На денешен ден во 1973 год. во Струмица е роден од нашите најпознати современи поети, есеисти и преведувачи Никола Маџиров. Негова поезија дава посебна нова енергија и нов видик на нашиот јазик со што истиот добива нова форма која досега не сте ја запознале и сигурна сум дека читајќи ги неговите стихови за миг ќе ја засакате поезијата.
Поетот Никола Маџиров го нарекуваат поет номад и познат е по неговата промоција на македонскиот јазик низ целиот свет. Како што кажува самиот тој, куферот е негова постојана адреса и не чувствува некоја посебна припадност со ниту едно место, но македонскиот јазик е нешто што секаде го носи со себе и никогаш не го заборава.
Ја одбира поезијата за своја вокацијa, но не и прозата иако таа е доминантна во светски рамки. Неговата поезија има силно влијание врз многу млади македонски поети и е нивна инспирација за пишување, на што тој особено се радува.
Неговата поезија е преведена на 40 светски јазици. Една од неговите најпознати книги поезија е „Преместен камен“ (2007) за која ја добива европската награда Хуберт Бурда, која се доделува на автори родени во Централна и Источна Европа, како и најпрестижната македонска поетска награда „Браќа Миладинови“.
За поетската збирка „Заклучени во градот“ (1999) ја добил наградата за дебитантска книга Студентски збор, а за „Некаде никаде“ (1999) наградата Ацо Караманов.
Исто така во 2016 година го доби признанието Национален уметник на Република Македонија, кое според него е на некој начин е еден преместен камен за сите оние кои доаѓаат после него и кои ќе остават длабоки корени во уметноста.
Никола Маџиров настапувал на многубројни книжевни фестивали и добитник е на неколку меѓународни награди и стипендии: „International Writing Program“ (IWP) на Универзитетот во Ајова во САД; „Literarisches Tandem“ и „LCB“ во Берлин; „KultuKontakt“ стипендијата во Виена; „Villa Waldberta“ во Минхен и „Villa Marguerite Yourcenar“ во Франција. Координатор е на меѓународната поетска мрежа „Lyrikline“.
Во Шпанија во 2015 година беше издадена „Изреченото нѐ прогонува” од страна на издавачката куќа „Пре-Текстос”, а шпанскиот дневен весник „Ел Паис” во критиката насловена „Еден европски глас” ја спореди поезијата на Маџиров со онаа на светските поетски имиња како Јехуда Амихаj, Васко Попа, Адам Загајевски или Марин Сореску.
Во продолжение неколку песни од овој автор кои сигурни сме дека ќе ви се допаднат.
Хаику
Зимска ноќ. Куклата
од излогот, во мојот
џемпер гледа
Надвор истура.
Не. Мајка ми в кујна
пржи компири.
Паѓаа ѕвезди.
Си замислив желба: да
паднат на меко.
Одговори и време
Мојот син ме прашува каде сум.
Една врата се отвора, друга се затвора,
над неговиот недовршен цртеж
кружи ноќна пеперутка.
Јас немам сеќавања,
тој нема одговори, време,
прва љубов.
„Ќе се вратам“, му велам,
„бавно, сигурно, како тркач што
пресекува целна лента.“
Дојдов од друг свет
„Сигурно избегала
од нечиј кафез“
вели мојата девојка
за шарената птица
врз липата
Подоцна дознав
оти птицата дошла од друг свет
по својата љубов
затворена во нечиј кафез
Ја гледам мојата девојка
со метални сенки врз лицето
Растам
Дојдоа срни пред мојот кревет
и зајаци
Всушност
и коњи дојдоа
И козите беа тука,
а потоа под креветот
почна да расте трева
Ете јас сè уште растам
и го допирам стомакот
на птиците што заборавиле да летаат.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.