Пат. Правам чекор по патот кој ме води некаде, кон непознатото, без да знам каде времето ќе ме одведе, каде животот ќе ме донесе, пред кого, зошто и како. Ништо не знам. Ни кого ќе сретнам, ни зошто ќе сретнам, ни причина ќе видам, ни одговори ќе слушнам, ништо. Но ете, ќе си речеш живот, ќе му се насмевнеш, ќе ти се насмевне. Ќе ти врати со толку голема насмевка, онаа што прегрнува и ти го допира целиот свет, онаа што те допира без да те допре. И како секогаш, само што ќе затвориш очи пред сите добри дела, само што ќе помислиш дека си се откажал, животот ќе те награди со личности за кои не си ни помислувал дека постојат, личности кои кога ќе ги сретнеш ќе сфатиш дека без нив се би било празно, дека без нив не знаеш ни како поминале сите овие денови, сите овие години.
Но ете, секогаш тоа што е пишано чука на вратите. Чука толку силно, оставајќи белег, за нешто ново, за едно пријателство, кое го добило своето раѓање, кое ја добило смислата за своето постоење, онаа смисла што значи засекогаш. Е така враќа животот на добрите луѓе, ги наградува со уште подобри луѓе за заедно да можат да чекорат по еден пат, заеднички пат, оној во кој другарството како месечина свети над вистината. Ееее само такви луѓе требаат, кои ќе докажат дека им требаш, дека ти требаат. Такви луѓе, кои ќе ги знаеш малку, а ќе сакаш многу. Такви, кои ќе ти ги отворат очите, ќе ти го воскреснат срцето и ќе те направат среќен. И не, не е сон, ништо не е сон, постојат, зашто ретките секогаш ќе си ги наоѓаат ретките.
Ирена Блажеска