„Како го пиеш кафето?“, ме прашаа еднаш. Прво помислив на начинот на кој го подгтовувам и што ставам во него. После сфатив дека одговорот може да биде и начинот на кој го консумирам веќе подготвеното кафе.
На пример, не е важно дали тоа е турско, горко или благо или шолја незасладено еспресо туку важна е атмосферата во која се пие. Како еден вид ритуал. Го сакам горко, јако и изладено, мразам да пијам врели течности. Всушност и храната ја сакам изладена, но таа не е тема во моментов.
Минимум една шолја кафе во текот на денот испиено со парче тишина е сè што ни треба на сите. Некој го практикува ова наутро пред градот да се разбуди, а некој краде време за себе после пладне во стоплена и тивка просторија.
Една шолја кафе и парче тишина е ритуал кој не сакам да го прекршам. Освен кога наместо парче тишина си земам парче мелодија која ми ја растерува буката во главата.
Една шолја кафе и парче тишина е дневна навика која треба да трае доживотно. Навика која тешко се искоренува, а и нема потреба да се искорени. Дури тогаш кога овој ритуал ќе биде “прекршен“ сфаќаме колку ни биле потребни таа шолја домашно приготвено кафе и парчето тишина кои си ги имаме само за себе.
Убаво е кога знаеш како сакаат да го пијат кафето луѓето што ги сакаш. Овде зборувам за начинот на подготовка. Ако некој не знае на кој начин го пиеш овој напиток, не ги знае за тебе малите, но важни детали. Ја пијам мојата шолја кафе и си мислам колку сум сам среќна што го имам овој “луксуз“ на располагање.
За миг помислувам на сите оние што во моментов не можат да си го дозволат овојдневен ритуал и сфаќам колку сум благословена. Впрочем како што сме сите ние благословени што можеме во текот на денот да испиеме барем една шолја кафе или чај во сопствен мир, во омиленото катче во домот.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.