Skip to content

Роза – Софија Петковска

Скини ја најубавата роза од твојата градина

и на портите мои дојди и подари ми ја.

Но те замолувам,

сакам алова да биде.

Да, алова како бојата на виното,

алова како карминот на усните мои,

алова како љубовта,

алова како животот.

Скини ја најубавата роза,

но те молам,

на неа сакам росата утринска да остане.

Да ја почувствувам свежината.

Секоја капка роса,

солза исплакана.

Солза тага,

солза радост.

Те замолувам,

подари ми ја розата од твојата градина.

И на неа трњето нека стои.

Не плаши се, нема да се повредам.

Само повеќе ќе внимавам

дур чекорам смело по патеката

каде ме чека убавината на постоењето.

Те молам,

дојди облечен во чиста руба ангелска

и в рака држи ја розата.

Веднаш чим порти отворам,

мирисот на мир и спокој да го

почувствувам

и да знам дека розата која ми ја носиш

за мене е.

Со љубов е.

Единствена.

Алова.

Росна.

Автор: Софија Петковска

Напишете коментар