Skip to content

Вдахновение – Софија Петковска

  • by

Доцна во ноќта,
до прозорецот седната,
низ заледеното стакло,
погледот високо угоре кон небото го кренав.
Утеха барав,
отворен пат,
вдахновение.
Сјајната ѕвезда ја побарав,
онаа која на мудреците водилка им беше на патот,
да,
токму неа ја барав таа ноќ.
И во мигот кога решив да се откажам,
и во мигот кога решив да заминам,
ете ја, пред очиве мои се појави,
силно засвети, трепереше,
вибрираше,
се појавуваше, па исчезнуваше,
ко да ми зборуваше,
тајна порака ми испраќаше.
И тогаш,
во мојта глава глас се јави:
,,замисли си желба вечерва,
ноќта е волшебна,
биди благословена.
Во оваа ноќ,
Исус со живот се вдахна,
со љубов земјата ја прегрна,
со мудрост ја нахрани,
со благодарности ја напои.
Од оваа ноќ,
ти, љубов стори се,
мудро живеј, радувај се,
за сѐ заблагодарувај се
и тивко во себе помоли се,
молитвите услишени да станат,
желбите твои исполнети да се сторат.”
Гласот во мене запре, исчезна,
но телово спокој го облеа,
душава мир најде,
срцето радости полно.
И во тој боженствен миг,
мирисот на цимет и мед во воздухот,
мојот поглед од прозорецот го тргнаа.
Во реалноста се вратив,
во собата погледнав,
полна софра,
меки џемпери,
тивка музика,
насмеани лица,
прегратки и бакнежи.
Соба само љубов полна.
И тогаш,
само очите ги затворив,
три пати се прекрстив
и во себе тивко реков:
благословена си,
твоите молитви се услишани.

Софија Петковска

Напишете коментар