Skip to content

Странци – Лина Димоска

Маски.
И илјадници на лицево да ставам,
ќе ме препознаеш.
Од погледот ќе прочиташ дека душата ми плаче,
а телото копнее само по тебе.
Сакаме.
И двајцата сакаме веќе да не се сретнеме.
Погледите да не ни се судрат.
А телата да се разминат некогаш,
во староста,
кога веќе за сè ќе биде прекасно.

А копнееме.
Знаеме.
Чувствуваме.
Љубиме други.
Нè љубат други.
А сами сме.
Сами сме во свет полн со лажна насмевка
и копнеж за уште еднаш
очите да ни се сретнат.

Да, очите.
Твоите очи.
Твоите најубави очи
кои нема никогаш да се изменат.
Дури ни по миленнуми.
Се тешам.
Се тешам дека во нашето време
и на нашето место
засекогаш сме заедно.

Таму јас ти ја галам косата,
а ти уживаш.
Таму тонам во твоите мисли,
длабоко и тајно.
Таму, на тие места,
дел од нас остана засекогаш
сокриен во ветерот
кој никогаш не ќе престане да раскажува.

Дали се изменивме толку,
за веќе да не се познаваме?
Или јас засекогаш ќе ги знаам
твоите омилени нешта на памет,
а ти моите
и низ мислите ќе ми минува само една песна.
Онаа нашата.
Онаа која ми ја пееше сосема случајно
откако веќе се разделивме.

Датумите и часовите веќе не ги помнам,
но точно се сеќавам на секој наш заеднички миг,
на секој твој поглед,
на секое проголтано “Здраво“
кое застануваше некаде во нашите грла.
А можевме.
Можевме да бидиме многу повеќе.
Да отидеме и до месечината.
И на нашите омилени места.
И заедно да направиме многу работи.

Можеме ли се уште?
Можеме ли?
Остануваат само прашањата
кога сфаќам
дека во сите други те барам,
но не те наоѓам.
Затоа што си полош,
но далеку подобар од нив.

Се сеќавам понекогаш на тебе
кога зората се поздравува со ноќта
и се прашувам дали некогаш
тоа “Здраво“ пак ќе биде кажано,
а тие копнежи исполнети.
Ќе останеме ли засекогаш странци
кои најдобро се знаат еден со друг
или нема да дозволиме
веќе душата да нè боли?

Којзнае.
Сè до тогоаш ќе се повредуваме.
Ќе повредуваме и други,
несакајќи,
несвесно,
а најдлабоките рани
ќе си ги задаваме самите на себе.
Со сопствените раце.
Со сопствените мисли.
Со сопствената гордост и совест.

Напишете коментар