Историски гледано, Венеција многу векови била главна ајкула, и тоа, ај да била само во Јадранското Море, туку не! Таа си се перчела и кај што ја берело и кај што не ја берело. Нејзината црна перка стигнала дури до Црното Море, кое како што е општопознато е мошне богато со црнци. Тоа се случило по Четвртата крстоносна војна во дванаесеттиот век по нашата вера, однсно ера, кога дури и крстоносците се крстеле, и тоа со лева рака, поради нејзината лукавост.
И така Венеција ја освоила Итака, родното место на светскиот скитач (без дневници) број еден, Одисеј.
Иако не била во никаков род со островот Родос, таа и него си го лапнала небаре е локум. А, бидејќи никој не се осмелувал да ја критикува, таа го освоила и Крит, преубав и богат остров, комшија на Африка. Потоа дури и Мала Азија ѝ била мала, па таа ѝ се џитнала на Средна Азија. Таму народите биле војнички попотсуредени, мислам, војнички, па кога ми ти ја грабнале оваа Венеција…
Толку убаво ја средиле, што и таа ден-денес целата е жива вода, во стрес…воден стрес.
А, пак венециските гулаби! По цел ден гнетат. А, туристите им фрлаат храна и се фотографираат насмеани, насмеани небаре хранат лавови среде дива дивина.
А, тоа што милиони деца гладуваат по цел ден, тоа никому ништо.
Па, тоа со насмевките…летаат на сите страни, кој ќе стигне ќе ти се насмевме, демек, колку ни е убаво овде на сите.
Е, со гондолите беше убаво. Ем те возат ем ти пеат. Само нам ни се падна некоја Грк, не знам како заскитал на италијанска гондола. Зошто сум убеден дека е Грк? Па… наместо да пее, тој грчеше, чисто дестилирано, грчки.
Не знам за вас, но мене на нерви ми оди и тоа венециско перчење со тие влажни, ревматски палати, тие улици…не знаеш река ли е, поток или влечко-канал. А, нивните визби се посебна приказна!
Ем полни со вода, ем празни со ајвар и со расол. Тоа може ли да биде една нормална визба? Нормално, не може, ни случајно.
Добро, го има тој Мост на љубовта. Убав е, не велам не. Ама, јас скиснав таму, три недели, еј, три цели недели…поминуваат убавици, а бе, една не ме погледна. Барем „чао“ да ми кажеше. Каков мост, каква љубов! Тоа е мост на непреболна тага и очај и по малку љубов.
Ванчо Полазаревски
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.