Skip to content

На денешен ден утврдена е македонската азбука и бил воведен правописот

На денешен ден 3 мај 1945 година Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета донела решение за утврдување на македонската азбука. Исто така на денешн ден воведен бил и правописот на македонскиот јазик. Азбуката првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија“ (број 104), на 4 мај 1945 година.


Нашата азбука денеска содржи 31 буква, наречена е кирилица во чест на св. Кирил (еден од браќата просветители), а заедно со брат му св. Методиј пред да настане кирилицата, тие ја создале „глаголицата“ (глаголско писмо) која служела за превод на Библијата и други книги на словенските јазици и таа имала 38 букви.
Македонскиот јазик содржи ред посебни фонеми (споредено со соседите), и поради тоа се јавува потреба од посебни македонски букви.

Кратка историја на македонските букви

Историски гледано, овие букви потекнуваат од 19-тиот век. Во своето дело „За македонцките работи“, македонистот Крсте Петков Мисирков користи комбинации од г’ и к’ за да ги претстави фонемите /ѓ/ и /ќ/.
Покрај тоа, буквата i тогаш се користела каде што денес се користи ј.

Буквите љ, њ и џ гледани по облик се од српско потекло, но нивните предци се јасно илустрирани во Мисирковата книга како л’ и н’, а во порани текстови како ль и нь (како во делата на Марко Цепенков), кои очигледно служеле како инспирација за современите адаптации. Овие букви спарени со меки знаци се користеле сè до крајот на Втората светска војна наместо денес утврдените облици. Денешниот изговор на гласот љ како лј, всушност е наметнат од северните македонски дијалекти, додека оригиналниот изговор на гласот е мекото л, односно ль, како во централно-западните дијалекти.

Денес, буквата ѕ е единствена на македонскиот јазик, но мора да се спомене дека истата е многу постара, бидејќи постоела во старословенското писмо. Акцентираните букви „è“ и „ѝ“ не се сметаат за посебни букви, ниту за вистински акцентирани букви (како во францускиот, на пример), туку тие се стандардните букви „е“, „и“ кои се одбележуваат со надреден знак во зборови кои имаат хомографи, за нивно разликување.

Азбуката е многу важна и без нејзино знаење човекот останува неписмен

Клучот за писменоста е развојот на читањето, унапредување на вештините кое што започнува со способноста да се разберат изговорените зборови и декодираат напишаните зборови и кулминира во длабоко разбирање на текстот. Развојот на читањето вклучува голем спектар на комплексни јазични основи вклучувајќи свест за говорни звуци (фонологија), правописни модели (правопис), значењето на зборот (семантиката), граматика (синтакса) и модели на формирање на зборови (морфологија), чија севкупност ја обезбедува потребната платформа за разбирање при читањето.

Откако овие вештини се стекнати, читателот може да стекне целосна јазична писменост, која вклучува способности да се аплицира на печатениот материјал критичка анализа, оценка и синтеза; да се пишува со точност и кохерентност; и за да се користат информацијата и увидот од текстот како основа за информирани одлуки и креативна мисла. Неможноста да се направи ова се нарекува неписменост или аналфабетизам.

Меѓудржавните споредби на стапките на писменост се несовршени со оглед на тоа што различни земји ја дефинираат писменоста на различни начини. Во голем дел од светот, високите стапки на писменост меѓу младите укажуваат на тоа дека неписменоста ќе стане помалку и помалку вообичаена како што помладите генерации со високи нивоа на образовни постигнувања ги заменуваат постарите генерации.

Напишете коментар