Неколку денови Лидија седеше сама во станот, не знаеше каде отиде и кога ќе се врати нејзиниот Иван. Седум години живееја среќен и исполнет брачен живот, но повеќе не беше сигурна дека среќата вечно ќе им трае. Многу прашања ја мачеа и не успеа да го совлада: стравот, стресот и неверувањето од однесувањето на сопругот. Без причина и без кавга, во вистинската смисла на зборот ја нокаутира и како ништо да не било, си замина од заедничкиот стан. Со денови како рането животно го чекаше да дојде, да ја бакне, да ѝ се извини, и да продолжи нивниот поранешен живот. Од него немаше ниту трага ниту глас!
Откако ѝ поминаа модринките требаше да го земе синот кој повеќе од десет дена беше на гости кај родителите. Возејки се сама по патот размислуваше на глас: „Што му се случи на Иван? Никогаш претходно ме нема удрено, а пред некој ден безмилосно ме тепеше и ми упати безброј погрдни зборови. И за моите родители многу лошо зборуваше! Силно ме удри, да. Па што! Двајцата ќе го надминеме лошиот период и уште повеќе ќе се сакаме. Јас, колку бракови имам спасено за овие години работа како психолог…сè ќе биде добро” – се тешеше самата. Додека гласно го зборуваше тоа, како некој внатрешен глас да ѝ велеше дека деновите на среќа со Иван веќе завршија.
Мајка ѝ се изненади кога ја виде, не ја очекуваше и разочарано кажа: „Остави го детето, ќерко, уште малку. Ние убаво се забавуваме со него, а сега ќе го затвориш во станот. Чекај да те видам убаво, леле, колку голема модринка имаш под окото!“ Лидија веднаш се снајде, кажа дека паднала по скалите, а во истиот момент сакаше силно да ја гушне мајка си ѝ да плаче во нејзиниот скут. Исто како во детството. Но ништо не рече туку ја поголтна кнедлата што ѝ стоеше на грлото, а мајка ѝ ја прекори да внимава следниот пат зашто можело и полошо да биде. Набрзина го спакува куферот на синот. Имаше чувство дека секој момент ќе се расплаче. Без многу зборување го стави детето во автомобилот.
Од некаде ѝ пријде сосетката на родителите, Марија, не престануваше да гледа во нејзиното лице. Истрча кон неа и силно ја прегрна. Веројатно има нешто по што се препознаваат жртвите? За момент помисли дека Марија ќе ѝ се насмее и ќе ѝ каже: “добредојде во клубот”, но, жената видно возбудена извика: „Немој да трпиш како мене, ти си уште млада, за тебе, животот само што почна. Не му дозволувај да ти го уништи животот! Еднаш штом те удрил, секогаш ќе те удира! Треба ли да бидеш како мене? Жена, која секојдневно ќе очекува како и колку ќе биде малтретирана?“
Лидија, низ солзи ја гледаше и сакаше да ѝ каже дека таа не е како неа, дека нејзиниот Иван бескрајно ја сака…дека, навистина сама падна по скалите. Стоеше немо и не можеше да изусти ниту збор, а грлото и беше суво од трепет и солзи. Не можеше да ја излаже жената која повеќе од три децении трпи насилство, а додека успеа некако да ја оттргне од себе, знаеше дека не сака заврши како Марија. Мрморејки нешто во себе, го погледна со љубов синот, ја затвори вратата на автомобилот и се упати кон неизвесноста која веројатно ќе ѝ биде сопатник во деновите што следуваат.
Силвана Панева