На македонската публика сенегалскиот поет и државник Леополд Седар Сенгор ‘и го откри Ацо Шопов, во 1975 год. По четиригодишниот престој во неговата земја, Сенегал, во својство на амбасадор на СФР Југославија, Ацо Шопов го предложи Л.С. Сенгор за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, и препеа заедно со Влада Урошевиќ и Георги Сталев обемен избор од поетското творештво на овој светски прочуен поет и теоретичар на Негритудата.
Прочитајте ја оваа убава песна во препев на Ацо Шопов:
Црна жена
Жено гола, жено црна
Облечена во боја што е живот, во облик што е убавина!
Раснев под твојата сенка, нежноста на твоите раце ми ги засолнуваше очите.
И еве сред Лето u Пладне те откривам Земјо ветена од врвот на еден висок и збигорен превој
И твојата убавина ми го згромува срцето како молња орелот.
Жено гола, жено темна!
Овошко зрела со цврсто месо, мрачна екстазо од црно вино, усто што ми ја распејува устата
Савано во чисти хоризонти, савана што трепери под огнените милувања на Источниот ветер
Там-таму врежан ео скулптура, оптегнат там-там што грми под прстите на Победникот
Твојот длабок глас од контра-алт е духовна песна на Саканата.
Жено гола, жено темна!
Масло што не се брчка од никаков здив, мирно масло во боковите на атлетите, во боковите на принцовите од Мали
Газело од небесни соѕвездија, бисери се ѕвездите во ноќта на твојата кожа
Наслади на играта на духот, одблесоци од црвено злато на кожата што се прелева,
Во сенката на твојата коса се осветлува мојот немир под блиското сонце на твоите очи.
Жено гола, жено црна!
Пеам за твојата убавина што поминува, за обликто што го зацврстувам во вечноста
Пред љубоморната судба да те претвори во пепел за да ги нарани корењата на животот.
Препев на македонски: Ацо Шопов
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.