Што се случува при помнењето? Која е лоша, а која добра страна на меморијата? Дознајте во продолжение! Прво лошите вести: Повеќето од нас не помнат сè. Но ова има предност: Заборавањето е одредена карактеристика, во никој случај не е дефект во вашиот систем за помнење.
Како нашиот мозок ги организира информациите кои ги помниме и оние кои ги забораваме?
Времето, повторувањето на настаните и емоцијата, сите имаат влијание дали ние ќе запомниме одредена информација или настан и основното правило е дека настаните и информациите коишто имаат големо значење се запомнуваат. Помнењето на скорашни настани најверојатно е порелевантно за функционирањето отколку повеќето поодамнешни: Сакате да запомните каде сте го паркирале автомобилот утрово. Но помнењето каде сте паркирале последната среда може да биде контрапродуктивно за пронаоѓање на вашиот автомобил денеска.
Повторувањето е мајка на знаењето
Настаните и информациите коишто се повторуваат повеќепати поверојатно е дека ќе бидат поважни и ќе се запомнат побрзо отколку оние што се повторуваат поретко. Несомнено е дека сите можете да го најдете патот до вашето основно или средно училиште назад до местото на живеење во времето кога сте живееле таму иако тој пат сте го врвеле пред многу време. Ова е причина поради која повторувањето при учењето функционира.
Вие полесно ќе ги запомните настаните кои имаат поголемо емоционално значење за вас. Затоа помните „каде сте биле“ кога сте слушнале за важни, екстремно стресни или шокирачки јавни настани. Или пак ја препознавате одредената маса во ресторанот каде сте биле запросена дури и ако повеќепати сте го посетиле после тоа и сте седеле на сите столови во одреден период. Емоцијата којашто е поврзана со искуството го засилува создавањето на тоа одредено сеќавање предизвикувајќи незаборавна и лесно достапна меморија која трае долго време во иднината.
Зошто селективната меморија е важна? Зошто не би можеле да помните сè?
Постојат повеќе причини. Една е поврзана со едноставното прашање за можноста за капацитет: Дали постојат доволно синапси во мозокот за тој да ги зачува сите податоци што се случуваат секој ден? Ова никој не го знае со сигурност. Дури и да постои доволно простор, зачувувањето на цела меморија ќе биде неефикасно. Ако целта на меморијата е да го насочува однесувањето и да овозможува преживување, тогаш голем дел од секојдневното искуство во голема мера ќе биде ирелевантно во однос на нашата способност за функционирање во иднината.
Но некои настани се круцијални да се запомнат во функција за преживување. Скорашност, повторување и емоции – сите овие ја индицираат важноста на информацијата и колку повеќе таа ќе биде присутна во нашата моментална средина, односно ќе влијае врз нашето секојдневно живеење, па од таму толку ќе биде значајно да се запомни истата. На пример, ако знаете каде може да се најде вкусна храна (можеби пекара во вашиот град во која се прави одредено јадење што вам ви се допаѓа), поверојатно е дека ќе го запомните местото каде се наоѓа таа пекара отколку каде се наоѓаат останатите во градот.
Пример од секојдневниот живот
Ако се случи да бидете ограбени еден ден, многу поверојатно е дека ќе ги запомните и грабежот сам по себе како и деталите на местото отколку другите места што сте ги посетувале почесто. Многу е веројатно дека тоа место ќе го поврзете со чувство на страв за да го избегнувате, а помнењето на грабежот и тоа чувство ќе биде присутно на слични места. Грабежот, па дури и таа одредена вкусна храна се интензивни, комплексни искуства со многу различни фактори, вклучувајќи го и претходното искуство, влијаат врз помнењето на овој специфичен настан.
Во лабораториски истражувања, приказните и фотографиите кои предизвикуваат емоција се запомнуваат подетално и подолго за разлика од сличните приказни и фотографии без емоционална конотација. Ова е исто така важи и за стресен настан кој ќе биде полесно како и подолго запомнет од ист таков еквивалентен настан во средина без стресор. Значи дека емоциите не само што имаат удел за содржината на меморијата туку и од нив во голема мера зависи дали нешто воопшто ќе биде запомнето.
Ако е човекот адаптибилен во селекцијата за помнење, тогаш дали луѓето што имаат “подобра меморија“ се соочуваат со потешкотии?
Индивидуите со “високо супериорна автобиографска меморија“ помнат речиси сè за сите настани од нивните животи – и покрај тоа живеат нормален живот, манифестираат нормален IQ, и не се разликуваат од другите во доменот на останатото когнитивно функционирање. Зошто? Бидејќи ваквите луѓе не покажуваат ист вид на екстремно помнење за сите видови меморија. Дополнително на автобиографската меморија (свесни сеќавања за личните искуства), многу други видови меморија се клучни за моделирање на однесувањето.
Вклучувајќи ги помнењето факти (семантичка меморија) и несвесните сеќавања, навики или механичка меморија (возење до старото место на живеење без целосно внимание или свирење инструмент) или асоцијативно условување (причина поради која одбегнувате да јадете печурки бидејќи после јадењето сте се разболеле додека сте биле дете, дури и ако не можете свесно да се сетите на инцидентот).
Исто така ваквите луѓе не помнат само што се случувало туку и кога се случиле настаните, поради тоа поверојатно е дека ќе има интерференција помеѓу сеќавањето каде ја паркирале нивната кола вчера, а каде денеска. Може да се претпостави дека помнењето на секој детаљ – секој појадок, аргументирање со другите, политичките настан за кои сте прочитале секој ден од вашето живеење, може да направи проблеми при секојдневното функционирање.
Што ако мозокот згреши?
Секако дека ако мозокот може да направи нешто, истото може да го направи погрешно, и овде нема исклучок: Мозокот може погрешно да ги „кодира“ важните информации кои се создаваат од личните искуства, и да запомни погрешно. Честопати сеќавањата што ги помниме не се идентични како што сме ги доживеале првиот пат. Аналогно на ова, една иста случка којашто се случила во одреден период на кој учествувале повеќе луѓе, истите тие луѓе ќе ја запомнат различно, во зависност од многу фактори кои влијаат врз нивната меморија.
Добрите вести
За повеќето од нас, неспособноста за помнење (или заборавањето со текот на времето) не е резултат на „лоша меморија“, туку поверојатно е дека селективноста на она што се помни овозможува да се филтрира квантитетот на информациите со кои се среќаваме секојдневно. Со селектирање на значајните информации базирани на емоционални побуди над другите нешта значи дека понекогаш ги забораваме податоците кои ние би сакале да можеме повторно да ги повикаме во сеќавањето, но уште поважно, значи дека можеме ефикасно да ги користиме информациите коишто ги задржуваме – и така преживуваме во секојдневното опкружување.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.