Skip to content

Почуствувајте ја енергијата на „Катедралата на морето“ во моќниот роман на Илдефонсо Фалконес

Почуствувајте ја енергијата на „Катедралата на морето“ во моќниот роман на Илдефонсо Фалконес. Книгава ја прочитав во еден здив, нестрплива да го дочекам крајот кога главниот херој ја слави изградбата на Црквата на народот. Тој со крв отсликал толку многу камења, каталонскиот народ кој искрено го љуби Бога и кој е горд на Катедралата на морето која и денес  ја краси преубавата Барселона. Изненадена бев од суровоста на каталонските закони кои биле на сила во средновековна Каталонија. Според тие силувачите имале право да се оженат со своите жртви. Прељубниците биле осудувани на живот во затворена просторија на вода и леб. Христијанските фанатици ги напаѓале и осудувале постојано Евреите за да ја рекреираат болката на Исус. За на крај да ги избркаат од нивната земја која била во канџите на Инквизицијата, а повеќето биле убиени. 

Но, тука како противтежа на суровоста се појавуваат скромните амали кои ги носат камените плочи за катедралата Санта Марија и искрено ја помагаат нејзината изградба. Главниот лик Арнау Естањол кој од амал станува барон плени со својата искреност и волјата да помогне секому. Тој прави сè за да ги укине суровите каталонски прописи. Силно верува во вистинската љубов и хуманост. На крај е осуден за ерес и издаден од сопствениот поосвоен брат Жоан кој е инквизитор.

Уште како бебе е тргнат од мајчините прегратки. Лошиот феудален господар има право да спие првата брачна ноќ со невестата на своите слуги. Ова е само дел од лошата судбина на Арнау, чијашто мајка грабната и силувана од феудалниот гсподар не по своја вина станува јавна жена и никогаш не ја спознава убавината да биде мајка. Арнау со татка си пребегнува во Барселона и се бори да докаже до крај дека е вистински христијанин, поминувајќи разни препреки, искушенија и љубовни сплетки.

Дали ќе успее да се тргне од канџите на инквизиторите? Дали ќе ја  најде на крај својата вистинска љубов која му бега од рацете целиот живот?

Прочитајте го овој историски роман кој ќе ве однесе за миг низ улиците на средновековна Барселона. Со него ќе се навратите во минатото кога љубовта знаела да го најде патот до слободата. Уживајте во авантурите на Арнау Естањол. Јас чекам некое поубаво време да ја посетам Барселона и да ја видам прекрасната катедрала, исполнета со духовна енергија и светлина од Медитеранот. Каде сè уште може да се видат бронзените фигури на носачите и да се потсетам на Арнау Естањол, хуманиот барон.

4/5

Напишете коментар