Во незаборавната и историска 1943-та година се случиле крупни и неизбришливи настани за целото човештво. Најпогодени биле Евреите кои ги поднеле најголемите последици од владеењето на Хитлер и неговата политика.
Последните спомени кои ги поврзувале стотиците луѓе со нашава земја била калдрмата која води до тутунскиот монопол кој служел како собирен центар. Од таму македонските Евреи со возови биле пренесувани до нивната последна станица – Треблинка. Им било кажувано дека ќе работат во Бугарија додека жедни и прегладнети чекале во малите простории на монополот. Тогаш мало дете, Исак се сеќавал како преку прозорот ѕиркал кон езерцето во дворот на фабриката гледајќи го пливањето на рипките, но го посведочил и качувањето на неговите дедо и баба во возот.
Ова било нивно последно видување. Малиот Исак ќе ги помни како се качуваат во воз мислејќи дека некогаш повторно ќе ги сретне без да биде свесен дека тоа било нивниот последен заеднички спомен. Дедото и бабата Евреи возејќи се во возот ги искусувале нивните последни мигови на слобода, на живост и колку толку спокој. Тропкањето на шините било како една воведна мелодија на она што следува откако тие ќе престанат да се движат. Пејзажите што ги набљудувале преку прозорецот биле сведоштво за животот што го напуштаат. Како едно последно збогум со звуците на природата, дрвјата, птиците, нивните сакани што останале којзнае каде во некои возови во еден правец.
Двајцата фатени за рака стуткани и преплашени во нивните седишта се молеле за чудо, а истовремено биле свесни дека одат во пропаст. „Ако има правда во светот, сите ќе се спасиме“, шепотела бабата со главата спуштена на рамото на нејзиниот сопруг. „Да имаше правда, немаше да се возиме овде“, си помисли дедото во себе, но не го изгусти тоа бидејќи се плашеше да не бидат застрелани на лице место. „Не се грижи мила, тука сум покрај тебе, нема да те оставам сама“, ѝ шепна тивко и ја бакна на чело додека се упатуваа во Треблинка – нивната последна дестинација.
Исак заедно со неговите родители успева да се спаси од монополот со поткуп на бугарски војник. Тој им дозволил да избегаат, па така тие тројца ја напуштиле Македонија. И преку Охрид заминале во Албанија каде за среќа антисемитизмот не бил развиен. Преправајќи се дека се Турци, ги запазуваат исламските обичаи, постат за Рамазан, само за да бидат прифатени, да не бидат протерани од земјата каде привремено го нашле спасот.
После неполни три години криење, тричленото семејство се преселува во Изреал во напуштена арапска куќа. Како номади кои лутаат од едно одредиште до друго, личејќи на птици преселници малиот Исак, мајка му и татко му Соломон доживуваат трауми кои со ништо не можат да се избришат. Запечатена нивната судбина за навек, потсетувајќи се дека им била извршена неправда која никогаш нема да ја заборават среќни беа за втората шанса што ја добиле. Или самите се избориле за неа. Цели педесет години не стапнале на македонското тло од кое со сигурност директно ќе биле испратени во смрт доколку член на “бугарската администрација“ не успеал да ги спаси.
Имале среќа да бидат едни од сто и педесетте спасени евреи во тој транспорт, едноставно таква им била ѕвездата. Но не Давидовата, туку онаа која ја носеле од самото раѓање. Морале да се збогуваат засекогаш од многу нивни роднини и блиски луѓе. „Во мислите засекогаш ќе ги носам живи сликите од сите луѓе кои не ги видов повеќе, а ги сакав и ја носеа мојата крв“, сведочи сега веќе возрасниот Исак кој ги помни лицата од неговото детство.
Кога Исак славеше осумнаесет години, татко му Соломон му рече за да го потсети: „Сине Исак, никогаш немој да заборавиш од каде си дошол, кои сме ние и што претрпевме! Биди горд на своето потекло, на сите предци кои настрадаа невини, недолжни. Да не дозволиме идните генерации да посведочат ништо слично во иднина“. „Ти ветувам татко, јас сум горд Евреин и никогаш нема да те разочарам. Никогаш нема да се срамам од моето потекло, напротив, ќе бидам горд и ќе се борам против сите неправди. Не само против неправдите на мојот народ!“, рече Исак и се прегрнаа, додека мајка му го намести тајмерот на апаратот за сликање. Застана до нив и тројцата прегрнати се фотографираа покрај скромната торта.
Потсетувајќи се на тој кобен ден во далечната 1943-та година кога над 7000 македонци беа депортирани во логорите, татко му на Исак беше среќен што тие тројца можат да се наречат: “спасените“. Избегаа од еден живот, напуштија неколку земји за да можат да ѝ избегаат на смртта и одново да почнат во уште една нова животна шанса.
Соломон веќе како деведесет годишен старец во магла се сеќаваше на неговото минато. Сеќавањата иако избледени и како да се случувале во некои претходни животи, сепак беа живи, поточно поживи од никогаш. Имаше среќа да им се радува на внуците, таквата која им беше одземена на неговите татко и мајка. Не им беше дадено да му се радуваат на Исак и на неговите братучеди. И покрај толку години никогаш не успеваше да разбере колкава можеше да биде човечката злоба произлезена од моќта. Се обидуваше да прости, да најде едно логичко објаснување.
„Простено им беше со половина срце, но никогаш заборавено“, си мислеше Соломон. „Да се поигрува со човечките животи на ваков начин е болно, дискриминаторско и недолично“, велеше Исак додека со син му ги изучуваа лекциите по историја за во училиште. „Имаш среќа што се роди во подобри времиња, сине!“, му рече Исак на својот син кој беше крстен по прадедо му. „Научи ја добро историјата на својот народ, познавај ја и туѓата историја, не ги заборавај корените. Но добро запомни го нашето минато, нашата животна судбина. Ние не сме реинакрнација на злото, доброто лежи во секој човек, а злото го прават луѓето со нивните лоши постапки и одлуки“, заклучи Исак кога беа при крај со тогашното учење.
„Ова е најдобрата лекција на која можам да те научам, да бидеш добар човек покрај сè. Да не ги делиш луѓето по ниедна основа, да помогнеш колку што можеш. Да подадеш рака на најранливите, да го браниш своето, а туѓото не ти треба. Биди човек кој ќе прави добри дела, кој на неправдите нема да одговара со неправда, туку со разбирање и разум. Немој да го заборавиш ова, момче мое паметно. Да не заборавиме, но запомни декан не смее никогаш да се повтори нашата историја“, рече Исак и го затвори учебникот.
(Текстот е инспириран од животната приказна на детето Исак и татко му кои после 50 години повторно се враќаат во Македонија на истото место од кое требало да бидат депортирани во Треблинка. Дел од случките се вистински, дел измислени).
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.