Хенри Милер (1891-1980) бил американски писател. Се школувал во Бруклин, а работел во Њујорк. Подоцна, работел во Париз како новинар. Милер почнал да пишува во Париз, каде ги создал своите најдобри дела. Првиот роман, Раковиот Повратник (Tropic of Cancer) е објавен во 1934 година, а зборува за неговите искуства и доживувања во Париз. Потоа ги објавил следниве дела: Црна пролет (1936), Јарчевиот Повратник (1939) и трилогијата Розево распетие (Сексус, Плексус, Нексус).
Објавувал и патописи и драми. Иако неговото творештво било оспорувано од некои американски критичари, денес Милер се смета за еден од најголемите американски писатели и зазема значајно место во современата светска книжевност, а Раковиот повратник за еден од најголемите американски романи.
Новелата „Мирни денови во Клиши“ во два дела
Неговата новела „Мирни денови во Клиши“ се состои од два посебни текста: „Мирни денови на Клиши“ и „Мара Марињан“ при што вториот дел, според тематиката и книжевната постапка, претставува природно продолжение на првиот дел, така што двата текста прават неделива целина. Првиот дел е напишан во Њујорк, во јуни 1940 година, а бил преработен во Биг Сур, во 1956 година, додека вториот текст е напишан во Њујорк, во мај 1940 година, а бил преработен во Биг Сур, во мај 1956 година.
„Мирни денови во Клиши“ е носталгично сеќавање на еден Американец, вљубен во темната страна на Париз. Главните јунаци во ова дело се проститутките, макроата, емигрантите, новинарите и пропаднатите писатели, а плоштадот Клиши, заедно со околните улички, кафеани, бордели, евтини хотели и бедни соби се местото на случувањата.
Иако стилот е типично милеровски, во ова дело тој го слика Монмартр со посветли бои, а еротските пасажи се испреплетени со лирски. Во споредба со неговите останати дела, оваа новела се одликува со помала горчина и безнадежност, а со повеќе оптимизам, со помал сарказам, а со повеќе хумор, и со помалку философија, а повеќе секојдневност.
Во продолжение прочитајте ги следниве негови цитати:
1. „Во моментот кога ќе почнеме да обрнуваме повеќе внимание на што било, дури и на обична трева, тоа станува мистериозно, одлично, неописливо прекрасно.“
2. „Сексот е еден од деветте важни причини за реинкарнација. Останатите 8 се неважни.“
3. „Дестинацијата на некого никогаш не е место, туку нов поглед кон нештата.“
4. „Треба да читаме за да ѝ овозможиме на нашата душа да се насладува.“
5. „Целта на човекот никогаш не е местото, туку новиот начин да ги види работите.“
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.