да чекаме сè да помине во најдобар ред со минимални последици. После паузата ќе треба да се стисне старт, а тој почеток ќе означува огромни промени. Нешта што ќе биде невозможно да се избегнат. Како од општествена, економска, социјална, здравствена, образовна гледна точка така и на целокупното наше секојдневие.
Одреден период ништо нема да биде како што беше
Нема да биде исто речиси ништо. Повеќе нема да се земаат здраво за готово прошетките во парк и пиењето кафе во омилените локали. Ниту излегувањето на ручек или вечера нема да се исти барем одреден период. Едноставното пазарување во продавница и соочување со луѓето на блиско растојание како и обичните активности што бараат учество на повеќе луѓе нема да се исти како претходно.
Ќе се појави скепса, ќе се појави сомничавост и на најмала настинка и истата ќе предизвикува грижи од типот „што ако се вратил?“. Човечки е истото и не е за осуда, ние пред сè сакаме да се заштитиме самите, а подоцна и тие што ни значат најмногу. Ни работното место нема да биде повеќе исто, сега е одлична прилика за правење споредби. Како ми беше тогаш, а како ми е сега. Од најцрното се обидуваме да извлечеме максимум светлост. Знам дека после ова сивило и искушение на некој начин иако може да се најде и некоја шарена боја измеѓу, на сè ќе гледаме со поинакви очи.
Поизитвните нешта на кои треба да се насочиме
Ќе бидеме уште повеќе благодарни, ќе се почитуваме повеќе бидејќи со ова се докажа дека ништо не значат статусот, работната позиција, возраста, потеклото и слично. Затоа што сите сме подеднакво ранливи и изложени на ризик и смртност. Ова колку што е смирувачко исто толку предизвикува малку гнев и чувство на неправда. Како може да се еднакви животот на едно четиригодишно детенце пред кое иднината допрва доаѓа и еден седумдесет и седум годишен старец кој речиси си го доодел патот?
Сечиј човечки живот е вреден, но е нефер двајцата да се ставени пред ист тест, двајцата да можат да бидат со една нога во гроб, ако скраја да е нешто тргне наопаку. Едниот штотуку почнал да живее, а на другиот тоа веќе му станува измачување? Е само во ваков случај се јавуваат неправедноста и неможноста за целосно прифаќање на реалноста. Или пак за докторот чијшто живот згаснал многу херојски во обид да спаси стотици туѓи. Или пак за медицинската сестра која си го одзема животот под притисок, стрес чијашто неизвесност од резултатот не можела да ја поднесе.
Ова се само мал примери од многуте со кои светот се соочува изминативе недели. Да му покажеме дека можеме да дејствуваме заедно и да бидеме дисциплинирани. Знам дека можеме и дека ќе успееме да ја победиме злобната невидлива крадачка на души што лебди некаде во воздухот. Да ѝ ги скратиме крилјата пред таа да успее да завладее. Заедно сме посилни. Остануваме дома во надеж за подобро утре. Само од нас зависи каква утрешнина ќе имаме и сакаме да имаме. Во нашите раце е перото со кое ги пишуваме страниците на нашите животи, немојте да го испуштите!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.