Со прво беше направил еден крст на едно дрво, од некое суво дрвце, за да го познава местото, чунки ќе одел како внатре во адата, за да види што има и што нема, да ако нема некоја трага од човека, пак сакал да се врати назад кај изворот за да поживее тамо со емишот што бил на дрвата.
Си зел в раце едно дрво некастрено како за стап, раце да му се најде, за од лошо да се брани, и тргнал на угорното да оди. Колку еден саат што одил, пак нашол извор со вода и чунки одел прекутрупа, на многу места наоѓал јаготки и си јадел. Тоа само му било мака, што не можел да види некаков пат и да види некоја човечка трага.
Пред сè тоа Силјан си патувал со голема надеж да најде некоја трага и до кај пладне го изодил угорното, та се качил на планината и кога се опулил натамо, видел едно поленце опколено со планинки и ридови, прилично како Прилепското.
— Сполај ти, Господи, сполај ти, си рекол сам со себе Силјан, дали на Крушово се наоѓам овде и го гледам нашето поле? Дали сон гледам и јас не знам. Во тоа поле треба да има луѓе, чунки гледам како да има ливаѓе и нивје.
Со надеж Силјан да најде луѓе, тргна да оди од планината в поле. И до кај десет саатот дошол во крајот од полето и видел еден пат кај што оделе луѓе.
– Ете ми трага од луѓе, си рекол сам со себе Силјан; арно, ами што знам што луѓе ќе бидат? Ако се Бугари, арно, – ќе се разберам; ами ако се Турци или Власи или Арнаути, како ќе се разбирам за да зборувам?
Така си мислел Силјан и си патувал по патчето што го нашол. Патчето било низ едни ливаѓе и во ливаѓето имало киселица, та Силјан си набрал и се изнајал од неа. Близу пол саат што одел, и кога дошол до една тумбичка, се качил на неа и чул од луѓе зборови; арно ама ништо не разбирал од тие зборови, така му се чуло, како кога да кљакаат штркови.
Се уплашил сиромав Силјан едно чудо, чунки си рекол со умот оти ќе бидат некои ѕверови. Се засолнал зад едни шипје и отаде ги видел луѓето. Тие си биле маж и жена и си коселе една ливада. Думал, мислел Силјан, како да прави, дали да им се јави, дали назад да се врати.
– О јас сиромав, си рекол сам со себе, угоре високо, удолу длабоко, да се вратам, кај џевнем да одам? Да им се јавам на овие луѓе, ми е страв да не нешто ме отепаат или да не се некои диви луѓе од долна земја? Како да правам, златен Господи? Ај, на име Божје, ќе им се јавам, да како сака нека биде; и така јас сум загубен и така.
Излегол од зад шипјето и тргнал кај луѓето да оди со прекрстени раце и со солзи на очите, се приближувал кај нив. Едно го виделе Силјана мажот и жената, ги оставиле косите и си проговориле помеѓу си со нивниот јазик и се изнасмеале. Си рекол со умот Силјан да не им проговори, ами да им се поклони, чунки чу оти тие си проговориле по нивниот јазик.
– Од кај ќе знаат овие луѓе, си рекол Силјан сам со себе, по мојот јазик, за да им речам добровечер.
И едно се приближил пред нив, им се поклонил со рацете на градите и ја наведил главата пред нив без да им рече добровечер.
– Море што не проговориш, бре Силјане, да речеш добровечер, му рекол мажот, или помози Бог? Дали онеме нешто од морето што си пливал, дали што?
– Сакав, стрико, да проговорам, арно ама чинев оти не знаете по мојот јазик. Вие еве сте знаеле и по бугарски и сте го знаеле дури и името мое, рекол Силјан; ви се молам, стриколе, од кај ме познавате мене што ми рековте на име? Јас вас до денеска не сум ве видел ни во некое село ни пак во некој град; летоово јас со еден духовник го шетав сиот наш вилает и по села и по градови; арно ама нигдека како вас Човек не сум видел. Ви се молам, стричеле ако не ми кажеш од кај ме знаеш?
– Лели те довеал ветрот у нашава земја, кај што човек не дошол досега, му рекол, ќе ти кажам од кај те познавам, чунки си имал касмет да се видиш со мене и гостин ќе ми бидеш у мене. Ја повели, седни, и на малку леб и сирење касни, да тамо ќе се разбереме за сè што има да нè прашаш и да те прашаме.
Се смрачило и си го зеле мажот и жената Силјана, та си го однесле дома. Едно влегле во дворот и го догледале синови му на човекот Силјана, дале радосен вик децата:
— Иии, ене го Силјан од Коњари; ене го Силјан од Коњари кај ни иде на гости.
– Шоана, али навистина е ова, али на соне; види сега и децана да ме познават и на име да ме викаат, чудна оваа работа ќе биде; ај да видиме Господ што ќе каже, — си велел сам во себе и влегол у човекот дома.
Се натрчаа сите и добродошол беше му рекле. Го навечерале со најубави манџи како секој гостин најмил. Силјан не можел да се начуди на луѓето, кои се и во кое место се. Еднаш се преесапил, како да е во Охридско Поле и Струшко, чунки тамо имало езеро, да може морето да ја донесло гемијата во езерото и тамо може да се скрши и тој излегол.
– Хаа, не сум Охридско Поле и Струшко; чунки тамо вакви луѓе нема со олку долги носеви и олку високи во нозете; овие луѓе не се асли како нас, — си велел сам со себе. — Е арно не се како нас, ами од кај ме познаваат мало големо во куќава шо се?
Дури си мислел така Силјан, сам беше го оставиле во една одаја луѓето, чунки ошле да ги наранат имањето.
По малку време беше се собрале сите куќни луѓе и дури некои од комшиите и курдисале муабети да го прашаат Силјана.
— Е, Силјане, како е татко ти Божин со здравјето? — го прашал домаќинот, — како е мајка ти Стојна, невестата Неда? Ами како е сестра ти Босилка, син ти Велко? Сите здрави и живи се? Ами ти бре Силјане, како си сега со татко ти, али го ризаш потроа? Дали повеќе го пукаш?
— Тукуречи повеќе го пукам, стрико, му рекол Силјан, одошто го ризам. И од тоа пусто неризање мое ме накажа зер Господ што дојдов во вашава земја.
Оттука зафатил Силјан да им ги кажува на луѓето сите грешки што му грешавал на татка си и на мајка си, што им правел, при сè што домаќинот од половината и повеќе беше му ги знаел на Силјана грешките.
Откога го докажа сето сторение негово, Силјан ги замолил и тие да му кажат од кај го познаваат и од кај го виделе, што му ги кажувале грешките како со очи да му ги гледале.
— Ејди, синко Силјане, му рекле старите, ние сме дојдени во вашето село Коњари уште не беше роден ти; ние сме живееле на вашата куќа; ние знаеме сè што имате дома, ем поарно од тебе. Знаеш али не знаеш? И дека ти кажуваме вака тебе дури како да не ти фаќа вера, ама откога ќе ти докажеме здраво, после ќе веруваш.
Туку седи Силјан и се чуди на тоа што му го кажувале; каква работа ќе биде таа, луѓе невидени ни чуени да му прикажуваат за сè што имал дома и за што му се сторило нему и во селото.
— Ви се молам, браќа мои, кажете ми каква е оваа работа што ми знаете сè што имам дома? Дали ангели од Бога сте и сте дошле у нас, дали светци сте? Дали пилиња сте и сте долетале у нас? Дали што сте, ве молам кажете ми да се уверам, оти на ум сум станал со вашава приказувачка.
— Еве зошто ние знаеме сè што имате дома, Силјане, — му рекле, — оти ви седиме на куќите; ние се правиме штркови, Силјане, и ви идеме во вашето село и во сиот вилает ваш.
— Ами кога се правите штркови, — им рекол Силјан, — зошто сте сега луѓе?
— Оти луѓе сме, затоа луѓе сме, — му рекле, — а за штркови што се правиме, си имаме од деда прадеда клетва да се правиме, чунки тука ние, Силјане, не е чаре да родиме челад според една клетва што ни е оставена од деда прадеда како што ти кажав уште од понапре.
Клетвата на луѓето-штркови
— Ами не е чаре, стрико, да ми кажеш каква била клетвата од дедови ви за да не раѓате челад? — му рекол Силјан.
— Можам, Силјане, да ти кажам како се сторило себап за да не ни траат челадта во старо време и да одиме во вашите страни да раѓаме. Имало во старо време некој си старец што бил како светец на оваа земја. Во тоа време децата од преку-преку-дедови ни биле многу лоши; не ги слушале таткови си и мајки си, а пак татковите и мајките ич не ги повелале, триста лошотии правеле. Само тој старец ги учел и децата и мајките и татковите за да не прават така, оти големо зло ќе ги најде.
Еднаш беше ги скарал неколку деца што биле собрани онде на крај селоно под едно дрво јаворово. Бидејќи лоши многу биле децата, го удриле од земи старецот и беше му пукнала жолчката на часот. Тогај беше го проколнал старецот сиот народ што се наоѓал во нашава земја:
— Ох да би Господ ве судил деца, — им рекол, — што ме отепавте на правина! Да дадеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после векот едно да не пркне: овде да се роди, ама бело море и црно да препливаат таткови и мајка ви, тамо да видат челад; откако ќе видат челад тамо, еден Господ нека суди и еве јас си умирам.
Тие и други зборови беше рекол стариот и беше си умрел, и тамо беше го закопале. На трите години од помеѓу гробот на старецот извреа два извора што се и ден денеска. И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ги колна прадедови ни, ни се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукавици без челад. Да му е милост на Бога, зер нејќел да нè сотре сите, ами ѝ дошол на старата од стариот на сон за да им каже на дедови ни да појдат кај изворите и во едниот извор да се искапат, та ќе се сторат штркови, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во вашата земја и тамо челад да родат и да ги изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другиот извор, та да се сторат пак луѓе. И ете кај си правиме така од илјадница години и дури стои веков, Силјане внучко се така правиме,— му рекол домаќинот и друзите.
— Сполај ти, Господи, сполај ти, бре стрико, што беше била клетвата лоша, — им рекол Силјан, — татко ми кажуваше за две пилиња што се кај нас в поле, едното го викаат Сиве, а другото Чуле. За нив татко ми прикажуваше оти тие биле брат и сестра и ич не живееле како што рекол Господ, та беше ги колнала мајка им и татко им да се сторат пилиња и да одлетаат в поле, та да се бараат и еден други и да не се најдат.
Ете вистина, стрико, се тие пилиња кај нас и везден кај се бараат и не можат да се видат. Арно, сега салам поверував оти клетвата од татка и од мајка фаќала, чунки еве мене кај ме фати.
Тоа веќе, стрико, оти е така како што кажавте, така си е, и не инаку, туку јас сиромав, како ќе правам за дома да си одам? Некоја гемија дали дојдува покрај земјава ваша за да се качам и да си одам? Чунки сам знаеш ти стрико; те молам, стрико, ако е кабил, кажи ми како ти е името?
— Името ми е, Силјане, — му рекол домаќинот, — Аџи Кљак-кљак, внучко! – колку е жал за кај што се родил човек. – „Колку за гемија, Силјане, околу нашава земја не е чаре да може да дојде, чунки бијат талазите во бреговите и околу наоколу бреговите се спили и камења. Ем јас чунки сум прв на земјава наша, како војводата ваш што го имате во Прилеп, така и јас сум овде, – да сум ја опколил сета земја околу наоколу сум видел оти не може ништо да се прибере од лоши спили и далги. Туку ти лели си при мене, нема да те оставам овде, ќе ти барам некое чаре и ќе си одиме заедно дома.
Ем еве како ќе направиме. Кога ќе ни дојде времето за одење кај вас, ќе се искапеш и ти и ќе се сториш еден штрк, ќе си земеш едно шише вода од другиот извор и ќе си го обесиш на гуша и кога ќе си одиме дома, ќе се потуриш и еве си пак човек. Ете така, Силјане внуче, ќе си одиме, ич да не береш колку за тоа гајле. Дотогај ти гостин ќе ни бидеш, јади си, пиј си и ќеф терај си, — му рекол Аџи Кљак-кљак војводата.
Откога беа го довршиле муабетот, легнале и си спале. Утрото станале и го зел Силјана Аџи кљак-кљак, та го прошетал низ неговото гратче и го однесол кај двата извора, што се правеа штркови и човеци.
— Ако не веруваш, Силјане, оти човек се прави штрк, еве јас ќе се искапам за да поверуваш.
Влегол Аџи Кљак-кљак во изворот, се искапал и се сторил штрк. Летнал вамо, летнал тамо, прокљакал и пак се искапал, па се сторил човек. Брго-брго, Силјан и тој така се обишол и се сторил штрк и пак човек. Со тоа се уверил Силјан оти ќе си одел дома.
Неколку месеци што седел Силјан тамо, во сите полски работи им помагал. Али е тој Силјан што не работеше дома кај татка си? Тамо работел гологлавечки и јуначки.
Приближало времето за да се готват за вамо да идат, пратил пратеници Аџи Кљак-кљак по сите домаќини и сите младоженци да идат тамо за да се прават штркови.
Во неколку дни се направија штркови и сите одлетаа крај море за да се чекаат дури сите да се соберат. Тамо имало едно големо блато и во блатото илје и милје имало жаби и други водни животники, тамам за штрковите гозба.
Си наполнил Силјан едно шише од човечката вода и си го врзал на гуша, та си се сторил штрк и си летна заедно со Аџи Кљак-кљак, та дошол кај што беа збрани сите штркови. Откога се изнајале сите арно убаво од жаби, се дало заповед од Аџијата и сите летнале и се извишиле наугоре дури до облаци.
Отаде бе се упатиле право за кај нас да идат; летале, летале токмо 24 саати, дошле до една ада, та слегле на адата и се најале отаде жаби и друзи животинки.
Во тоа време ете кај иделе низ море две ламји за да ги јадат штрковите; едно се приближале, и штрковите летнале пак вишно небо. Откога се извишиле до облаци, беа му се пуштиле за кон кај нас да си идат.
Летале што летале и приближиле до некое краиште од земјата, слегле и си починале, си попасале тамо троа тревичка, чунки такво било местото што немало никаква животинка рана за штркови.
Откога се починале и се понајале, си летнале пак и си дошле во тие земји кај што си имале седела, та секој си тргнал во својот вилает, а Силјан со Аџијата и друзи се упатиле за кај Прилеп. Кога дошле близу селото Плетвар, кај дервенот, го видел Силјан полето Прилепско; ги видел Маркови Кули; го видел манастирот Трескавец, и од радост веднаш слегол до едни камење, за тамо да се потури со шишето вода, за човек да се стори и оттука пеш да си оди дома.
Арно ама што рекол некој: „Не треба човек да се радува многу, ни да жали многу, оти зијан ќе го најде“. Така и Силјан коњарецот, голема радост му се сврте на голема жалост, чунки од големата радост слегувајќи на земи не стори мукает да не го окрши шишето; да што рекле стари: „зла суправа – готова штета“, така му се сторило и на Силјана, дека силно паднал на земи и го удрил шишето од каменот и го окршил парче по парче и водата се разлеала по каменот. Брго-брго се испрепелал над истурената вода Силјан, арно ама немаше да се натопи барем ич и си остана пак штрк.
Радоста од Силјана се свртела на преголема жал и плач и тогај дури се уверил оти штрк ќе си биде и штрк ќе си умре.
— Ех, кој не слуша татко и мајка, — си рекол сам со себе, — клетвата го фаќа, нели ме донесе Господ на мојот вилает, не ни е толку жал, чунки овде ќе си умрам.
Текстот продолжува на втората страница.