Skip to content

Кралот Мида и приказната за алчноста

Приказната за кралот Мида е мит за трагедијата предизвикана од алчноста. Станува збор за приказна што укажува на тоа што се случува кога вистинската среќа не се цени. Мида бил човек што посакал неговиот допир да претвора сѐ во злато. Меѓутоа, тој не помислил дека неговата желба никако не е благослов, туку, напротив, проклетство. Неговата алчност нѐ тера да размислиме за последиците од кои може да станеме робови на сопствените желби. Фразата допирот на Мида доаѓа од овој мит и се употребува за оние што имаат големо богатство.

Желбата на Мида

Мида бил богат крал, кој владеел со Фригија, Мала Азија. Имал сѐ што еден крал можел да посака. Живеел во изобилство во својот голем дворец. Таквиот живот со изобилства го делел со својата прекрасна ќерка. Иако бил многу богат, Мида сметал дека најголемата среќа доаѓа од златото. Неговата алчност била толку голема, што деновите ги поминувал броејќи ги своите златни пари. Имал навика понекогаш да си го покрива телото со златни предмети, како да сакал да се избања во нив. Парите биле негова опсесија.

Еден ден, Дионис, богот на виното и пијаните веселби, поминувал низ кралството на Мида. Еден од неговите придружници, сатирот Силениј, заостанал на патот. Силениј се уморил и решил да дремне во прочуената градина околу дворецот на Мида. Таму бил пронајден од самиот крал, кој веднаш го препознал и го поканил да помине неколку дена во дворецот. Потоа Мида го одвел Силениј кај Дионис. Богот на славјето му бил многу благодарен на Мида поради љубезноста, ветувајќи му дека ќе му ја исполни секоја желба. Откако малку размислил, Мида рекол: „Посакувам сѐ што ќе допирам да се претвора во злато.“

Дионис го предупредил да размисли добро за таквата желба, но Мида не го променил мислењето. Дионис не можел да стори ништо друго, освен да му вети дека од утре желбата ќе му се исполни.

Проклетството на Мида

Следниот ден, Мида се разбудил полн со љубопитство, сакајќи да види дали желбата му се исполнила. Ја пружил раката кон една мала масичка, која веднаш се претворила во злато. Потоа ги допрел столот, тепихот, вратата, кадата, масата… Како во некој наплив на лудило, трчал низ дворецот, сѐ додека не се изморил. Бил среќен. Кога седнал да појадува, зел една роза за да го почувствува нејзиниот мирис. Но кога ја допрел, се претворила во злато. „Претпоставувам дека ќе морам да уживам во мирисот, без да ја допирам розата“, помислил разочарано.

Дури и без да помисли, зел да јаде грозје, но и тоа се претворило во злато. Истото се случило и со кришката леб и чашата вода. Одненадеж, почнал да чувствува страв. Очите му се насолзиле и во тој миг во собата влегла неговата сакана ќерка. Кога Мида ја прегрнал, таа се претворила во златна статуа. Очаен и преплашен, ги подигнал рацете, молејќи го Дионис да го поништи проклетството.

Крајот на страданијата на Мида

Дионис го чул Мида и му станало жал за него. Му рекол да отиде до реката Пактол и да си ги измие рацете. Мида го направил тоа: оттрчал до реката, вчудовиден од тоа како злато му тече од рацете. Старите Грци велеле дека го нашле тоа злато на бреговите на реката Пактол. Кога се вратил дома, сѐ што допрел се вратило во првобитната, нормална состојба.

Мида ја прегрнал ќерка си, сиот пресреќен, и решил да го подели своето огромно богатство со својот народ. Оттогаш Мида станал подобра личност. Бил великодушен и благодарен за сите добра во својот живот. Неговиот народ водел убав живот и кога Мида умрел, сите тагувале по својот сакан крал.

Извор

Напишете коментар