Во тивки, тесни сокаци,
на калдрма со векови стара,
ко срце на двајца заљубени,
ко ѕиден, стар часовник,
сал звукот на моите потпетици се слуша.
Со забрзан чекор,
со коса од ветрот милувана,
и изгубен здив,
во тие тивки, стари сокаци се губам
за да пронајдам од каде доаѓа звукот на виолината.
И тивко, многу тивко слушам:
,,Кога на оро, Софче, заигруваш,
како сонце огрејуваш,
без вино ме опиваш.
Софче, алтан чедо на мајка…”
Ме понесува песната.
Одам низ тесните сокаци и танцувам на звукот од виолината.
И повторно, овојпат погласно слушам:
,,Не виткај се Софче, не крши се
како змија низ тревата,
ко риба низ водата.
Софче, алтан чедо на мајка…”
И на усните насмевка се појавува.
И го продолжувам патот по тесната калдрма.
Чекорам бавно.
Тивко е.
Сал месечината и јас.
Ко степска волчица в мракот.
И застанувам.
Само мојата сенка и јас.
Две другарки стари.
Инстиктивно очи затворам и слушам.
И мирисам.
Ориентални танци,
со мирис на опинци од кожа,
со вкус на ќебап
и тазе симит
прецизно стокмени во
таа стара чаршија.
Ги отварам очите и гледам.
Мојата сенка не е сама.
И дури тогаш го здогледувам црвениот чадор над мојата глава.
И дури тогаш забележувам дека врне дожд.
Бериќет , си велам.
И продолжувам да чекорам насмеана и елегантна со моите високи потпетици.
Јас,
ти,
сенките.
Софија Петковска