Skip to content

Ко Ун – јужнокорејски поет – добитник на престижната награда „Златен венец“ на СВП

Поет – монах до 1962, Нихилистички поет до 1972. Поет дисидент до 80-тите, но после едноставно, само поет, врвен поет, водечки поет, до денес. Единствено иднината е таа која ќе му го додели местото меѓу најголемите. Тој веќе ја носи титулата „Национален поет на Кореја. Но сепак, „она што е највосхитувачко во ракописите на овој поет“– потенцира Американскиот поет лауреат Роберт Хас – „ е како тој се реосмислува себе си во секоја декада од неговиот живот.“

Роден е на денешен ден во 1933 г. како Ко Унте (고은태) во градот Кунсан, во покраината Северна Чола.

Средношколски денови

Како средношколец претрпел значајни трауми поради страдањата на неговото семејство и другари во Корејската војна. Во моменти на пхихолошки тешкотии, си го оштетил слухот истурајќи си киселина во ушите во обид да се самоубие. Во 1952, пред крајот на војната се замонашил во будистички манастир. По десет години решил да му се врати на световниот живот и ѝ се посветил на поезијата. Од 1963 до 1966 г. живеел во островската покраина Чеџу, каде отворил добротворно училиште, а потоа се преселил во Сеул. Во 1970 г. повторно се соочил со психолошки тегоби и направил втор обид за самоубиство.

Кон крајот на 1972 г. владата на Јужна Кореја го донела Јусинскиот устав со цел да ја ограничи демократијата во земјата. Иако сето време творел, Ун се активирал во демократското движење и станал политички активен, поради што се соочил со четири затворски казни (1974, 1979, 1980 и 1989). Во мај 1980 г. за време на државниот удар под водство на Чун Ду-хван, Ун бил обвинет за предавство и осуден на 20 години затвор. Излегол од затвор во 1982 г. со општо помилување на политичките затвореници.

Нихилистички период

Во периодот од 1962 до 1972, новина во неговото творештво се чувството на природност и спонтаност. Во овој период неговиот поглед кон нештата е темен и нихилистички, полн со очај и себеотфрлање. Не е за изненадување што овој период кулминираше со речиси успешен обид за самоубиство.

Трагичната историја на корејскиот народ

Во годините на социјалните немири, помеѓу 1973 и 1983, со самото интензивирање на продемократското движење, поетиката на Ко Ун добиваше нова трансформација. Таа почна да ја одразува трагичната димензија на Корејската историја, која е длабоко вградена во поетовото чувство за мизерните околности во кои се наоѓа корејскиот народ во дваесетитот век.

После годините во затвор, од 1983, Ко Ун станува многу продуктивен, ќе напише многу поетски збирки, меѓу кои и неколкутомните „Десет илјади животи„ и „Планината Паекту“. Овие дела се последица на случувањата поврзани со Движењето за демократија во мај 1980, кога стотици граѓани беа убиени од корејската војска, како и поетовото апсење, затворање и соочување со смртта.

Уште во воениот затовр тој отпочнува серија на наративни вињети наречени Десет илјади животи, книга која сѐ уште се развива, во која поетот ја претставува секоја личност која што ја запознал. „Планината Паекту“ претставува неколкутомно епско дело во кое авторот го прикажува Корејската борба за независност за време на јапонската окупација.

Голема поетска експлозија

Од тогаш поетот издава преку 40 книги. Критиката овој феномен го нарекува „голема поетска експлозија“ . Во фокусот на критиката е јазикот во двете епски книги, кого го нарекуваат „јазикот на ослободувањето“ – непосреден, но лавински силен, народски, но чист, смирен, а крцкав, сликовит и експресивен.

За „Десет илјади животи“ Роберт Хас ќе рече дека тоа е „еден од најнеобичните проекти во светската книжевност на дваесетитот век“. Подоцна за Вашингтон Пост ќе каже дека „овие песни се исклучително богати. Анегдотични, заводливи, полни со детали од човечките животи, неспоредливи со ниедна Корејска поетика што сум ја сретнал до сега.“

Остварување на неговиот сон

Огромното чувство за историја и љубовта кон својот народ и земјата го создадоа најголемиот сон на Ко Ун, да ја види обединета Кореја. Овој сон се провејува и во неговата поезија од седумдестите години. Тој ја посетува Северна Кореја и го придружува претседателот Ким на историскиот самит за обединување. Како резултат од овие посети, излегува збирката поезија „Југ и Север“ (2000).

Покрај што го изразува силниот стремеж за мир во својата земја, поезијата создадена во деведесетите години, повикува на обединет и отворен свет на хармонија, слобода и љубов. Свет во кој секое битие ќе живее во прегратка на сомилост. Умот на Ко Ун е секогаш во состојба на спремност, и тој признава дека има нешта за кои треба да пишува уште токлу колку што досега напишал.

Во поговорот на книгата „Планината морски дијамант“ за својата креативна природа Ко Ун ќе запише: „Ако некој го отвори мојот гроб после неколку години од мојата смрт, тој ќе биде полн, но не со моите коски, туку со песните напишани во таа гробна темнина…Дали сум многу приврзан за мојата поезија? Моите песни стојат рамо до рамо со чинот на предавање на стиховите, мојата приврзаност за поезијата е поврзано со моето ослободување преку неа.“ Тој сака целиот свој живот , дури и својата смрт, гроб, да ги трансформира во поезија, додека истовремено одбива да остане заробен во стегите да се пишува поезија како причина сама за себе.“

Листа со најзначајните дела на Ко Ун

Поетскиот опус на Ко Ун е огромен, тој напишал повеќе од било кој корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови од суштинска вредност. Тој секогаш изјавува дека „ако квантитетот на некој начин го компромитира квалитетот на неговото творештво тогаш тој веднаш би сопрел со пишување. Во неговите песни се манифестира широк диверзитет: епиграми во неколку реда, долги дигресивни стихови, епични, пасторални, па дури и некои жанрови кои самиот тој ги создал, а можат да се наречат поп-историски песни, како што се оние кои ги среќаваме во 20 те досега објавени книги под насловот „Десет илјади животи“.

Книги со Поеми

Сензибилитет од Друг Свет (1960), Крајморски Поеми (1966), Бог, Последното Село на  Јазикот (1967), Сеноја, Сеноја: Кратки Песни (1970),  На Пат кон Селото Минуи (1977), Влегување во Планинска Осаменост (1977), Ран Утрински Пат (1978), Домашни Ѕвезди (1984), Пасторални Поеми (1986), Летајте Високо, Поеми! (1986), Личноста што треба да Замине (1986), Твоите очи (1988), Моите Ноќи (1988), Големиот Марш на Тој Ден (1988),

Утринска Роса (1990), За Солзи (1991), Илјада Години Плач и Љубов : Лирски Поеми од Планината Паекту (1990), Планината Морски Дијамант (1991), Што?—Зен Поеми (1991), Песни од Улицата (1991), Песни на Утрешнината (1992) Неодениот Пат (1993), Песни за ЧаРуонг (1997), Островот Докдо (1995), Десет Илјади Животи, 20 Тома (1986-1997), Планината Паекту: Еп, 7 Тома (1987-94), Меморијален Камен (1997), Шепотења (1998), Далечно, Далечно Патување (1999), Југ и Север  (2000), Хималаите (2000), Цвеќиња на Моментот (2001), Поеми Заборавени Назад (2002).

Романи

Црешово Дрво во Друг Свет (1961), Еклипса (1974), Малечкиот патник (1974), Ноќна Таверна: Збирка на Кратки Раскази (1977), Скршено Име (1977), Лутачките Души: Хансан и Сеупдук (1978), Одредено Момче : Збирка на Кратки Раскази (1984), Гарланд Сутра  (Малечкиот Аџија) (1991), Нивното Поле (1992) Пустината што ја Направив (1992), Чонгсунг Ариранг (1995), Патувачкиот поет Ким, 3 тома (1995), Зен: Роман, 2 Тома (1995), Планината Суми, 2 тома(1999).

Збирки на есеи

Роден да Тагува (1967), Зајдисонце на Г-Линијата (1968), Работите кои не Растажуваат (1968), Каде и Што ќе се Сретнеме Повторно? – Порака од Очај (1969), Една Ера Заминува (1971), 1950s(1973), За Разочарување (1976), Интелектуалците во Кореја (1976), Зајдисонцето на Гандите (1976), Пат Одвоен (1977) Со Историја, Со Тага (1977), За љубов (1978), За Вистина (1978), За Сиромавите (1978), Покајаните на Полунебјето (1979), Неименуваното Духовно (1979),

Цвеќиња од Страдание (1986), Течи, Водо (1987), Кореспонденцијата на Ко Ун (1989), Лисјата Стануваат Сината Планина (1989), Лутање и Шетање со Полна Брзина (1989), Историјата е Сонување (1990), Како Лутав од Поле в Поле (1991), Дијамантската Сутра и Искуството (1993), Медитации во Дивината (1993), Вистино-Трагач (1993), Нема да Бидам Пробуден (1993), Во Живата Плаза (1997), Утро со Поезијата (1999).

Прирачници

Стари Храмови: Мојот Аџилак, Мојата Земја (1974), Островот Џеџу (1975) Патување во Индија (1993), Планини и Реки, Моите Планини и Реки (1999).

Дела за книжевна критика

Литературата и Луѓето (1986), Поезијата и Реалноста (1986), Самракот и Авангардата (1990).

Биографија

Критичка Биографија на Ји Јунг-Суп (1973), Критичка Биографија на поетот Ји Санг (1973), Критичка Биографија на Хан Јонг-Ун (1975)

Автобиографија

Син на Жолта Почва: Моето детство (1986), Јас, Ко Ун, 3 Тома (1993).

Добитник е на многу книжевни награди, меѓу кои и на престижната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2014 година.

Извор

Напишете коментар