Skip to content

Краток осврт за „Илјада неверојатни сонца“ од Халед Хосеини

„Илјада неверојатни сонца“ е роман кој допира во најтемните делчиња од човечката душа. Книжевно дело коешто суптилно ти става до знаење дека имаш илјада и една неверојатна причина да му се радуваш на животот. Да се исполниш со благодарност бидејќи твојот не е ни налик на оној на Мерјем и Лејла чиишто животи ќе се испреплетат.

Мерјем родена како непосакувано дете, при жив татко осудена е да живее без татковска поддршка. Лишена е од неговото присуство додека расте. Мајка ѝ покрај понижувањата и вербалните навреди ѝ става до знаење дека жените секогаш ќе бидат виновни во очите на мажите. Младото девојче тоа некако си го врежува во мислите, но дури после неколку години ќе го сфати нивното значење.

Лејла пак од друга страна, со навидум подобро детство и живот, на петнаесет години ги губи нејзините родители како последица од бомбашките напади што се случуваат во Кабул. Таа е на истата возраст на која Мерјем принудно ја омажија за Рашид.  Заминува да живее со него на шестотини километри подалеку од нејзиното родно место. Судбината или несреќната околност двете ќе ги поврзе со него. Тие ќе ја делат истата мака, заедно ќе патат во неизбежната суровост што ги затекнува.

Начинот на кој се третирани од сопругот, со крвничко малтретирање правејќи ги помалку вредни и од животни, не е ни приближно слично на она посакувано однесување од маж којшто секоја жена го заслужува.

Какви им се животите на двете жени?

Животите до нивната петнаесетта година им се целосно дијаметрални, за потоа да ги спои трагедијата од Лејла. За нејзина среќа или несреќа, или среќа во несреќа во неа расте живот од нејзината голема љубов од детството. На нивната последна средба ја моли да замине со него и неговите родители, за да се спасат од војната. Кога ќе го одбие Тарик ѝ ветува дека ќе дојде по неа.

На сликовит и живописен начин се претставени воените состојби во Авганистан, Иран, Туркменистан, Пакистан. Што сè се случувало за време на владеењето на талибанците, како луѓето ги губеле животите прикажано е со трогателни описи. Но и со маестрална техника на раскажување. Реалниот момент на доживување на прераскажаното, како настаните да ги гледаш пред тебе, само ја прави целата приказна потешка и уште потажна. Прикажан е односот на мажите кон жените во муслиманските земји, на каков начин тие се третирани.

Деградацијата кон жените, како и законите што важеле за сите луѓе во овие земји, каменувањето, одземањето на право на слободно движење, полицискиот час се само мал дел од реалноста на тамошните луѓе. Со кратење и неуважување на човековите права се случуваат нереди. Масовната злоупотреба на оружјето доведува до немири и резултира со илјадници невини жртви.

Навистина потресна приказна за животот на младите жени, едната малку постара од другата, може да ѝ биде речиси мајка, но со иста цел: „да преживеат и да се спасат од пекол“. Дали накрај ќе успеат во тоа, и по која цена, треба да прочитате за да дознаете. За крај само би додала дека двете се хероини, но круната за херојство ѝ припаѓа на Мерјем чијшто напатен и жртвуван живот кај мене предизвика многу солзи.

5/5

Прочитајте ја и рецензијата за „Вистинско семејство“ од Тони Парсонс.

Напишете коментар