Во едно далечно гратче на стотици километри оддалечено од главниот град, си живееше еден стар брачен пар. Дедото и бабата беа во брак цели 50 години, имаа синови и ќерки. Од синовите и ќерките имаа еден куп внуци. Сите тие живееја во главниот град, но не забораваа да ги посетат старите. Освен нивниот најстар син со неговата фамилија.
Тој секогаш забораваше да ги посети. Никогаш не можеше да одвои време да појде да си ги види родителите. Тие не му се лутеа, но сакаа барем да го чујат на телефон. Најстариот син само три пати годишно им се јавуваше, колку да провери дали се живи. Во разговорите со браќата и сестрите, никогаш не ги спомнуваше. Дури и кога тие му раскажуваа како си поминале на гости во далечното гратче, како да стануваше глув и нем.
Што беше тоа што не сакаше да го чуе? Зошто ја избегнуваше посетата на неговите стари родители? Никој не знаеше кога ќе биде нивното последно видување. Затоа гледаа да ги посетуваат колку што е можно почесто. Едната ќерка ги викаше да живеат кај нив во главниот град. Но, тие одбиваа со образложение дека се навикнати на тишината и мирот што го имале сите изминати години.
Никогаш не се пожалија за игнорирањето од нивниот најстар син. Ги болеше помислата дека се како заборавени од него. Но уште посилно ги погодуваше тажната вистина. Можеби имаа вкупно пет деца, тројца синови и две ќерки. Меѓутоа тој најстариот син им беше посвоен. Не беше нивна крв. Како тој тоа да го насетуваше однекаде.
Како се случи да го посвојат? Кога беа тазе влезени во брак, уште пред да забремени сега споменатата баба, нејзината најдобра другарка направи сообраќајка. Таа и нејзиниот сопруг ги изгубија животите, а остана нивниот првороден и единствен син. Двајцата немаа поблиска фамилија која би можела да се грижи за детето што остана сираче.
Така, бабата во нејзината младост уште пред да има свои деца заедно со сопругот одлучија да го земат детето со неполни три години како свој син, и да го одгледаат. Без разлика колку деца ќе имаа после него, секогаш ќе го сакаа како таа да го родила. Тоа беше нивен заеднички договор. Мислеа дека е подобро тие да го одгледаат, отколку детето да се изгуби низ некое сиропиталиште.
Бидна така, го сакаа повеќе од сè, му ги овозможија сите услови. Потоа дојдоа и нивните вистински деца, два сина и две ќерки, се изродија во период од шест години. Беа многубројно семејство, богато со деца, а сиромашно со пари.
Гордите родители сепак беа најсреќни, се трудеа колку што можат во домот секогаш да има храна, чиста облека и да биде топло. На децата ништо не им недостигаше. Никој од нив не знаеше дека нивниот најстар брат всушност не е нивна вистинска фамилија. Не се посомневаа, но откако веќе пораснаа и станаа зрели луѓе неговото однесување никој не можеше да го сфати.
Тој знаеше. Длабоко во себе знаеше дека тие ја кријат од него вистината. Не сакаше да ја изусти на глас. Никому не кажа. Му одговараше да се прави дека не знае, само за да ја намали болката. За да ја спречи непријатноста помеѓу сите што ќе ја дознаеја тајната. Одлучи да не ги посетува, само за да не ги гледа и да не мора да глуми пред нив.
Им беше бескрајно благодарен од една страна, но и лут што никогаш не му кажаа. Што не го соочија со вистината, што криеја со години. Длабоко во себе, но и свесно веќе им имаше простено, но не можеше да се прави како ништо да не било.
Еднаш пред неговото полнолетство, неколку месеци пред да оди на факултет барајќи свидетелство, случајно налета на неговата крштеница. Некој внатрешен глас му рече да ја земе и да ја погледне поубаво. Кога прочита беше шокиран и му се сврте во главата. Од тогаш стана речиси нем, престана и многу да зборува. Како да се пресели во свој свет, само нему познат.
Се повлече во себе, и откако се пресели во главниот град и тргна на факултет, никогаш не се врати да живее во семејната куќа. Одржуваше контакт со неговите божемски браќа и сестри, ги сакаше внуците, но откако се ожени имаше и повод да се оддалечи повеќе од нив. Сите тие го сметаа за чуден, велеа дека е асоцијален, дека не сака луѓе, дека му смета социјализација.
Никој од нив ја немаше откриено семејната тајна. Само од него зависеше дали другите еден ден ќе ја откријат. Или истата долго чувана и криена вистина ќе ја однесе со себе засекогаш.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.