Skip to content

Леополд Седар Сенгор – сенегалски поет , прв претседател на Сенегал и основач на Франкофонијата

Леополд Седар Сенгор (9 октомври 1906 – 20 декември 2001)е сенегалски поет, политичар, културен теоретичар и прв претседател на Сенегал во периодот од 1960 до 1980 година. Роден е на денешен ден на 9 октомври 1906 година во малиот крајбрежен град Жоал, стотина километри оддалечен од Дакар, како едно од шесте деца на Базил Џогој Сенгор, земјопоседник од аристократското племе Серер, малцинска група во Сенегал, и Гнилан Н’Дјеме Баку. Неговото второ име Седар значи „Оној што нема да биде понижен“.

Прв африканец избран за член на Француската Академија

Сенгор е првиот африканец кој е избран за член на ‘Француската Академија’. Основач е и на политичката партија позната под името Сенегалски Демократски Блок. Почитуван е како еден од најголемите африкански интелектуалци на дваесеттиот век. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1975 г.

Во 1922 оди во Дакар каде треба да учи богословија. Но откако му е кажано дека религиозниот живот не е за него, се префрла во секуларно училиште. Уште од тогаш страсно чита француска литература. Особено се истакнува на часовите по француски, латински, грчки и алгебра. Откако го завршува средното училиште добива стипендија за студиите да ги продолжи во Франција.

Во 1928 Сенгор го напушта Сенегал и заминува во Франција, започнувајќи го периодот на, според него, “шеснаесетгодишното лутање.” Најпрво оди на Сорбона, но брзо се откажува. Сепак, на крајот дипломира на Парискиот Универзитет, каде се здобива со диплома по француска граматика. Доделено му е и професорско место на универзитетите во Туре и Париз во периодот од 1935-1945.

Офицер во француската армија за време на Втората светска војна

Во 1939 година Сенгор се придружува на француската армија со титула офицер во рамките на 59тата пешадиска дивизија, но само по една година е заробен од Германците. Префрлан е во неколку различни кампови, за на крајот да биде сместен во Фронт Сталаг 230 во Поатје, логор резервиран за пешадиските трупи заробени во текот на војната. Германските војници сакале, заедно со останатите црнци-воени затвореници, да го егзекутираат уште истиот ден, но оваа судбина Сенгор и останите ја избегнуваат извикувајќи “Vive la France, vive l’Afrique noire!

Војниците решиле да не преземат толку ригорозен акт откако еден француски офицер им објаснил дека таква расистичка постапка потполно ќе ја посрами ариевската раса и обесчести Германската армија. Вкупно, Сенгор минува две години низ разни кампови; најголем дел од времето таму, тој го минува пишувајќи песни. Во 1942 година е пуштен на слобода поради влошено здравје. До крајот на војната тој останува на својата професорска функција, притоа активно помагајќи му и на Движењето на Францускиот Отпор.

Декан на École Nationale de la France d’Outre-Mer

По крајот на војната, Сенгор станува декан на École Nationale de la France d’Outre-Mer на отсекот Лингвистика, позиција на која ќе остане сè до 1960 година, кога Сенегал се здобива со независност. На покана од локалниот водач на социјалистите, Ламин Гај, Сенгор станува член на Долниот Дом на Францускиот Парламент, и тоа како заменик-претставник на Сенегал-Мавританија, во период кога секоја од француските колонии имала право да номинира свој претставник во собранието. Кога кондукторите на железничката линија Дакар-Нигер започнуваат штрајк, Сенгор, за разлика од Гај кој смета дека нивното неработење ќе ја парализира колонијата, јавно ги поддржува и се здобива со голема популарност меѓу Сенегалците.

Градоначалник и министер во Сенегал

Во ноември 1956 година станува градоначалник на Тјес во Сенегал а потоа и советодавен министер во владата на Мишел Дебре од 23 јули 1959 до 19 мај 1961. Член е и на комисијата задолжена за подготвување на нацрт-планот за уставот на Петтата Република, генерален одборник за Сенегал, член на Главниот Одбор на Француска Западна Африка и член на парламенатарното заседание на Европскиот Совет.

Во меѓувреме се венча двапати – вториот пат во 1957 година со французинката Колет Хуберт. Во 1964 година ја издава својата прва збирка поезија со наслов Chants d’ombre („Песни од течнината“).

Приврзаник на “Француски Комонвелт

Сенгор е приврзаник на федерализмот за ново-востановените африкански држави, еден тип на “Француски Комонвелт“. Федерализмот не е поддржан од државите, поради што Сенгор, заедно со Модибо Кеита, ја формира Федерацијата Мали заедно со поранешен Француски Судан (современ Мали). Сенгор е претседател на Федералното Собрание сè до неговиот распад во 1960 година. Потоа, на 5 септември 1960 година, избран е за прв претседател на Сенегал. Тој е автор на Сенегалската национална химна, Pincez Tous vos Koras, Frappez les Balafons (Le Lion Rouge).

Франкофонија

Сенгор го поддржува формирањето на Франкофонијата и е избран за заменик-претседател на нејзиното високо собрание, на чијшто чело е тогашниот претседател на Франција, Франсоа Митеран.

Во 1982 година, тој е еден од основачите на организацијата за соработка меѓу Франција и земјите во развој чија цел е да се навлече светското внимание на земјите од третиот свет во еден период на промени кои особено влијаат врз нив.

Член на Француската Академија

Избран е за член на Француската Академија на 2 јуни 1983 година. Станува првиот африканец што има ваква чест. Церемонијата по повод неговиот избор се одржува на 29 март 1984 во присуство на тогашниот француски претседател Франсоа Митеран. Со овој потег, Академијата го прави еден од првите чекори кон широкото отворање на нејзините врати, со оглед на фактот дека пред Сенгор нејзин член станува и првата жена – Маргарит Јурсенар. Во 2005 година, член на оваа престижна установа станува алжирската писателка Асја Џебар, а во 2011 година, франко-либанскиот писател Амин Маалуф.

Смрт

Je ne suis pas sûr de mourir. Et si c’était ça l’enfer?” (“Не сум сигурен дека ќе умрам. Можеби ова е пеколот?“) ќе рече еднаш Сенгор во 1996 година.

Послените години од својот живот, Сенгор ги минува во гратчето Версон, Нормандија, каде и умира на 20 декември 2001 година. Неговиот погреб се одржува по девет дена во Дакар. Жак Ширак и Лионел Жоспин, претседателот и премиерот на Франција не присуствуваат на погребот. Овој потег е оценет како недостатно искажување на почит кон големиот сенегалски водач. По повод оваа постапка на француската делегација, научникот Ерик Орсена во влијателниот весник Le Monde ќе напише текст со наслов: “J’ai honte” („Јас сум засрамен“).

Поезија

Неговата поезија е високо ценета и се смета за еден од врвните дострели на африканската литература, поради што во 1975 година се закитува со Златниот Венец на Струшките вечери на поезијата, а три години подоцна ја добива и Prix mondial Cino Del Duca (Светската награда на Сино Дел Дука). Неговата позната песна A l’appel de la race de Saba објавена во 1936 година, инспирирана е од влезот на италијанските трупи во Адис Абеба. Во 1948 Сенгор го комплетира и уредува томот посветен на франкофонската поезија Anthologie de la nouvelle poésie nègre et malgache за кого Жан-Пол Сартр пишува предговор со наслов “Orphée Noir” (Црн Орфеј).

На неговата надгробна плоча се врежани стиховите од една негова песна:

Кога ќе умрам, пријатели, положете ме во сенките на Жоал,
На ридот крај брегот на Мамангеди, со уво прилепено до светилиштето на Змиите.
Меѓу Лавот, положете ме, и прародителката Тенинг-Н’Дјај.
Кога ќе умрам, пријатели, положете ме во темелите на португалскиот Жоал.
Изградете го мојот гроб со камења од неговата тврдина, а топовите нека молчат.
Мирисот на две ловорови ружи – бела и розова – нека ја опојува Сињарката.
Негритуда

Со Еме Сезар и Леон Дамас, Сегнор го воспоставува концептот на Негритудата, важно интелектуално движење кое има за цел да ги утврди и валоризира особените африкански карактеристики, вредности и естетика. Основано е како реакција на силното француско влијание врз африканските колонии и против востановеното верување дека африканската нација нема доволно развиена култура за да може да се спореди со европската. Сенгор, откако ги идентификува врските меѓу црна Африка и древен Египет, расправа за тоа дека под-сахарска Африка и Европа се всушност дел од еден единствен културен континуум кој се протега од Египет до Грција, преку Рим до европските колонијални сили. Сепак Négritude не е – иако најчесто е сфатено како такво – расистичко движење насочено против културата на белците, туку напротив, движење кое го нагласува значењето на меѓу-културниот дијалог и размената на позитивните карактеристики на различните култури.

Поетски дела на Сенгор
  • Chants d’ombre (Песни од темнината) (1945)
  • Hosties noires (Црната причесна) (1948)
  • Anthologie de la nouvelle poésie nègre et malgache (Антологија на новата црнечка и малгашка поезија)(1948)
  • Éthiopiques (Етиопски песни) (1956)
  • Nocturnes (Вечерни) (1961)
  • Lettres de d’hivernage (Писма од ивернажот) (1973)
  • Élégies majeures (Виши елегии) (1979)
  • Poèmes divers (Различни песни) (1990)
Поетски дела на Сенгор на македонски
  • Поезија Златен венец, Струга (1975)

Теоретски дела на Сенгор

  • Nation et voie africaine du socialisme (1961)
  • Pierre Teilhard de Chardin et la politique africaine (1962)
  • Liberté 1 : Négritude et humanisme, discours, conférences (1964)
  • Liberté 2 : Nation et voie africaine du socialisme, discours, conférences (1971)
  • Liberté 3 : Négritude et civilisation de l’Universel, discours, conférences (1977)
  • La poésie de l’action : conversation avec Mohamed Aziza (1980)
  • Liberté 4 : Socialisme et planification, discours, conférences (1983)
  • Ce que je crois (1988)
  • Liberté 5 : Le Dialogue des cultures (1992)

Напишете коментар