Уште ја чувам фотографијата од нашата свадба, нашата мала свадба на која присуствувавме само јас и Рашела. Таа во рацете држи букет од неколку бели рози, а јас стојам зад неа како да сакам ѝ кажам дека на мене секогаш ќе може да се потпре. Успеав да ја сочувам и покрај сè што поминавме едно време јас и Рашела, а потоа јас самиот.
Нејзините сини очи прв пат ги видов на кејот на реката Вардар, кога мајсторот, кај што бев чирак, ме испрати да однесам пар чевли кај една стара Еврејка во еврејското маало. Знаев дека залудно ќе ја гледам Рашела. Нејзниот татко никогаш немаше да ја даде за христијанин, каков што бев јас. Ама ако. Очите ѝ беа толку убави и чисти и чиниш кога гледаш во нив како небото пред себе да го гледаш. Бев малд и будалест.
Наредниот ден пак истрчав во еврејското маало. Сакав барем да разговарам со прекрасната млада жена. Не знам зошто, но Рашела пак стоеше крај реката. Собрав храброст и се доближив до неа.
– Ќе ми го кажеш барем името?
– Се викам Рашела. А кој си ти?
– Јас сум еден чирак. Обичен чирак.
После нашата прва средба работите меѓу мене и Рашела се менуваа и тоа на подобро. Некогаш ќе ѝ купев ѓеврек, па заедно ќе го јадевме шетајќи крај Вардар и држејќи се за раце. Една летна квечерина тропнав на прозорецот од нејзината соба, но таа не излезе. Неколку дена шетав наоколу и ја барав. Ја барав барем да ја сретнам. Рашела ја немаше околу. По неколку дена нејзината пријателка, Хана, дојде во дуќанот кај што работев и ми кажа вечерта да ја чекам Рашела и дека јас сум знаел каде. Секако дека знаев.
Таа летна квечерина тргнав кон брегот. Срцето ќе ми излеташе од возбуда. После неколку дена ќе си ја видев мојата Рашела. Таа стоеше со ликот свртен кон водата. До себе имаше еден куфер. Се прашував што се случува кога ја гледав така од далеку, ама не се обесхрабрив ни миг, туку ѝ се доближив и ја фатив за рака.
– Татко ми ќе ме убие, Павле, ама јас одлучив да избегам со тебе.
Во мојот живот, никој, никогаш не ми кажал поубава реченица од таа. Толку бев среќен, толку бев исполнет, што мислев дека нема посреќен човек од мене на светот. Таа вечер Рашела не се всели само во мојот дом, туку ми се вгнезди и во срцево. Никогаш нема да го заборавам вкусот на нејзините усни, мирисот на нејзината кожа и нежноста на нејзините бедра. За очите нејзини што би кажал? Никогаш не се вљубувајте во нечии очи. Очите на човекот засекогаш му остануваат исти, па ќе го сакате цел живот. Јас ниту еднаш не се покајав во врска со Рашела.
Направивме мала свадба. Јас, таа, мајка ми и Хана. Затоа и на фотографијата сме само јас и таа. Брзо потоа дојдоа бугарските фашисти. Натаму не знам што да кажам. Понекогаш посакувам да не се сеќавам. Тогаш кога требаше да бидеме најсреќни, најмногу да си се радуваме еден на друг, ние се плашевме. Рашела сметаше дека не треба да се крие и дека тие гадови ништо не ѝ можат. А јас толку многу сакав да ја сокријам негде. А каде би ја сокрил подобро, од во срцево?
Се случи онака како што претпоставувате, ја однесоа во Треблинка, но никогаш не успеаа да ја земат од мене. Таа ми е во срцево. Ете затоа не успеаа да ми ја земат. Никогаш не ми се врати, а ја чекав. Долго ја чекав. До ден денес кога ги затворам очиве, пред мене ми излегуваа таа и како да е тука, како под прстиве да ми е, како да си играм со прамените од нејзината кафеава коса, како во нејзините очи да го гледам сиот бес, сиот копнеж, цела желба за живот што пламтеа во неа, но штом ги отворам очиве неа ја снемува. Ја нема, а тука ми е. И во мислите и во срцево и во сите мои мечти и сонови.
Понекогаш како да чувствувам дека е крај мене, како нејзиниот глас да ми шепоти дека морам да продолжам, дека денес е нов дека и дека можеби токму денес мене ќе ми се случи нешто убаво.Продолжив со животот. Морав. Што ни останува нас освен да продолжиме онака како што најдобро знаеме и умееме? По неколку години се оженив и на мојата ќерка ѝ го дадов нејзиното име. Ја крстив Рашела. И секогаш кога ја довикувам и со радост ми се полни душава и од тага ми се распарчува срцево. Јас сеуште ја чекам мојата Рашела. Чекам. Само трпеливо чекам.
На крајот знам дека пак ќе ја сретнам. Во рајот или во пеколот, не е ни важно. Знам дека нејзините сини очи ќе ја пречекаат мојата душа некаде, на некој друг свет, кога ќе дојде време за тоа. До тогаш ќе ја спомнувам. Секогаш на неа ќе мислам додека чекорам крај Вардар. Фотографијата од нашата свадба ќе ја чувам во левиот џеб од капутот за таа да ми биде близу до срцево. Ќе ја сакам. Тивко ќе ја сакам. Таа и онака е секаде наоколу мене. Таа е небото затоа што нејзините очи имаа иста сина боја како небото.
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.