Кога не врне
Ги протегам нозете преку душекот
и не досегам ниту близу до тебе,
ама знам дека тука си
оти делиме исто ќебе.
И не ми студи како порано
ниту ми ѕебнат табаните,
ти наѕираш приквечер низ пенџере
штом тропнат ќепенци на таваните.
Тогаш кога ѕвонат олуците
од виулици што навестуваат дождови
и кога не врне,а влага ми е в очите
доцнат безвремено моите возови.
И чекам да зазори
да се напласти памук на душа,
така полесно се голта јанѕата
дека љубам, а никој не ме слуша.
Ирена Белешковска