„Време за злосторство“ е една од најпознатите детски песни на белгискиот франкофонски поет Морис Карем (12 мај 1899-13 јануари 1978). Објавена е во стихозбирката „Под светлината на месечината“ во 1977 год. Неговото дело е обемно, односно напишал многу збирки поезија меѓу кои ги издвојуваме:„Малечката Флора“ (1937 год.), „Магичниот фенер“ ( 1947 год.), „Сејач на соништа“ (1953 год.), „Големото синило“( 1961 год.). Сепак, негово ремек дело останува да биде стихозбирката „Мајка.“
Покрај поезија, пишува и проза и е автор на романите: „Мачеништвото на еден поддржувач“ , „Дупка во главата“ и „Медуа“. Морис Карем, учител по професија, бил во постојан контакт со децата и неговата поезија останува да биде блиска со нивната едноставност и спонтаност. Се одликува со јасен и лесно разбирлив стил и затоа е омилен кај сите генерации читатели.
Песничката „Време за злосторство“ е детска хумористична песна која ве држи до неизвесност до самиот крај и каде поетот успешно игра со зборовите за да долови тензична атмосфера која има хумористичен крај и ве остава слатко да се насмеете.
Време за злосторство
Полноќ е. Сега е време за злосторство.
Излегувајќи од соседната соба
Еден човек се појавува во ноќта.
Ги соблекува чевлите
Се приближува до плакарот
Одејќи на врв од своите прсти
И грабнува нож
Со светкав челик, добро наострен.
Потоа, криејќи ги своите детективски очи
Со парче од својот мантил
Влегува во кујната.
И со еден удар, како џелат,
Уште пред жртвата да писне,
Го отвора срцето…на една артичока.
Превод од француски јазик: Маја Дојчинова Малиновска
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.