Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2021 за најдобра дебитантска книга од млад автор.
Конкурсот ќе трае до 1 март 2021, а може да учествуваат сите дебитантски книги на млади поети (под 35 години), а лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
Како се аплицира?
– Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат и најмалку пет песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Крајниот рок за пристигнување на книгите на адресата на СВП е 1 март 2021. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на веб-адресите на СВП: [email protected] и [email protected]. Кандидатите треба да го испратат ISBN бројот заедно со три книги во печатена форма – соопшти Националната установа Струшки вечери на поезијата.
Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот – лауреат во превод на македонски јазик. Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на годинашното фестивалско издание, каде ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 Март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.
Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013, Хари Ман (Велика Британија) 2014, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015, Руна Светликова (Белгија) 2016, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017, Паули Тапио (Финска) 2018, Моника Херцег (Хрватска) 2019 и Мартина Стракова (Словачка) 2020.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.