Пораснав во поле со сончогледи,
а никогаш не им ја видов вистинската боја.
Гледајќи накај сонцето научив дека
секоја друга нијанса е само бледа рефлексија.
Не им ја знам бојата,
ама и слепа би можела да ги соберам зрната
за да не останам гладна.
Да, јас сум најлошиот сончоглед.
На средина на полето имаше црква.
Се опив од темјан, а камбански звуци уште ми ги тријат мислите.
И мускулите.
Па срцето ми чука во хармонија.
Тоа што го создал Човек,
Бог да не го растури.
Погледнав пошироко и таму некаде далеку забележав дрвја.
Костен, цреша и врба.
Вдишав од воздухот што го пратија
и почувствував покрив над глава.
Под нивната сенка секогаш ќе сум сигурна, помислив.
А сонцето и онака е преценето.
Дојде ноќ, па залади.
Земјата омекна и ме проголта.
Јас одново и одново тонев во калта.
Ама ништо страшно. Пак раздени.
Утрото видов дека дрвата сами ископале дупка.
Го повикав дождот, ама не дојде.
Го разиграв ветрот и ги наводнив со прошка.
Од ладното кожата ми пушти трња,
косата ми стана црвена,
но се уште мирисав на некосена трева.
И сега што? Одново исто?
Заминав подалеку и сретнав лисица.
Морав да ја поздравам, а таа ми даде подарок.
Лесно можеш да надмудриш некојшто сака да се докаже.
Но кога никој не те знае, тогаш си најмоќен,
рече покажувајќи ми го патот нанапред.
Тивко воздивнав. Мислев на каде, што и како.
Единствено не знаев кога.
Наеднаш сонцето пак огреа над мене.
А јас сум порасната во поле со сончогледи.
Секогаш ќе се вртам накај сонцето.
Марија Пандиловска