Во својата поезија, Лорка најчесто обработувал мотиви од суровата Андалузија, за кулите, камбаните и зорите на Гранада, биковите и тореросите, Циганите и нивните песни и ритми, насадите со маслини и портокали итн.
Неговите стихови се полни со сликарско-музички елементи, со компликувана оркестрација, голема звучност и меѓузвучност и бројни јазични пресврти.
Иако во основата на неговата поезија лежат народните и циганските песни од Андалузија, Лорка изградил оригинален и модерен поетски јазик. Лорка останал настрана од тогашниот водечки поетски правец во Шпанија – ултраизам (шпанска варијанта на модернизмот), но од него ги презел најсмелите и најтешките елементи.
Збирка песни „Импресии и пејзажи“
Своето прво дело Лорка го објавил во 1918 година – збирката песни во проза „Импресии и пејзажи“, а во 1921 година се појавила неговата прва поетска збирка, „Книга песни“. Во 1925 година објавил неколку песни од подоцнежните збирки „Цигански романсеро“ и „Песната на Канте ходно“ и ја завршил драмата во стихови „Маријана Пинеда“ која била поставена на сцената две години подоцна, во режија на Маргарита Хиргу, а сценографијата била дело на Салвадор Дали.
Во 1927 година го напишал есејот „Поетската слика кај Гонгора“; една година подоцна излегла од печат збирката „Цигански романсеро“, а истата година напишал неколку песни од подоцнежната збирка „Поетот во Њујорк“. Во 1930 година, во Мадрид била поставена неговата пиеса „Чудесната чевларка“. Во 1931 година била објавена збирката „Песната на Канте хондо“, како и некои песни од „Поетот во Њујорк“, а истовремено почнал да го пишува циклусот „Тамаритски диван“. Во 1933 година биле прикажани драмите „Крвави свадби“ и „Љубовта на дон Перлимплин“.
Во 1934 година се одржала првата изведба на драмата „Јерма“ и ја напишал поемата „Тажачката за И. С. Мехијас“, која ја прочитал во Мадридскиот театар при стотата претстава на „Јерма“. Во 1935 година излегле од печат шесте галициски песни, како и неколку газели и касиди, а ја напишал и „Дона Росита или говорот на цвеќето“. Во 1936 година биле објавени „Крвави свадби“ и „Први песни“, а пред поетите Гиљен, Алонсо и де Торе за првпат ја прочитал драмата „Домот на Бернарда Алба“. Првите собрани дела на Лорка биле објавени во 1938 година, во Буенос Аирес, а во Шпанија, неговите собрани дела биле објавени дури во 1954 година.
Во продолжение прочитајте го преводот на неговата песна:
Излегувањето на месецот
Кога месецот излегува,
ѕвоната исчезнуваат,
а се јавуваат стази
непроодни.
Кога месецот излегува,
морето ја прекрива земјата,
а срцето се чувствува
остров во бескрајот.
Никој не јаде портокали
под полн месец.
А, треба да се јаде овошје
зелено и ладно.
Кога месецот излегува
со сто еднакви лица,
сребрените парички
во џебот липаат.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.