Skip to content

Александар Блок, истакнат претставник на рускиот симболизам чие творештво било распнато помеѓу две епохи

Александар Александрович Блок (28 ноември 1880 – 7 август 1921) бил познат руски и советски поет од почетокот на XX век, истакнат претставник на рускиот симболизам.

Животопис

Блок е роден на 28 ноември 1880 година во угледно петроградско семејство. Tатко му бил професор на Варшавскиот универзитет, а дедо му по мајка, А. Н. Бекетов, во чијашто куќа ги поминал детинството и раната младост, бил истакнат општествен деец, прочуен ботаничар и ректор на Петроградскиот универзитет.

Од есента 1883-та до пролетта 1884-та, во придружба на најблиските роднини – мајка му, баба му, тетка му и дадилката, престојувал во Трст и Фиренца. Уште многу млад, во текот на 1893-та година, посетувал театарски претстави и балетски претстави. На 1 јули 1896-та година ја поставил првата аматерска театарска претстава во селото Шахматово. Била на аристократска тема за спорот на античките богови за вкусовите.

Наспроти своето буржоаско потекло, Блок бил воодушевен од Октомвриската револуција и веднаш им се приклонил на болшевиците. На 16 јуни 1917-та година присуствувал како делегат на Првиот конгрес на Советот на работничките и војничките депутати. Во август 1917-та година го напишал текстот „Последните денови на стариот режим“.

На 30 септември 1917-тата година го започнал својот познат есеј „Интелигенцијата и револуцијата“. На 18 февруари 1918-тата година ја објавил поемата „Дванаесетмината“ во списанието „Знаме на трудот“.

На 31 мај 1918-та во едно писмо до Зинаида Хипиус (жена на Мерешковски и најогорчениот емигрант меѓу писателите кои ја напуштиле Русија по Октомвриската револуција), Блок напишал:

Зарем Вие не знаете дека Русија нема да постои исто така како што исчезнал Рим… Зарем не сфаќате дека светот се преуредува? Дека стариот свет доживува раслојување?“

Во анкетата на Сојузот на работниците на уметничката литература, на 13 мај 1918-та година одговорил:

Уметникот мора да биде начисто дека онаа Русија која постоеше – ја нема и никогаш повеќе нема да ја има… Светот настапи во нова ера. Онаа цивилизација, онаа државност, онаа религија – сето тоа изумре.

Творештво на Александар Блок

Поетското дело на Александар Блок, суптилно и крајно сложено, распнато помеѓу две епохи, пробивајќи се низ децениите исполнети со бурни историски настани и непомалку бурни промени во доменот на литературата, го издржало тестот на времето. Тоа е како една од најмаркантните книжевни појави од почетокот на XX век.

Неговата поезија е спој на класичниот начин во надворешното оформување на песната и новото во содржинското компонирање. Неговите стихови се карактеризираат со комбинација на пејзажи и чувства, симболи и реални детаљи, музика и мисли при што често се користел со контрасти.

Талентот му бил препознатлив од најрана возраст

Блок бил голем талент уште во раната младост и првите стихови ги напишал пред да наврши десет години. Подоцна како поет се формирал под огромно влијание на руските симболисти. Особено под влијание на поетот и филозоф Владимир Соловјов во кој гледал идол, пример, речиси жив бог на стихот и мислата. Со него никогаш не се сретнал лично, но го набљудувал оддалеку, читал за него и пишувал на начин кој би му се допаднал нему.

На самиот почеток од својот настап на книжевната сцена, Блок ја објавил стихозбирката “Стихови за Прекрасната Дама”, завршена во летото 1904-тата година, (која претставува комбинација на царица, љубовница и Богородица) со која застанал на чело на рускиот симболизам, развивајќи ја музикалноста на рускиот стих до невидени размери. Но, по Првата руска револуција Блок ги напуштил своите апстрактни сновиденија започнал да создава нови, сосема поинакви, необични стихови, не помалку музикални, но сега веќе несентиментални.

Периодот од 1905-та до 1917-та е време кое ја означува неговата потполна творечка зрелост, време на првите лирски симболистички драми на Блок што ги режирал Всеволод Мејерхолд, на неговите нови поетски збирки исполнети со живи сведоштва за бурни трагања по новиот поетски јазик и постојано новиот израз.

Централно место во неговата поезија

Во тој период, централно место во неговата поезија заземале градскиот пејзаж и урбаната лирика, она што Пастернак го нарекол: “Петроград на Блок – најреалниот помеѓу сите други Петрогради насликани од уметниците на новото време, градот на блоковските стихови, главниот јунак на неговата повест, на неговата биографија”.

Само два и пол месеци по избувнувањето на Октомвриската револуција, Блок (во еден здив) ја напишал својата поема “Дванаесетмината”. Станува збор за збунувачки сложено и противречно дело околу кое и ден-денес спори книжевната критика. Но истовремено, сугестивно и фасцинантно, едно од врвните во руската и европската поезија од почетокот на XX век.

Најпознати циклуси песни се:

Ante Lucem,

Стихови за Прекрасната Дама,

Распаќа,

Разни песни,

Град,

Снежни маски,

Маски,

Харфи и виолини,

По работ на минатите денови.

Исто така, тој е автор на познатите поеми:

Градината на славејот,

Одмазда,

Скити,

Дванаесетмината итн.

Напишете коментар