Велат дека ако се заљубиш во некого во декември, ќе го сакаш цел живот. Декемвриската љубов ќе те прогонува. Осуден ќе бидеш да сакаш некој кој можеби не те забележува. Девојката со зелени очи имаше токму таква судбина. И после сè, пак некогаш мислеше на него. Можеби го сакаше сѐ уште. Иако беше полош од сите други, тој премногу беше различен од сите нејзини љубови.
Првпат го здогледа во декември во читалната од гратската библиотека, каде доаѓаше за да избега од целиот немир и да ужива во добра книга. Забележа како тој си ги подлизнува врвовите на своите прсти и врти нова страница од неговата книга. Се згрози. Помисли на малиот милион бактерии кои му беа на прстите. Потоа се сети на мократа хартија и на тоа дека таа книга можеби еден ден ќе дојде во нејзини раце.
Потоа го погледна подобро. Ѝ се чинеше како згодно момче. Црната коса и кафеавите очи совршено се совпаѓаа со џемперот со локуми. И тој ја забележа неа. Уште по првиот разменет поглед меѓу нив се почувствува силна хемија. Двајцата чувствуваа толку силна привлечност, што ги влечеше еден кон друг како магнет. За миг помислија дека се сретнале претходно некаде, можеби во некој претходен живот.
Тој ден заедно си заминаа од библиотеката. Неколку дена заедно доаѓаа, читаа, разговараа за приказните и си одеа. Еднаш тој ја зграпчи за раменици, ја прилепи кон себе и ја бакна силно. Силно, но кратко.
– Доста е. Ќе заборавиш што си прочатала. – ѝ рече.
Девојката беше вљубена. Главата си ја вивна високо во облаците. Беше опседната со него. Сирота, не беше свесна колку очајно беше вљубена во типот со џемпер со локуми.
Неколку дена подоцна тој ја покани во неговиот стан. Живееше сам, на најгорниот кат од највисоката кула во градот. Според девојката, погледот од прозорците беше еднакво воодушевувачки како самиот тој. Ѝ подготви чај со рум. Потоа ѝ ги бакнуваше усните и вратот. Девојката го чувствуваше неговиот здив на себе и за неа немаше поубаво чувство од тоа. Се опи, но не од румот, туку од неговиот мирис. Се опседна. На светот не гледаше ништо друго, освен него. Почна да верува во сродни души и во магии.
На крајот, магијата излезе на виделина. Совршениот маж исчезна. Веќе не доаѓаше во библиотеката, не одговараше на нејзините повици, го немаше наоколу. По неколку дена таа разбра дека го напуштил станот и заминал во друг град. Бедник! Нејзината голема љубов се претвори во уште поголемо разочарување. Го познаваше ли доволно човекот во кој толку силно се вљуби? Дали можеби тој си заминал затоа што силно ја сакал? Дали се исплашил од заљубеноста? Срцето ѝ се распарчи, а потоа стана мраз студено. Таа повторно се претвори во девојката од библиотека со ѕидови околу себе, кои никој не успеа да ги сруши толку добро, како тој.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.