Првата македонска поетеса Даница Ручигај е родена во 1934 година во Скопје. Учела класична гимназија, каде што ги изучувала старогрчкиот и латинскиот јазик. Извесно време поминала во Грција. По завршувањето на средното образование, студира на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломирала југословенска книжевност, со што трајно и професионално се врзала за поезијата и за книжевноста. Својот краток работен век го поминала во Министерството за култура на СР Македонија.
Даница е авторка на две стихозбирки. Дебитирала со исповедната љубовна лирика „Сребрени, ноќни игри“ во 1960 и “Заробеници на ветерот“ во 1963 година. Со втората стихозбирка таа е претходничка на мотивскиот и јазичен нонконформизам на една цела плејада македонски поетеси. Загинува трагично во Скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година. Од 2005 година во нејзина чест се доделува наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска поетска книга.
Во 2018 година излегува Антологија на песни посветени на поетесата. „Недореченост, о проклета да си“ е насловена антологијата на песни посветени на Даница Ручигај, првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто. Антологијата е објавена по повод 55 години од нејзината трагична смрт во скопскиот земјотрес во 1963-та, а ја приредија новинарите Свето Стаменов и Искра Чоловиќ.
Тие наведуваат дека изданието е своевидна антологија на факсимили на рачно напишани песни и како таква можеби досега е единствена во македонската литература.
– Антологијата содржи 67 песни на педесетина поети, нејзини содружници и наследници, кои секој на свој посебен начин и искажуваат љубов и почит за сето она што таа и го дари на поезијата. А, љубовта и почитта во „Недореченост, о проклета да си“ тие не ја искажуваат само преку секој свој стих, туку и со благородниот чин своите песни да ги напишат рачно, онака како што впрочем Даница најчесто ноќе, чувствувајќи ги поривот и крикот на поезијата во себе, рачно запишувала стихови од кои се раѓале песните од нејзините две стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ (1960) и „Заробеници на ветрот“ (1963), истакнуваат приредувачите.
Во вториот дел на антологијата, насловен „Меридијани“, содржани се четириесетина препеви на нејзини песни на шеснаесет јазици, почнувајќи од најстарите кои датираат од крајот на 1950-тите години, па до најновите, од кои најголем дел се направени само за оваа антологија и првпат се објавуваат во неа.
Во нејзина чест поетот и писател Филип Димкоски напиша песна која ја споделуваме.
Во продолжение прочитајте ги неговите стихови кои ги презедовме од овде.
Говорот на прстите
На првата македонска поетеса Даница Ручигај
Моите прсти не ги допреа твоите прсти.
Мојата душа ги осети твоите прсти.
Нежни, топли, меки, а цврсти.
Како стиховите твои да ги изречам,
кога тебе не те познавам
Кажувам треперливо твои стихови, несигурен во себе
пеејќи осеќам дека низ стихот те запознавам тебе.
Некогаш така зборот,
затаен, задуман останува
чувствата во мисли се преслекуваат
духовите наши во стихот се спознаваат
и во заложништво на ветрот векуваат.
Животот така одлучил
прстите да не се допрат
а да се чувствуваат
така две души да говорат
што од поетска страст боледуваат.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.