Skip to content

Силјан Штркот (втор дел) – Марко Цепенков

Во своето село како штрк
Со тие мисли Силјан си летна од Плетварско и си одлетал во село Коњари, та си кондисал на седелото од Аџијата.
— Силјане, — му рекол Аџијата, — при сè што те милувам многу, атер нема да ти остане, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни е седелото домаќинска постела. И не бери гајле, пак јас ќе те однесам и ќе те донесам и пак човек ќе те сторам; арно беше сега да не го окршиш шишето, ама откога ќе се стори едно лошо, не се враќа лесно. Здравје нека ни даде Господ и сè ќе биде.
Му текнало на Силјана оти така е како што му рекол Аџијата и си отишол на другиот крај на куќата да седи. Бидејќи било многу рано, уште не беа развражале куќните луѓе, само татко му беше излегол во двор, со прво него го видел и од жал што му паднало се расплакал.
По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла. За Силјана и напре немало работа и сега немало, при сè што сега му се смилила работата и куќата; арно ама требало да си ја трга џезата (казната) што го колнале татко му и мајка му.
Откога си поплакал Силјан на куќа на деветти марта за домашните, кога ги гледал и не можел со нив да зборува, на жалта згора си летнал од куќа и си ошол в поле да си ги види нивјето, ливаѓето, лозјата и чаирите кај што паселе говедата. Прошетал по сето Коњарско поле и слегол дури на Врбјанско, крај блатото, та си се најал жаби, кауѓерици, скакулци и гуштерици.
— Ах, јас сиромав, — си рекол сам со себе, — дали така ми било речено, наместо од прасе месо да јадам понапред, сега си јадам жаби; наместо јагули и риби напред што јадев во златниот град Прилеп по ладните меани, сега си јадам гуштерици и кауѓерици. Нека ми е уѓе (така ми треба): на таква глава таков брич, што го вели тој збор татко, ем ак има што го вели, чунки сè што ме учеше и ми велеше, сè по глава ме удри. Ах Боженце, и ти златна Богородице, ви се молам, душата да не ми ја земете дури не се сторам пак човек и тогаш ќе познае татко ми и мајка ми како ќе работам во куќава и како ќе ги слушам.
Средба со синот и сопругата
Кога ќе се замислел Силјан Штркот понекогаш вака тики ќе се заборавел кај што стоел. Стоејќи еднаш на куќа, ја видел жената му кај ги молзе кравите и од милост на убавите телиња слегол во двор и отишол до телињата да ги помилува ѓоа; арно ама кај го знаеше син му Велко оти штркот Силјан е татко му; Велко си имал едно стапче в раце, и видело оти телињата ги милувал Силјан со клунот, та ѝ свикало на мајка си:
— Мајко мори, види го штркот ќе ги јаде со клунот телињата!
— Не јаде штрк телци, а чедо, туку лели ти е страв, бркни го.
Кога чу Велко зборот од мајка си, фрли со стапчето по него и го удри по глава, та го ошумоглави и не можел Силјан веднаш да си летне. Кога видело Велко оти стоел Силјан на тоа место, пошол да си го земе стапчето и го грабнал штркот преку половина со обете раце и свикал по мајка си:
— Мајко, мајко го фатив штркот.
Во тоа време  дошла кај жената му и мајка му да ѝ помага за кравите молзење. Ѝ нејзе и кажувал Велче оти штркот го удрил со стапчето и после го фатил. Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк е и може син му да го удави и умре, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце, и умирачка ќе си го најдеше, чунки можеше да го врзе Велко со еден сиџим за нога и да си игра со него, како што си играат деца кога да врзуваат врапчиња и чавки.
— Пушти го, Велко чедо, штркот, пушти го, — му рекла Неда, — оти е гревота, зер и тој, завали, е некој вдовец ја вдовица како мене што сум без татка ти, еве ќе стори близу две години како поштукот (траг) му го нема. Да што бил црн пусти касмет мој, да останам уште млада вдовица.
Од тие зборови што му ги рече на Велета, беше го пуштил штркот Силјан и си одлетал Силјан на куќа. Збивал, збивал, одвај душата си ја зел од пусти страв што беше превидел од држењето на Велка.
Средба со овчарот Смиле и кучката Лиса
По неколку дни му се смилило на Силјана да појде кај трлото да си ги види јагнињата, чунки тогај се јагнеле. Одејќи околу трло, го догледала кучка Лиса ѝ му се пуштила молкома, та го фатила за опашка. Ако не беше ѝ свикал очарот Смиле на кучка да го пушти Силјана, ќе го испердушела уште за малце.
— Погледај, кучкана една, ќе го испердушеше сиромашкиот штрк што си е единак,— овчарот рекол. И тогај Силјан куртулисал од смрт.
Средба со татко му Божин
По некоја недела ги спрегнал татко му Божин воловите и отишол на нива да ора. Си го зел со себе внука си Велка да му ги тера воловите. Му се смилило на Силјана да појде и тој на нива за да го гледа татка си како ќе ора. Тргнал една бразда, две, Божин во нивата и Силјан застанал на долниот крај кај нивата да им се пули на браздите што ги ора татко му. Гледајќи во браздите видел кај мрдаат од земјата црвените црвје.
— Ја чекај да си позобам троа црвје, и така ми се јаде, — си рекол Силјан и си влегол во браздите да си збира црви.
Оди по бразда, чини, и збира Силјан црви и бидејќи многу чекореше, дошол близу зад татка си. Не знам како се сврте Велко назад, го видело штркот оти е близу деда си и му свикало:
— Дедо, дедо, опули се зад тебе, ете го нашиот штрк.
— Ако е, внучко, ако, терај ги ти воловите.
Поорале уште една бразда, пак Велко беше се опулил и бидејќи дете, пак му свикало на деда си:
— Дедо, дедо, ете го штркот зад тебе, заврти се да го видиш.
— Море терај ги, бре внучко, воловите, не пули се по чавките, оти треба до ручек да ја изораме нивата.
Поораа уште малку и бидејќи Силјан си одел по браздите сè близу, си зобал црвјето, чунки му се сладило, и му се чинеше оти татко му го милува, без да му текна оти е штрк во тој саат.
Треќи пат пак беше му рекол Велко на деда си:
— Тате, тате, види го штркот до тебе.
— Е доста со тој ѓаволски штрк, бре внучко, се џари.“
Тоа рече Божин и замавна со остенот на штркот, та беше го удрил по десната нога. Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да ја плаче лошата болештина од скршената нога. Не знам колку дни што боледувал дури му оздравела ногата.
Вечерта, како што си вечерале дома, му текнало на Велка за штркот како одел по бразда и како го удрил дедо му со остенот.
— За гревови, завали штрк, — рекла Неда, — што сте го тепале, доста му е самотијата што е вдовец како мене, па сте го тепале.
— Тепање, ем лошо тепање сум му сторил, — рекол Божин, — со остенот ногата сум му ја окршил, ама сиот кабает го има Велко, што сеедно се џареше во него и не ми ги тераше воловите арно. Откога го удрив, го пожалив пусти штрк, ама се стори. Господ да ме прости, неарно сторив, ама пуста лутина човечка е лоша, тики човек колку да се чува да не греши пак ќе згреши.
Во тоа време Силјан си седеше до баџа и го слушаше сето ова што зборуваа.
Ѓерданчето и преѓата во гнездо
Бидејќи сестра му од Силјана била свршена, си седела во двор на ругузина и си низала едно ѓерданче од стари рупчиња. Во тоа време сите куќни луѓе биле по работа в поле, само Босилка била дома и како што си го низала ѓерданчето, го оставила на ругузина па станала да ги види в куќа свињите, нешто пакост да не сторат.
На часот на Силјана му текнало та слегол во двор и го зел ѓерданчето и го качил на куќа та го скрил во сламата. По малку време излегла Босилка од куќа и си седна на ругузината. Кога го побара ѓерданчето, го немало; барала, барала и не го нашла, плакала и колнала едно чудо.
По некоја недела беше останала жената му на Силјана сама дома и си седела во двор на ругузина та си везела една кошула со црна преѓа, како за вдовица; си везела и си плакала за касметот што го имала, дека без домаќин останала.
— Не ќе жалав толку, Боже, — си велела со жалосен глас, — за Силјана мој, ако беше умрел овде, барем гробнината ќе му ја знаев и свеќа ќе му палев, ами како да не жалам и да не плачам кога в море може да се удави одејќи на тој пусти аџилак.
Силјан ги слушал тие зборови од жената си и срцето му се корнеше, од жал што му идеше; арно ама канонот, што бил даден треќата вечер, требало да го трга.
Станала Неда да си земе нешто дома и Силјан слегол од куќа, та ѝ го зел клопчето што везела сосемати игла и го качил на куќа, та го скрил во сламата за ич да не се сеќава.
Кога дошла Неда кај ругузината, клопчето не си го нашла.
— Што се срдиш, мори ќерко, толку, — ѝ рекла свекрва ѝ, чунки тогај си дошла од работа, што зијан ти се стори? Ја ај кажи ми да чујам јас, да да видам имаш ли право што се срдиш?
Ѝ кажала Неда оти клопчето и загинало дури влегла дома и излегла, ѝ го зел некој.
— Арно сторил тој што ти го зел клопчето, ќерко, ѝ рекла, оти од узур  (одмор, неработа) ќе ми везеш црна кошула, сосила ќе ми се правиш ти вдовица; Силјан ни е на аџилак со духовникот, а пак ти сосила сакаш да умре и да не дојде; гревота е, а ќерко, ова ти што го правиш; моли Бога за Господ да ни го донесе, не туку плачеш и жалиш. Ете некни ѓерданчето на Босилка ѝ загина; не е човечка глава да, човек умира и никому ништо, а ќерко, а не ти оти едно клопче ти загинало и да плачеш.
Свадбата на Босилка
По малку време се приготвиле свадба да прават за Босилка, чунки одамна била свршена. При сè што нејќеле да ја даваат без Силјана, арно ама откај зетот не чекале и друго чаре не бидувало: или ќе им ја даделе или ќе ја оставеле; на зортот згора, за да не ѝ го расипат касметот, стрексале да им ја дадат и друго ништо.
Си каниле некоја куќа сватови кај Божина и чекаат во неделата да им дојдат сватовите со зетот за да ја земат Босилка. Се задале сватовите од под село да идат: нункото напред со ургулицата в рака, по него зетот и сите сватови, свирејќи со гајдата и фрлајќи пиштоли дошле во Божинови дворови.
Застанал зетот пред врата и сите сватови на коњи, наметнати со белите јапанџаци, на главите фесови тунузи преврзани со белите чалми, опкачени сите со пиштоли жолтомедни, а на нозете сите со скорни црвени. Сите млади  и зелени, да ти е мило да ги гледаш. Гајдите свират, дури саѓите паѓаат од гредите. Сите млади коњарки беа дошле во дворот од Силјана за да ја гледаат радоста; сите се радувале и се веселеле; само Силјан штркот стоел на таткова си куќа омаудрен со главата в земи, од голема жал што му дошла, дека ја гледал од сестра си свадбата.
— Ах, проклет да е тој саат, — си велел сам со себе Силјан, — кога им грешив на мајка и на татка, да ме втаса ваква клетва, бев човек сега и да си ги пречекав сватовите, и јас да се веселам како сите што се на свадбава.
Влегле сватовите дома да ручаат, а Силјаница си го зела детето за рака и се качила на амбар да плаче и да жали дека не и бил тука Силјан.
— Немој, мори мајко, не плачи за Силјана, — ѝ велел Велко, оти за Велигден ќе си дојде аџија.
Од тие зборови што ги слушал Силјан штркот, голема жал му идела, што дури сакал да се сам убие или во бунарот да се удави; арно ама душа е мила, пак се попишманил.
Враќање во Замјата на штрковите
Би свадба, доби, и времето беше приближило да си одат штрковите на својот вилает. Младите штрчиња ги учеле да летаат нависоко и Аџијата беше распратил абер по сите страни да се чинат азар (подготвен, готов) сите штркови, за на свети Панделимон да тргнат за на вилает; му стори абер и на Силјана за и тој да се стори азар.
Во тие неколку дни Силјан го испрошетал сето поле Прилепско и извидел секое долче и ритче. Си ги прошетал нивјето негови, си ја прошетал куќата, и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богородица на Трескавец, та застанал на кубето од црквата и многу и се молил на Богородица, за да му поможе да појде на штрков вилает и пак да си дојде и човек да се стори, та три години ќе служел на манастирот. Си летнал од манастирот и си ошол пак на село.
На ден Панделејмон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџиицата, со децата нивни, и си отидоа во штрков вилает здрави и живи како што сакаше Господин Бог.
Целото лето тамошно што им работил по полските работи на Аџиовците и тие многу го честеле и гледале како свој човек.
Приближало времето пак за кај нас да идат штрковите и тогај веќе Силјан беше се сторил мукает (грижа, внимание), та беше нашол едно малечко црпче и си го наполнил со човечката вода и го врзал на гуша кога дошол денот за да кинисаат (тргнат) за кај нас да идат.
Борбата со орлите
Како што првиот пат што идоа, така и тогај беа си долетале на нашава земја. Поодиле внатре како кај нас и дошле до едно место од кај што започнувале да се делат штрковите по вилаетите. Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изоставени по планината, та поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите.
Орлите биле тукуречи и тие на број колку штрковите. Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, – тамам за рана на штрковите.
Слегле тука штрковите и се изнајале арно со скакулците. Ами лели им завидоа орлите, оти јадат штрковите скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни други. На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да повеќе ја запалија работата (што ти велаат: „ѓаволот ни ора ни копа, само луѓе скарува“) и туку беше се поткачиле сите да се бијат и да се тераат по таа пуста планина.
Три дни и три ноќи што се биле и се тепале. Крв до колена беше направиле. Силјан во бојот никако не зел дел, чунки Аџијата го имал покрај себе и бидејќи бил гостин не го внесол во џенгот (битката).
Силјан, дека го носел црпчето на гуша, многу му помогнало да се плашат орлите од него, беше нашол една пештера и тамо беше се засолнал дури се свршил џенгот.
И така џенгот се свршил и штрковите наттепале, та си отвориле пат и си се упатиле за кај нас. Радосни штрковите си тргнале и си се упатиле секој род и фамилија за својот вилает, а Силјан со Аџиовци си долетале во село Коњари здрави и живи.
Враќањето дома
Силјан дошол на амварче и си го отнал црпчето, да си се потурил и ете ти го човек како што си бил дома у себеси при татко и мајка, при жена и дете.
Слегол од амбарче Силјан долу и тргнал за дома да си влезе, чунки рано било и малку времето расипано со дожд и лапавица, била уште баба Марта, та домашните си седеле крај огон и си се грееле. Кучката Лиса  лежела на врата и веднаш не го познала Силјана, та го слајала: „хам, хам, хам.“
— Лисо мори, на мене лаеш? — ѝ рекол.
— Ду! Мајко, Силјан по трем проговори, — ѝ свикала Неда на мајка му од Силјана.
Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан им бакна на татка си и на мајка си десница и проштење им сака за клетвата што го втаса.
Брго-брго мајката го клала ѓумчето со ракија до огнот да се стопли, а Неда го донесла големиот стол, та го клала да седи Силјана; му ги собула опинците и му ги измила нозете и го променила со велигденската руба.
Станал од спиење Велко и си го грабна Силјан в раце, та си го измилувал и  слатко си го целивал.
Се расчу низ село оти Силјан Божиноски си дошол од аџилак. Секому радост му дошло оти Аџи Силјан си дошол и отрчал да го види и добре дојде да му рече. Се исполнила куќата од селани, повеќе стари, и секој му велел:
— Добре дошол, Аџи Силјане, добре дошол Аџи Силјане.
— Море не велете ми аџија, бре селани, — им рекол Силјан, — оти не би касмет да одам на аџилак, чунки духовникот што ме зеде да ме носи се удави в море; оставете, браќа, не е за кажување и за верување тоа што сум патил во овие две-три години, ама ак ми беше тоа што сум патил оти од таткова и мајкина клетва не сум верувал. Вие, како сте, браќа, како поминувате во селово?
— Море ние, Силјане, сполај Богу, си поминуваме, туку ти, ти како помина по туѓина, кажи ни некои унерии (чуда), елбете тоа, што си видел ти, ние не сме виделе, — му рекле селаните.
— Ами како се удави сиромашкиот дуовник в море, бре чедо? — му рекол татко му.
— Ете како: откога влеговме в гемија во Солун, кога не забра еден силен ветар, та кога ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силното море и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и за касметот мој ме исфрли на една штица морето на суво.
Тамо најдов еден извор и дрвја со емиш, та си појадов и тамо ноќта прележав.
Утрото тргнав за повнатре да одам. Одејќи си најдов едно чудо јаготки и со нив проживеав. Цел ден што патував и на пладне стасав до едно поле и ево ти двајца луѓе маж и жена кај си косеа една ливада.
Арно ама луѓето беа бамбашка: не беа како нас асли; тие беа во нозете долги и во носовите вудве од нашите носови. Ами лели едно ме видоа и на име ми рекоа и ме однесоа дома, та ме нагостија и многу ме честија. — Море, од кај те познаваа, бре Силјане, што те честија.
— Тие луѓе се штрковите наши што ни идат овде, браќа, — им рекол — тамо во градот кај што бев има два извора: во едниот да се искапеш ќе се сториш штрк, а во другиот да се искапеш, да се сториш човек. Како било и што било, што се прават тамошните луѓе штркови, другаш ќе ви кажам, браќа — им рекол Силјан, — сега згора-згора ќе ви кажам оти и јас се сторив штрк на двапати и едно цело лето сум ви седел овде на нашава куќа и сум патил триста маки; арно ама не верувам да ми верувате оти сум бил штрк.
— Море ами кој е тој будала што ќе ти верува, бре Силјане, — му рекле селаните, — оти си бил штрк.
— Море браќа бре, ами Силјан е шетан човек, — им рекол некој стареа,  — тики видел земја секаква, ти видел море, тики со секакви луѓе се кунуштисал (запознал), да од тоа Силјан се научил вакви приказни и сторении да ни кажива.
— Ба, братко, колку за тоа така си е, — му рекле друзите на стареата,  — нека е жив Силјан, многу итроштиње научил дури шетал по туѓи земји, да од тоа ќе знае и приказни што чул да ни каже и да не чуди.
— Море не ви кажувам, бре браќа, приказни, — им рекол Силјан, — ами ви кажувам вистинско сторење и патување мое, и преѓе ви кажав и сега ви кажувам оти штрк бев и во штркова земја бев, две лета тамошни сум работил полска работа во куќата од штрковите наши што се на нашава куќа. Јас знам оти чудно ви е ова што ви го кажувам ама не е чаре да ве излажам, чунки најпосле испат ќе ви го сторам и ќе ве уверам.
Јас што дојдов овде, штрк, не оти сакав да бидам штрк, ами клетвата од татка и од мајка ме фати, што не ги слушав како врапчињата Сиве и Чуле.
— Море колку за нив знаеме оти се сторија од брат и сестра две пилиња, — му рекле сите, — туку тој век друг бил, кога шетал Господ по земи и светците, да слушале луѓето што зборувале, а пак севишниот век повеќе ѓаволот шета по земјава, да од тоа тебе не ти веруваме да си бил штрк.
Откога видел Силјан оти не веруваат, почнал да им кажува што му правел на татка си, како го поучувал татко му и тој не слушал, како се главил со духовникот, како влегол во морето, како се нашол на долна земја, како правел муабет првата вечер у Аџи Кљак-кљак, како му прикажувал за старецот што го отепале децата и што колнал, како излегле двата извора од кога им изумреле сите деца од големата сипаница, како се сторил штрк и си врзал шише на гуша и како патувал од штрковата замја преку широкото море, како дошол над Плетвар и го окршил шишето, та си останал штрк и си дошол дома.
Доказите дека бил штрк

Силјан селаните ги видел оти ним им било како приказна, почнал да им кажува што патил дома дури бил штрк и што видел и што сторил.

— А бре татко и ти мајко, што не ми верувате оти бев штрк и ви седев на куќава на другиот крај; имаше летово еден штрк али немаше?

— Е, имаше, бре синко, туку што дека имаше?

— Ете јас бев, татко, тој штрк, што си седев на куќа; мајко мори, и ти Недо, знаете кога ги молзевте кравите и ме удри Велко со стапчето, оти си ги милував телињата? Лели јас тогај се ошумоглавив и Велко ме фати, та одвај ме пушти?

— Боже! Зер си гледал од некаде, ја ти кажал некој, море синко Силјане, — му рекла мајка му.

— Арно, за тоа ми кажал, ами за Лиса, што ќе ме испердушеше ако не беше Смиле овчарот да ме одбрани, се сврте кај овчарот и му рече: не беше вака, бре Смиле?

— Така беше, така Силјане, вистина штркот што беше сам летоска на куќава, ќе го испердушеше Лиса.

— Па некој ти ги кажувал овие работи, — му рекол татко му, — во градот што ни ги гаткаш.

— Е лели и ова не ми го веруваш, бре татко, ами кога беше ти на орање во големата нива, лели ти ги тераше Велко воловите и јас си зобав црви во браздите изорани; ами лели Велко ти рече два три пата: дедо, дедо, нашиот штрк ете го зад тебе, и ти  на треќиот пат ме удри со остенот и ми ја окрши писката од ногата, та едно чудо време боледував, одвај дури оздравев. И вечерта ме пожалавте кога Велко ви кажуваше. Не беше вака, татко?

— Море вистина така беше, бре синко Силјане, туку ова ти е кажано од некого, ја на сон ти се сонило а инаку не верувам да било.

— Ами за Сивета и Чулета како веруваш, бре татко, да за мене да не веруваш, — му рекол Силјан и си го собул објалото од десната нога та му ја покажал ногата кај што му била заварена.

— Ја види ја, бре татко, ногата, кај што ми ја окрши и ми се завари.

Кога му ја виде Божин ногата, на чудо беше станал тој и сите селани; арно ама пак нејќеле да го поверуваат оти бил штрк.

— Кој знае, бре синко, според нишаниве што ни ги кажуваш, вистина како да си бил штрк, — му рекол татко му.

— Вистина, татко, и вие браќа селани, — им рекол Силјан, — ама за приказна е мојава работа што бев дури во долна земја или штркова земја кај што човек досега не пошол и не ќе појде, и да ми верувате оти не е чаре да ве лажам јас, чунки не ќе ви земам нешто да си кладам в ќесе, за да не поверувате за здраво. Еве друго што ќе ви кажам: сестра ми Босилка седеше еден ден во двор на ругузината и си шиеше едно ѓерданче и од ругузината ѝ загина. По неколку дни невестата ми Неда седеше и таа во двор на ругузина и си везеше вдовичинска црна кошула, преденото со сета игла везарка ѝ загина. Не беше вака, ти мајко и ти Недо, моја домаќинке?

— Така беше, бре синко, за тоа, — му рекла, — туку кој беше тој човек што ги зеде?

— Ете јас бев, мајко, што ги зедов, — ѝ рекол, — ја качи се, бре Смиле, на куќа кај што стоев јас, побарај во сламата, ќе ги најдеш, земи ги вамо да ги видат за да поверуваат.

Се качил Смиле и ги нашол и ги донесол пред сите селани да ги видат и да поверуваат. Кога ги видоа домашните, на големо чудо беше станале.

— Сполај ти, Господи сполај ти, што не било да биде, човек штрк да биде, — сите беа рекле и поверувале, та затоа до ден денеска се прикажува за штрковите оти се луѓе.

— Ете вака, синко Марко, се сторило со Силјана од Мало Коњари; знам оти тебе ти е како лага; арно ама мене ми е навистина, оти од татка ми е прикажана оваа приказна, — вака ми рече татко ми кога ми ја прикажа со прво.


Pages: 1 2

Напишете коментар