Веќе долго време никој не живее во неа. Понекогаш ќе дојде зетот, понекогаш со него ќе дојде и ќерката, тие не живеат тука, имаат своја куќа. Нејзиниот брат го немам видено долго време, знам дека многу одамна, уште како ерген замина во Скопје. Таму се ожени, се вдоми, велат станал голем човек, газда на некоја текстилна фирма.
Се радувам за него, ама, за волја на вистината и малку го сожалувам.
Ќе прашате – Зошто ?…Па , откако е заминат, многу ретко доаѓаше во куќата. Ниту својата мајка ја посетуваше кога беше многу болна, дури ни кога душа испушташе, не дојде, а таа со очите вперени кон вратата, во чекување, не баре секој момент ќе влезе.
Кога како невеста дојдов во ова маало, односно улица, од мојата свекрва добив некои напатствија, да не речам насоки, во кои куќи, односно фамилии се влегува, во кои не.
Се разбира тоа беше по нејзин терк, а јас, па јас и онака бев странец, дојдена од зад седум планини и реки, со никој свој околу мене, па слушав.
Подоцна, низ годините што врвеа, сфатив дека била во вистинита нејзината намера, оти , нели не сме сите исти, од некои луѓе треба да се чуваш, на некои не треба да им веруваш итн…
Не ми беше зборот за мене, кажувам за куќата. Јас ја начекав со живи луѓе, што живееја таму, мајка, татко, син, ќерка. Дојдени биле од село, како многумина во тоа време. Ја купиле куќата, ја “ подмладиле “ , ама пак не беше функционална, како што не е и ден денешен.
Целата е на улица, нема ниту дворче, ниту соодветна порта, само три скали , железна порта и влегуваш во предворје – салон. Лево и десно соби, скали што водат кон горниот кат, повторно со истиот распоред.
Столбот на куќата, таткото, работеше во една текстилна фирма, мајката домаќинка, рано заболена од најтешкиот облик на ревматизам, двете деца кои сé уште не беа “ извадени на пат“ , живееја како и сите ние скромно. Ги затекна ненадејната смрт на таткото, го погребаа, животот продолжи, само тие си знаеја како.
А куќата стоеше, стои и денеска.
Собата од лево никогаш не ја користеа, беше полна со влага, од некаде влагата се креваше по ѕидовите, кои мирисаа на мувла и застојан воздух. Секогаш пенџерето беше отворено, и ако поминеш со побавен чекор, миризбата на мувла можеш да ја почувствуваш во ноздрите.
Мајката, и покрај болеста поживеа долги години. Ќерката ја гледаше, синот многу ретко. Кога почина, куќата престана да живее, сé уште стоеше, сé уште стои, ама во неа нема живот. Ја посетуваат ќерката и зетот, влегуваат внатре, ја проветруваат, ама во неа нема живот. Полека се распаѓа, оти, ако не се живее во една куќа, ако не се одржува , таа полека пропаѓа.
Некој комшија кажа дека ја продавале. За момент се израдувавме, си рековме – ајде ќе заживее пак, ама нејсе, никој не се кандиса , требало многу да се реновира, имало пукнатини, дури и кровот почнал да пропаѓа. Истиот комшија, кој инаку знае многу, за сите, кажа дека многу пари ѝ барале, ама тоа најпосле е нивни проблем, не наш.
Ама, има убав двор, меракојна , што би рекле нашиве. Убав, само сега тревишта израснале во него, порано мајката ќе засадеше некое цвеќе, ќе посадеше и некој корен зеленчук, за кој повеќе трошеше вода, отколку што имаше корист, ама пак дворот се одржуваше.
Од кај комшиите на зидот “ лази“, се јази една зеленика, која лека, полека, го освојува. Почнала да се искачува и кон балконот што е издаден од горниот кат, кој гледа кон дворот.
Жал ми е, таа , куќата издивнува секој ден. Секојдневно векот ѝ се скусува, како што ни се скусува и нашиот ден. Ќе поживее чинам, дури има кој да ја посетува, да ја разотвори , да ја израдува.
Но, до кога ??? … Не знам..? Па никој од нас не знае до кога му е векот, па и таа не знае, до кога ќе стои исправена и ќе ѝ ја “ зема “ светлината на новата куќа , која е изградена до неа, кога е зајдисонце.
Таа жилаво опстојува, чувајќи ги корените цврсто вкопани во исушената земја, кои жедни за вода, како таа за луѓе, сé уште стои, се држи очајно зачмаена во својата тишина.
Дури и ластовичките, кои некогаш најдуваа спокој под нејзините стреи, сега не доаѓаат. Само едно жилаво цвеќе, со жолти цветови , оваа пролет се храни во нејзините темели. Како да сака да ни каже – “ете , сé уште сум тука, ако не за луѓето кои ги немам, барем за ова цвеќе , што ќе ги радува вашите очи “.
Ете, тоа е таа, куќата, што секој ден ја гледам, секое утро, кога ќе ги отворам ролетните, да влезе новиот ден , и секоја вечер кога ги затворам за да не влезе темнината во мојот дом, да не би ме “префатила“ – не дај Боже, нејзината судбина.
Снежана Паноска